21 Октомври, 2021
0.0798

Регулација на крипто-средствата: Дали оданочувањето може да го забрза процесот на општо прифаќање?

Објавено во: Финансии 20 Септември, 2021

...Се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот...“

Член 55 од Македонскиот устав

Брзиот развој и интензитетот на иновациите, проследени со импресивниот износ на инвестиции во сферата на финансиски технологии во изминатите години, имаа силен ефект врз глобалните финансиски пазари. Исто така, новите технолошки решенија како децентрализирани финансии, виртуелни средства или новите форми за чување на вредност како што се т.н. NFT (незаменливи токени), ги мотивираа централни банки низ целиот свет, вклучително САД, Кина и ЕУ да започнат сопствени проекти за модернизирање на националните финансиски системи. Во овој контекст, сè почести се примерите кога развиените светски економии истовремено подготвуваат регулаторна рамка за т.н. крипто-средства и започнуваат со активности за развој и воведување на централнобанкарски дигитални валути. Иако моменталната пазарна капитализација на крипто-средствата изнесува околу 2,2 трилиони долари, не постои општо прифатен глобален пристап како оваа нова класа на имот да се класифицира, односно дали да ѝ биде обезбеден некаков легалитет и легитимитет. Народна банка на Република Македонија на почетокот на оваа година,во одредена мера,го омекна својот рестриктивен пристап кон крипто-средствата со објаснување дека истите не се забранети со закон, односно не се воопшто предмет на регулација. Меѓутоа, од правен аспект, прифаќање на фактот за постоење на виртуелни средства, без квалитет на регулација, претставува сериозна закана за потрошувачите и претприемачите, а во крајна линија и помали буџетски приходи.

Пазарите без јасно дефинирана регулација се исклучително привлечни за криминалните организации кои често остануваат неказнети поради недостаток на соодветна правна рамка. Покрај тоа, во сферата на криптовалутите постои можност за анонимно дејствување при што на поединци и на групи им се олеснува начинот како да ги избегнат властите. Токму во сферата на крипто-валутите во последните години се случија цела серија измами, кражби и други кривични дела. Имено, дел од овие измами предизвикаа штети штосе проценуваат во милијарди евра. Следењето илегални активности во оваа област претставува сериозен предизвик не само за оние земји кои веќе направија значајни чекори да создадат квалитетна правна рамка за регулација на криптовалутите. Меѓутоа, подобрената регулација на овој сектор, која ги обврзува давателите на услуги да регистрираат и да доставуваат релевантни податоци до државните органи, значи и повисоко ниво на заштита бидејќи се потребни дополнителни напори за извршување на измами и други кривични дела. Во исто време, регулирањето на криптовалутите им овозможува на различни групи претприемачи и иноватори легално да создаваат додадена вредност, потпирајќи се на јасни правила и предвидлива идна правна рамка.

Значајно е да се спомене дека освен поединците, корист од ваквата законската регулатива во значителна мера има и државата преку зголемен износ на даночни приходи. Имено, во моментов во САД се воведуваат законски измени, со што ќе се овозможи детално следење на директните трансакции со криптовалути помеѓу дигиталните паричници. Преку законските измени, федералното законодавство очекува остварување на дополнителни даночни приходи, кои би требало значително да помогнат при финансирање на големи инфраструктурни проекти. Во исто време, ЕУ подготвува нови мерки за следење на трансакциите во рамките на европскиот систем за спречување на перење пари. Исто така, се подготвуваат повеќе регулативи во различни сфери за размена на информации помеѓу земјите членки за даночни прашања со цел вклучување информации за сметки за криптовалутите.

Сето погоре кажано упатува кон недвосмислен заклучок дека регулацијата на криптосредствата е исклучително значајна. Ова, исто така, се однесува и за земјите аспиранти за влез во ЕУ, за кои ова ќе претставува обврска во блиска иднина. Имено, Европската Унија во моментов ги интегрира прописите за криптовалути во голем број нејзини прописи, уредби и директиви. Првиот ваков Европски правен извор, чија содржина ќе се спроведе во Република Македонија, е новата Директива за спречување на перење пари и финансирање на тероризам. Сепак, приближувањето кон ЕУ во областа на финансиските пазари, даноци и размена на податоци, нема да биде можно без јасна регулација на крипто-средствата.Затоа, се поставува прашањето како РепубликаМакедонија може да ја регулира оваа област?

