19 Април, 2018
0.0740

Путин се враќа на изворните принципи за Балканот

Објавено во: Колумни 22 Декември, 2017

Русите конечно согледаа дека Балканот за нив е политички изгубен. Не дека не го знаеја тоа. Тој за нив е изгубен уште од времето на Борис Елцин. Но обидите да се искористи вакумот во политика на проширување на Европската Унија и посебно настаните на Украина не вродија со конкретен руски плод на Балканот. Една по друга балканските држави заминуваат во НАТО или се подготвуват за тој пат, а некои веќе се во ЕУ или ги имаат почнато преговорите за членство во Унијата.

Да не беше посетата на српскиот претседател Александар Вучиќ на Москва, човек ќе помислеше дека таму владее молк за Балканот после периодот на руска медиумска агресија и дипломатски изјави кои имаа за цел да „отворат“ очи на растечката американска „инвазија“ на Балканот. Во оваа насока индикативна е и една изјава на портпаролот на руското министерство за надворешни работи, Марија Захарова, за Македонија. На редовниот брифинг за новинарите на почетокот на месецов од неа беше побаран коментар за „ситуацијата во Македонија, каде што на крајот на минатата недела дојде до апсења на претставници на опозицијата, кои во април годинава учествуваа во организирање на антинатовски митинзи. Тие се уапсени за учество во инцидентот во парламентот“. Одговорот на Захарова беше:„За ова јас немам никаква реакција. Можам да прецизирам кај експертите. Ако има нешто ќе ви кажам“. Еве поминаа уште два брифинга на Захарова, а јавен одговор нема. Веројатно експертите нема што да кажат.

Навистина чудно. Само неколку недели пред тоа од нејзината уста излегуваа коментари на сметка на новата македонска влада, на сметка на министерката Радмила Шекеринска и на премиерот Зоран Заев. Дали конечно Русите сфатија со кого си имаа работа во Македонија. Или пак почнуваат полека да ја менуваат политиката? Прво ги сменија кадрите што ја креираа балканската политика. Еден заменик министер за надворешни работи замина во дипломатија, рускиот амбасадор во Србија, според некои извори наскоро ќе замине од Белград. И тоа оној амбасадор кој ја „строеше“ премиерката Ана Брнабиќ да му ги даде снимките од изјавата за еден британски медиум со цел да се демантира нејзина изјава. Демек не го рекла тоа што го објавил медиумот. Кутрата Брнабиќ морала да му се правда на тој амбасадор.

Е сега, по посетата на Вучиќ на Москва се менува впечатокот за односот на Русија кон Балканот. На заедничката средба со новинарите на Владимир Путин и Вучиќ, рускиот претседател повеќе зборуваше за економијата и културата отколку за политиката во руско-српските односи. Еден куп бројки презентираше Путин околу економската соработка.  Инвестиции, трговска размена, нафта, гас, извоз, реекспорт...беа најчесто изговорени зборови од страна на Путин. Потоа идејата за создавање на Зона на слободна трговија меѓу Евроазискиот економски сојуз. Потоа доаѓаат културните теми. Руската соработка околу мозаиците на храмот „Св. Сава“ во Белград, гостувањето на ансамблот „Александров“ во Србија, зголемениот интерес за учење руски јазик во Србија...А за политиката? Разговарано, според Путин, е за тековните состојби на Балканот. Русија е заинтересирана за стабилизација на ситуацијата во регионот, за развој на врски од заемна полза со сите балкански земји. А за Србија и нејзиниот проблем со Косово ситуацијата може да биде решена по политички пат. Русија ќе го поддржи секое заемно прифатливо решение што ќе го постигнат Србија и Косово. Во една реченица, економија и култура, а за политиката ваша е одлуката.

Сето ова наликува дека Русија се враќа на изворните принципи на Владимир Путин за развој на односите со државите на Балканот. Тие беа економија и култура, пред се’. Во изминативе години Русија отстапи од нив. А резултатот од таквата политика е сите држави од Западен Балкан сакаат да одат во ЕУ, а мнозинството во НАТО. Не дека немаше да одат во НАТО и ЕУ и без промената на руската политика, но тогаш заминувањето ќе беше без создавање проблеми во меѓусебните односи.

Според московската Карнеги фондација Русија на Балканот се стреми да си ја зачува за себе репутацијата на влијателна светска држава и да ја отежни интеграцијата на државите од регионот во евроатлантските структури. Тие цели Москва ги турка со нискобуџетни методи – впечатливи симболични гестови и пропаганда. Притоа Кремљ не е подготвен да вложува во таа насока сериозни ресурси, бидејќи зацврстувањето на позициите на НАТО на Балканот не создава директни закани за безбедноста на Русија. Од друга страна Москва е убедена дека Западот се стреми да ја потисне од постсоветското пространство, па затоа нема стимул да ги поддржи неговите обиди за конечно решавање на балканските конфликти. Преведено на обичен јазик ова погоре значи дека Западниот Балкан не е во приоритетите на руската надворешна политика. Москва е подготвена да ги следи своите цели во регионот само до тогаш, додека од неа не се бараат сериозни влогови.

Ако се суди според резултатите од посетата на Вучиќ на Москва тогаш таа ќе биде задоволна и со тврдењата на српскиот претседател дека неговата држава ќе остане воено неутрална. Иако во јавноста не се прозбори за Рускиот центар за вонредни ситуации во Ниш, сигурно во разговорите станало збор и за барањето на Русија на тој Центар да му се даде дипломатски статус. А на што реагираат западните дипломати. Србите веројатно ќе ги извагаат сите предности и мани од евентуалното давање на таков статус, но се чини дека ќе го задоволат таквото руско барање. За возврат Русите ќе им помогнат околу Косово. Дотолку повеќе што поранешната српска покраина сака во игра да ги вклучи Американците, а Србите пак во таков случај за свој адут ќе ги имаат Русите. Од друга страна, пак, ова повторно зборува за европската инфериорност на Балканот.

Европската Унија сега е во фаза на себе преиспитување и до конечното себе осознавање и воспоставување на нов темел на градење на единството во Унијата таа нема намера, ниту помисла за некакво проширување. Тоа значи земјите од Западниот Балкан одново ќе бидат фрустрирани во напорите да се доближат и да влезат во Унијата. Истовремено тоа ќе биде можност за Русија уште некој период да си ја чува репутацијата за голема светска сила која може да одлучува за иднината на регионот. Ова особено по најновата американска стратегија за национална безбедност. Во неа Русија и Кина се главни непријатели на САД. А тоа значи дека од регионална сила, во времето на претседателот Барак Обама, Русија сега навистина е признаена за светска сила.

Светска сила или не, за Западниот Балкан од полза ќе биде, ако Русија навистина се враќа на изворните принципи на Путин за Балканот. Не еднаш сме ги споменале руско-словенските односи. Економија и култура пред се’. А Словенија е членка на НАТО и ЕУ, и сето тоа не пречи за меѓусебни пријателски односи кои би можеле да служат за пример. 

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

ЕУфорија во Македонија - Дали Грција ќе ни го расипе славјето?

ЕУфорија во Македонија - Дали Грција ќе ни го расипе славјето?

Ефективноста на управувањето со земјоделската одржливост

Ефективноста на управувањето со земјоделската одржливост