Протести пред БПЦ: Одлуката ја донеле под странски диктат
Објавено во: Балкан 16 Мај, 2018
Пред седиштето на Синодот на Бугарската православна црква во Софија денеска се одржува протест поради одлуката да не се учествува на одбележувањето на илјадагодишнината од основањето на Охридската архиепископија на 27 мај во Охрид.
Организаторот, Фондацијата „Бугарска памет“, смета дека одлуката е донесена под странски диктат и без знаење на бугарскиот патријарх Неофит.
- Треба да се провери странското влијание врз бугарските институции кои рабаотат како држава во држава во корист на туѓи интереси. Одлуката на Синодот на БПЦ е донесена под странски диктат, изјави Врабевски.
Учесниците на протестот бараат одговор од Синодот на БПЦ за последната одлука да му се забрани на бугарскиот висок клир да учествува на чествувањето на илјадагодишнината на Охридската архиепископија.
Синодот на БПЦ на 14 мај донесе одлука да не биде прифатена поканата на поглаварот на МПЦ ОА г.г. Стефан за заедничко одбележување на илјадагодишниот јубилеј на Охридската архипеископија. За таа одлука гласале осум бугарски владици, а четворица биле против. На синодската седница на која била донесена одлуката не присуствувал поглаварот на БПЦ, патријархот Неофит.