Истражувањата покажаа дека значителен број држави имплементираа правила за крипто-средствата најпрвин преку индиректно толкување на даночните прописи. Имено, даночните власти кои први го препознаа обемот и важноста на оваа област мораа да ги класифицираат крипто-средствата за даночни цели, односно како основа за оданочување. Македонскиот правен систем е сличен на хрватскиот, така што може да се извлечат одредени паралели во однос на класификацијата од страна на хрватската даночна администрација, како и во однос на другите ставови и мислења на Европскиот суд за правда во врска со данокот на додадена вредност. Всушност, во комбинација со веќе планираните измени во правната рамка во Република Македонија,може да се дефинираат контурите на регулацијата на крипто-средствата. Така, крипто-средствата претставуваат форма на нематеријални дигитализирани средства, а крипто-валутите се средство за плаќање. Затоа, договорите склучени со традиционалните крипто-валути, како што е биткоинот, всушност претставуваат Договори за продажба. Конечно, ако моменталната состојба на регулација правилно се применува во однос на крипто-средства, нуди добра основа за понатамошно регулирање и приспособување кон надворешните стандарди.

М-р Андреј Илиевски, докторанд по економски науки, со над 20-годишно банкарско искуство на различни раководни и професионални позиции.

Д-р Шиме Јозиповиќ, вонреден професор на Економскиот факултетот во Сплит, Република Хрватска (раководител на катедрата Жан Моне).

Д-р Марко Перкушиќ, вонреден професор на Економскиот факултетот во Сплит, Република Хрватска.

Напомена: Колумната е инспирирана од претходно напишан и прифатен научен труд кој што ќе биде објавен во меѓународното научно списание „The Iustinianus Primus Law Review“, во издание на Правниот факултет „Јустинијан Први“ –Скопје, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“


Можеби ќе ве интересира

ИНФЛАЦИЈАТА СЕ ОЧЕКУВА ДА „СПЛАСНЕ“ ДУРИ ИДНАТА ГОДИНА - средба на гувернерката Бежовска со шефицата од ММФ

ИНФЛАЦИЈАТА СЕ ОЧЕКУВА ДА „СПЛАСНЕ“ ДУРИ ИДНАТА ГОДИНА - средба на гувернерката Бежовска со шефицата од ММФ

ИНТЕРВЈУ ДАМЈАНОВИЌ: Во вкупниот број трансакции учествуваат околу 5.000 правни и физички лица, од нив 550 се редовни инвеститори

ИНТЕРВЈУ ДАМЈАНОВИЌ: Во вкупниот број трансакции учествуваат околу 5.000 правни и физички лица, од нив 550 се редовни инвеститори

ГУВЕРНЕРКАТА БЕЖОСКА: Ќе има ревидирање нагоре на стапката на инфлација, но тој раст нема да биде драматичен

ГУВЕРНЕРКАТА БЕЖОСКА: Ќе има ревидирање нагоре на стапката на инфлација, но тој раст нема да биде драматичен

Обезбедете низа поволности со картичката за лојалност на Кроациа Осигурување-Живот

Обезбедете низа поволности со картичката за лојалност на Кроациа Осигурување-Живот

КАКО ДА СЕ СПРЕЧИ ФИНАНСИСКА КРИЗА И ДА СЕ ЗАЧУВА СТАБИЛНОСТА - власта крои закон за навреме да се „скенираат“ ризиците

КАКО ДА СЕ СПРЕЧИ ФИНАНСИСКА КРИЗА И ДА СЕ ЗАЧУВА СТАБИЛНОСТА - власта крои закон за навреме да се „скенираат“ ризиците

ИНТЕРВЈУ ЃУРЃОВСКА, ПРОКРЕДИТ БАНКА: Штедењето треба да е што поавтоматизирано

ИНТЕРВЈУ ЃУРЃОВСКА, ПРОКРЕДИТ БАНКА: Штедењето треба да е што поавтоматизирано

15 години работа на вториот столб: Обезбедуваме услови за зајакнување на индивидуалните заштеди на членовите на пензиските фондови

15 години работа на вториот столб: Обезбедуваме услови за зајакнување на индивидуалните заштеди на членовите на пензиските фондови