25 Април, 2024
0.0281

Русија и Стратегијата на ЕУ за Балканот – нема „со нас или против нас“!

Објавено во: Колумни 09 Февруари, 2018

Добивај вести на Viber

Неделава Европската Комисија ја промовираше Стратегијата за проширувњето на ЕУ со земјите од Балканот.  Регион од шест држави за кој претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер рече дека е „геостратешка инвестиција за силна и единствена Европа“. Овој чекор на ЕУ не остана незабележан од многу земји, а имаше и реакција од Русија.

На вчерашната редовна прес конференција официјалниот претставник на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова, на прашање за оценка на Стратегијата и нејзиното влијание врз односите на Москва со земјите од регионот даде мошне интересен одговор. Според неа оценка ќе биде дадена по изучувањето на документот. Но затоа што се однесува до соработката со балканските земји, како и со членките на ЕУ, таа има суштинска вредност за Русија, смета Захарова. „Нашата позиција во тој поглед секогаш била јасна. Ние, безусловно...сме застапници за хармоничен развој на односите по неколку патеки, како во билатерален формат, така и во формат на Сојуз. Што се однесува до земјите кои не влегуваат во ЕУ и кои го сметаат своето членство или потесната соработка со Европската унија, ние не гледаме никакви пречки за развој на односите со нив и никогаш не го поставуваме прашањето  „со нас или против нас“. Ние секогаш сме за хармонизација на тие односи. Сметаме дека практиката и искуството поткажуваат и покажуваат, дека таков пат е можен“,  рече Захарова.

Кој е првиот впечаток од одговорот на официјалниот претставник на руското МНР? Дека очигледно Русија се враќа во минатото, во годините кога нејзиниот официјален став за евроатлантските  интеграции, барем што се однесува до Македонија, беше во смисла „не ни е мило, но изборот е ваш“. Доколку ова се потврди и во практиката, тогаш може да се зборува за она што пред некој месец го најавивме на овие страници, дека Русија подготвува нова стратегија за односот кон балканските земји. И нема да изненади таа да биде промовирана во наредните месеци. Се разбира не на сите ѕвона како оваа на ЕУ, туку во билатералните односи со земјите кандидати за влез во ЕУ. Така барем вели логиката.

Од друга страна и не може да биде поинаку. Ако се има предвид расположението на населението во шесте земји од западниот Балкан, во секоја од нив, освен во Србија, мнозинството од населенето е за членство во ЕУ. И тука Русија не може  ништо да направи за да ја спречи волјата на населението.

Експертите во Русија  се обединети во констатацијата дека така наречениот Brexit ќе придонесе кон засилување на структурите на Унијата, бидејќи Лондон секогаш бил против потесни интеграции. На фонот на излегувањето од ЕУ на Велика Британија, влегувањето на нови држави ќе биде во полза на  престижот на единствена унија. Тие сметаат дека без оглед на „алармот“ во Русија во поглед на иднината на унијата, векторот кон европски интеграции ќе се засилува.  Оттука и интеграцијата на слабите балкански држави во ЕУ може да се покаже како вистинско благо за нив, бидејќи неопходноста од соработка ќе ги ублажи противречностите меѓу нив.

Во Русија велат дека се работи за жестоки услови за влез во унијата. Па, покрај општите, за борба со корупцијата, судските реформи.., се потенцираат најважните. За Србија тоа се односите со Косово. „Доколку сакате во ЕУ – разберете се со Косово“, нагласуваат експертите. А тоа значи признавање на статусот на некогашната српска покраина или барем постигнување договор за признавање на меѓусебните граници. За Црна Гора се смета дека е идеален кандидат-бидејќи нема проблеми со соседите, а веќе е и членка на НАТО, членство кое за многу држави се покажа како влезница во ЕУ.

Експертите го повторуваат фактот дека ЕУ го забележала успехот на Македонија и Албанија кои постигнале „значаен напредок на европскиот пат“. Оттука и за овие држави се отвора патот кон ЕУ. Се разбира на тој пат Македонија мора да го реши проблемот со Атина чија власт е против името „Македонија“. Според експертите има политичари во Грција, меѓу нив и премиерот Алексис Ципрас, кои сакаат да ги подобрат односите со Македонија. За Македонија исто така се споменуваат противречностите меѓу етничките групи и затоа е многу важно влегувањето во ЕУ за да не дојде до распад на државата. Што се однесува до Албанија се потенцира дека може да дојде до проблеми во ЕУ заради доминантното муслиманско население во таа земја. Овој став влече аналогија од односот на некои земји од ЕУ кон Турција.

