Руските државјани со шенген визи нема да можат да влезат во една европска земја
Објавено во: Свет 11 Август, 2022
Талин ќе забранува влез на руски државјани со шенген визи.
Естонија планира да им забрани на руските државјани со шенген визи издадени од балтичката држава да влезат во земјата поради руската инвазија на Украина.
Естонскиот шеф на дипломатијата, Урмас Реинсалу, изјави дека иако шенген-визите издадени од неговата земја ќе останат валидни, тие нема да бидат прифатени за влез.
Реинсалу кажа дека одлуката влијае само на проценетите 50.000 визи издадени од Естонија, додавајќи дека владата планира во наредните денови да разговара за начините за забрана за влез на сите руски граѓани во Естонија.
Ова не важи за дипломатите и членовите на нивните семејства, поединците вклучени во меѓународни транспортни бизниси, лицата кои треба да ја посетат Естонија од хуманитарни причини или блиските роднини на естонските граѓани и постојаните жители.
Естонија престана да издава нови туристички визи за Русите веднаш по инвазијата на Украина во февруари, освен за роднините на естонските граѓани.
Естонија повика европските земји да не им даваат визи на Русите.
Премиерката Каја Калас бара европските држави да престанат да издаваат туристички визи за Русите. Таа рече дека посетата на Европа е привилегија.
foto Wikipedia/Ivar Leidus