18 Април, 2024
0.1309

САД ја прогласи „Вагнер“ за транснационална терористичка организација

Објавено во: Свет 28 Јануари, 2023

Добивај вести на Viber

Само неколку дена откако платениците на Евгениј Пригожин се докажаа на бојното поле во Украина со освојување на Соледар и активно учество во битките за Бахмут, од САД пристигна „одмаздата“. Стејт департментот и Министерството за финансии ја прогласија неговата приватна паравоена група „Вагнер“ како транснационална терористичка организација поради наводно широко распространето кршење на човековите права и меѓународното хуманитарно право.

„Проширените санкции за „Вагнер“ дополнително ќе ја спречат способноста на рускиот претседател Владимир Путин да ја вооружи и опреми својата воена машина“, рече министерката за финансии Џенет Јелен во врска со новите санкции.

Применети се санкции против десетици луѓе и субјекти кои ја поддржуваат руската војна во Украина, соопшти американското Министерство за финансии.

- Персоналот на Вагнер е вклучен во тековното спроведување на сериозни криминални активности, вклучувајќи масовни егзекуции, силувања, киднапирања на деца и физичко малтретирање во Централноафриканската Република и Мали, се вели во соопштението.

Државниот секретар Ентони Блинкен рече дека акцијата ја поддржува целта на Соединетите Држави за понижување на способноста на Москва да води војна против Украина. Целта е да се промовира започнување на одговорност за одговорните за руската агресивна војна и поврзаните злоупотреби и да се изврши дополнителен притисок врз рускиот одбранбен сектор.

Министерството веќе го казни „Вагнер“ како дел од санкциите против Русија. Вашингтон овојпат на „црната листа“ стави и компании за кои смета дека ги поддржуваат воените операции на платеничката група на Пригожин, меѓу кои и руската компанија „Тера Тек“. Санкционирана е и кинеската компанија „Спејс Чајна“ бидејќи преку „Тера Тек“ на „Вагнер“ му обезбедила сателитски снимки од Украина.

„Овие слики се собрани за да му се овозможи на Вагнер да спроведува борбени операции во Украина“, соопшти американското Министерство за одбрана. Извор од администрацијата на Бајден претходно изјави за Ројтерс дека Вашингтон заклучил дека некои кинески фирми обезбедуваат помош за воените напори на Русија во Украина.

Портпаролот на Белата куќа за национална безбедност Џон Кирби минатата недела изјави дека Путин се повеќе се обраќа кон „Вагнер“ за воена поддршка, што создава одредена тензија во Москва. САД проценуваат дека оваа приватна армија има околу 50.000 луѓе распоредени во Украина, вклучително и 40 осуденици регрутирани од руските затвори.

Блинкен најави санкции за уште неколку руски функционери, вклучително и шефовите на руската Федерална казнена служба, за која се вели дека овозможила регрутирање руски затвореници во групата „Вагнер“, заменик-премиерот, кој е и министер за индустрија и трговија, претседателот на изборната комисија на Ростовската област. Станува збор за мрежа поврзана со веќе санкциониран руски олигарх и финансиер.

Дополнително, Стејт департментот најави дека ќе преземе чекори за воведување визни ограничувања „за 531 член на војската на Руската Федерација за дејствија кои го загрозуваат или го нарушуваат суверенитетот, територијалниот интегритет или политичката независност на Украина“.

Самиот Пригожин, кој не бега од публицитет и сочни изјави против Западот, не е изненаден од ваквата одлука на САД и за „Раша тудеј“ вели дека Американците се плашат од неговата организација, бидејќи знае многу од нивните тајни. Тој тврди дека има сведоци кои се сеќаваат дека службениците на ЦИА го тренирале Осама бин Ладен и носеле вреќи со пари и оружје на ИД во Сирија и во други земји.

„„Вагнер“ не изврши никакво кривично дело. Со денови се обидуваат да не обвинат за разни злосторства во различни делови на светот. Се разбира, ако користите двојни стандарди, можете да ископате нечистотија на секого. Но, тогаш треба да ги поставиме овие прашања: Кој фрли атомски бомби врз Хирошима и Нагасаки без никакви последици за себе? Кој организираше војни и револуции во Кореја, Виетнам, Авганистан, Либија, Сирија, Мозамбик, Централна Африка?“, вели Евгениј Пригожин, додавајќи дека ако „Вагнер“ е криминална организација, тогаш САД се моќен криминален синдикат.


Можеби ќе ве интересира

(ВИДЕО) КАТАСТРОФАЛНИ ПОПЛАВИ ВО РУСИЈА: Поплавени се 18.000 куќи

(ВИДЕО) КАТАСТРОФАЛНИ ПОПЛАВИ ВО РУСИЈА: Поплавени се 18.000 куќи

СПРЕЧЕН АТЕНТАТ НА ЗЕЛЕНСКИ: Уапсен е полски државјанин

СПРЕЧЕН АТЕНТАТ НА ЗЕЛЕНСКИ: Уапсен е полски државјанин

НАПАД ВО ФРАНЦИЈА: Две девојчиња повредени со нож во близина на училиште

НАПАД ВО ФРАНЦИЈА: Две девојчиња повредени со нож во близина на училиште

НАЈДОБРА НОВИНАРСКА ФОТОГРАФИЈА: Палестинка плаче и го гушка мртвото тело на нејзината 5-годишна внука во Појасот Газа

НАЈДОБРА НОВИНАРСКА ФОТОГРАФИЈА: Палестинка плаче и го гушка мртвото тело на нејзината 5-годишна внука во Појасот Газа

НИШТО ОД НАМАЛУВАЊЕТО НА КАМАТИТЕ? Еве кои се причините

НИШТО ОД НАМАЛУВАЊЕТО НА КАМАТИТЕ? Еве кои се причините

ДАЛИ СО „СЕЕЊЕТО“ ОБЛАЦИ, ДУБАИ САМИОТ СЕ ПОТОПИ?: Користат техники за создавање облаци, еве што велат анализите

ДАЛИ СО „СЕЕЊЕТО“ ОБЛАЦИ, ДУБАИ САМИОТ СЕ ПОТОПИ?: Користат техники за создавање облаци, еве што велат анализите

НАЈВИСОК СТЕПЕН НА ТРЕВОГА: Алармантно во Индонезија, по ерупцијата на вулканот евакуирани 1.500 луѓе, се стравува од цунами

НАЈВИСОК СТЕПЕН НА ТРЕВОГА: Алармантно во Индонезија, по ерупцијата на вулканот евакуирани 1.500 луѓе, се стравува од цунами

РУСКИ ШПИОНИ ПЛАНИРАЛЕ НАПАДИ НА ВОЕНИ ОБЈЕКТИ ВО ГЕРМАНИЈА! Ја шпионирале американската база каде се обучуваат украински војници

РУСКИ ШПИОНИ ПЛАНИРАЛЕ НАПАДИ НА ВОЕНИ ОБЈЕКТИ ВО ГЕРМАНИЈА! Ја шпионирале американската база каде се обучуваат украински војници

ЗА 100 ИНВЕСТИРАНИ МНОГУ БРЗО ДОБИВАТЕ 10.000 евра: Криптовалутите станаа најбезбедна инвестиција, а пазарот покажува раст на цените

ЗА 100 ИНВЕСТИРАНИ МНОГУ БРЗО ДОБИВАТЕ 10.000 евра: Криптовалутите станаа најбезбедна инвестиција, а пазарот покажува раст на цените