Работна средба Узунчев –Рокас: ЕУ е стратешки партнер на АД ЕСМ во новиот инвестициски циклус
Објавено во: Економија 13 Февруари, 2025 13:40
Работна средба Узунчев –Рокас:
ЕУ е стратешки партнер на АД ЕСМ во новиот инвестициски циклус
Капиталните инвестиции во нови производствени капацитети од обновливи извори и предизвиците на патот кон целосна трансформација на зелена енергија беа главни теми на денешната работна средба помеѓу генералниот директор на АД ЕСМ Лазо Узунчев и евроамбасадорот Михалис Рокас. На состанокот присуствуваа директорот за финансии на АД ЕСМ, Иван Стојановски, и Александру Албу, раководител на оператива 2 во Делегацијата на Европската Унија во Скопје.
Узунчев го запозна евроамбасадорот Рокас со плановите на АД ЕСМ за инвестирање во нови производствени капацитети од обновливи извори на енергија, како дел од стратегијата за енергетска транзиција на земјата. Разговарано е за предизвиците со кои се соочува Друштвото, вклучувајќи ги техничките, финансиските и регулаторните аспекти.
Истакната е поддршката на ЕУ, која, преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF), е стратешки партнер во реализацијата на клучни енергетски проекти.
„АД ЕСМ е активен корисник на грантови преку WBIF, кои претставуваат силна финансиска поддршка за нови производствени капацитети и одржување на постојната техничко-технолошка опрема. Користиме грант од речиси 9 милиони евра кој учествува во вкупната финансиска рамка за втората фаза од изградбата на ветерниот парк Богданци, чија реализација ја најавивме пред неколку дена. Подадената рака на ЕУ на патот кон декарбонизација на производните процеси е од клучно значење за зголемување на производното портфолио на АД ЕСМ со нови електрани од обновливи извори. На тој начин ќе создадеме платформа за поголема конкурентност на извезените домашни производи поради адаптација со регулативата за јаглеродно гранично прилагодување и ќе ја намалиме увозната зависност на земјава од електрична енергија“, истакна Узунчев.
Евроамбасадорот Рокас ја истакна поддршката на Европската Унија за енергетската транзиција на Северна Македонија и изрази интерес за понатамошна соработка со АД ЕСМ во овој процес.
Констатирано е задоволство од досегашната соработка со Делегацијата на Европската Унија во Скопје и подготвеност за дополнително продлабочување на партнерството во новиот инвестициски циклус на компанијата. Оваа средба е уште еден чекор напред во напорите на земјава да ја трансформира својата енергетска инфраструктура и во перспектива да стане зелена енергетска сила во регионот.
Можеби ќе ве интересира
Украинска телекомуникациска компанија излегува на Берза

ДИЗАЈНЕРОТ КОЈ ЗАРАБОТУВА 60 МИЛИОНИ ДОЛАРИ ГОДИШНО - тој го тврди она што на многумина нема да им се допадне, а особено на жените

ДАЛИ НИТУ НАЈБЛИСКИТЕ ПОВЕЌЕ НЕ МУ ВЕРУВААТ - братот на Илон Маск продаде акции вредни речиси 30 милиони долари

ПЛАТИТЕ ВО ХРВАТСКА НИКОГАШ ПОВИСОКИ - но само една третина заработува повеќе од просекот

ЗЕМЈА КАДЕ РАБОТАТ МНОГУ МАКЕДОНЦИ: До 2030 година ќе им требаат половина милион работници

УШТЕ ЕДНА ЗЕМЈА ОД РЕГИОНОТ „УВЕЗУВА“ РАБОТНИЦИ: Им требаат градежници, заварувачи, бравари...

ДЗС ОБЈАВИ НОВИ ПОДАТОЦИ: Колку изнесува просечната плата во земјава?