Покрај погорните гледања има и такви кои се невообичаени, но кои фрлаат интересен поглед и констатации за работите. Па така, еден експерт од Карнеги институтот вели: „Без оглед на строгиот тон на новата стратегија на ЕУ, може уште однапред да се предвиди дека балканските земји со квалитетот на нивните раководни елити сепак нема да можат да исполнат значаен дел од бриселските барања. Дотолку повеќе за само шест години. Но сепак нив ќе ги примат. Затоа што Европската унија ја пишуваше оваа стратегија не толку за Балканот, отколку за себе – да се успокои и да се зафати со радикална реформа на европските институти.

Истиот автор смета дека многубројните внатрешни проблеми се токму главната причина која го натера Брисел да проговори за новото проширување. Поради тешкотиите во последните години ЕУ се почувствува себе си толку неуверено, што се покажа подготвена да се натовари себе си дури и со бедите на Западниот Балкан, само да се почувствува дека барем некаде неа, како и порано, ја сакаат и ја чекаат. Но проблемите внатре во ЕУ и Brexit не ги оддалечуваа балканските земји од ЕУ, туку напротив ги приближуваат кон влегувањето во неа. На пример кризата со миграциите очигледно покажа дека западниот Балкан географски е неделив од ЕУ. Низ него се преместуваат бегалците од едни во други европски земји, а без тесна координација на активностите со балканските држави невозможно е да се реши тој проблем. ЕУ исто така има примери пред себе од стари замрзнати источноевропски судири или балкански судири. Тие можат под влијание на надворешни сили, кои би биле заинтересирани, одново да се разгорат. Па затоа на ЕУ и е подобро да не и се случи Донбас на нејзините граници и шесте држави да ги држи под целосна контрола за да не дојде до најлошото. Конечно ЕУ увиде дека државите од Западен Балкан не можат да се демократизираат и дека е бесмислено да се чека тоа сами да го направат. И затоа е потребно што порано надворешно вмешување во тој процес.

Влегувањето на шест држави одеднаш со многу неодговорни раководства – е најдобар аргумент во полза на откажувањето од индивидуалните привилегии во Унијата, сметаат во Карнеги фондацијата. Па да се почне со носење решенија со гласање, а не со консензус, со изработка на механизми кои ќе овозможат да се следи како членките ги почитуваат правилата на унијата и да се казнува за нарушувањата. Исто така да се создадат наднационални институти, кои постепено ќе ги вклучуваат во себе клучните функции од не најкомпетентните национални влади.

Во Фондацијата сметаат дека влегувањето во ЕУ на земјите од Западен Балкан треба да и помогне на ЕУ одново да поверува во своите сили. „Во последните години таа сама не беше уверена во својата привлечност. Таа во ситници гледаше докази дека Балканот ќе бега од неа и ќе се интегрира со Русија, со Турција, со Кина. Изградбата на некаков мост, купувањето неколку стари тенкови, средба на највисоко ниво – сето тоа кај ЕУ речиси предизвикуваше паника: ние го губиме Западниот Балкан, тој ќе биде плацдарм на непријателските држави. А притоа ЕУ забораваше дека на Русија, Кина и Турција им отпаѓаат само по неколку проценти од трговската размена на државите од Западен Балкан. Уделот на ЕУ е 70 или 80 проценти во размената. Балканските мигранти, девизните приливи од нив, тесната воена соработка, милијардите евра финансиска помош, воведувањето заеднички стандарди, географската близина...сето тоа зборува дека балканските земји биле многу тесно поврзани со ЕУ. Но на европјаните сепак им се чинело дека Балканот ќе ги раскине тие илјадници врски, за да добие руска воена база или кинески пат“, тврдат во Фондацијата.

Заклучокот на ексертот од Карнеги фондацијата е дека сега тие грижи треба да завршат. Новата балканска стратегија има потреба од што побрза унификација на надворешната политика на земјите кандидати за членство со европската, во тие рамки и со ограничувачките мерки. А тоа значи дека на лидерите на земјите од Западен Балкан ќе им останат многу помалку можности да играат на противречностите на светските држави. Од друга страна, главната цел на тие игри била да се искамчат од ЕУ гаранции за влегување, така што задачата може да се смета за исполнета.

По сево ова излегува дека интеграцијата на Западниот Балкан во ЕУ е од голема полза и за Унијата. Нам ни останува да ги исполниме барањата кои ни се испорачани. Да го завршиме нашиот дел од работите. Ако интеграцијата на Република Македонија во ЕУ е неминовност, која можела да се случи и порано доколку Европа посакала, тогаш треба да се искористи моментот. Дотолку повеќе што оваа неминовност сигурно и е позната и на руската надворешна политика. Ако се суди според Захарова, нема „со нас или против нас“, и руските експерти, интеграцијата на Западниот Балкан и на Македоија како дел од него во ЕУ веќе е неповратен процес. 

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД