23 Април, 2024
0.0325

САКАТЕ НА МОРЕ - ПОВЕЛЕТЕ ДА ПЛАТИТЕ 200 ЕВРА ЗА ПЦР ТЕСТОВИ ЗА СЕМЕЈСТВОТО - во Бугарија тоа чини 60 евра

Објавено во: Македонија 06 Август, 2020

Добивај вести на Viber

Сакате на одмор да заминете во некоја од странските држави? Ова лето, за жал, изборот не е голем. 

Грција, како и останатите земји членки на Европската унија, реши да не ги отвори вратите за македонските туристи најмалку до 15 август. Истото важи и за земјите членки на Европската унија. 

Ако сакате да заминете на море, тоа без негативни ПЦР тестови можете да го направите во Албанија и во Турција.

Но, доколку вашите планови биле да појдете до Бугарија, или до Хрватска, на пример, во тие држави влезот ќе ви биде дозволен, но само доколку на граница приложите негативен ПЦР тест не постар од 72 часа. 

И тука настанува главниот проблем. ПЦР тестовите во земјава чинат многу пари во приватните лаборатории, а државниот Институт за јавно здравје тестира бесплатно, но само доколку граѓанинот покажува симптоми на КОВИД-19. 

Цените за ПЦР тест во лабораториите на приватните болници чинт меѓу три и четири илјади денари. Или, доколку вашето четиричлено семејство сака да оди на одмор во некоја од овие држави, во најевтината варијанта треба да се плати 200 евра, што се вели „на гладно срце“. Тоа е огромен издаток за македонските граѓани со не многу висок стандард и приходи. 

Има ли шанси да се намалат овие огромни издатоци. 

Фактор го праша Министерството за здравство зошто ПЦР тестовите се толку многу скапи во земјава, односно во приватните лаборатории се меѓу три и четири илјади денари?

Одговорот оттаму е дека „цените на тестовите во приватните лаборатории ги определуваат самите приватни болници“. 

Ги прашавме и дали не сметаат дека сумата од најмалку 200 евра по семејство не е преголем трошок за македонските граѓани, но и дали има шанси Министерството за здравство да направи некаков своевиден притисок врз приватните лаборатории за тие барем малку да ги поевтинат ПЦР тестовите.

„Цената на тесовите за Ковид-19 не е пазарно регулирана цена, така што правните субјекти сами ја одредуваат“, гласи одговорот од Министерството за здравство.

Како што е познато, Институтот за јавно здравје и центрите за јавно здравје во земјава прават бесплатни тестирања, но само ако граѓаните имаат симптоми. Се интересиравме дали има шанси овие државни институции да прават вакви тестирања и без симптоми, се разбира за одреден надомест, кој сепак би бил понизок од оној во приватните лаборатории. 

Според одговорот од Министерството за здравство, тоа засега не е возможно.

„Тестирањата преку Институтот за јавно здравје и центрите за јавно здравје се прават по индикација, доколку некој има симптоми на Ковид-19 и доколку бил во контакт со заболен од Ковид-19. Овие институции правеа и скрининг на лица од ризични професии и групи на товар на Фондот за здравствено осигурување. Засега капацитетите на овие институции се користат за детекција на лица позитивни со Ковид-19 по индикација“, објаснуваат од Министерството за здравство.

Прашавме и дали странските туристи кои се во Охрид и кои мораат да имаат ПЦР тест за да се вратат дома, тоа си го плаќаат сами, или е на товар на нашата држава, на што од Здравство одговараат дека странските туристи би требало да имаат патничко здравствено осигурување, па во согласност со опцијата го покрива или нивното осигурување или сами ги плаќаат.

КАКО Е ВО ДРУГИТЕ ДРЖАВИ

А каква е состојбата во другите држави. Фактор разговараше со новинари од Бугарија и од Србија.

Во тие држави цената на тестовите е слична со нашата, но Бугарите измислиле заеднички тестови за семејства или за група пријатели, најмногу до пет лица, кои вкупно чинат 60 евра. Така на граѓаните им доаѓа многу пониска сума за тестирање доколку сакаат да патуваат. Сепак, се покажало дека и овој модел има некои слаби страни. 

Во Бугрија ПЦР тестовите се прават на барање на граѓаните кои сакаат да патуваат во странство.

Лачезар Валев, новинар од Бугарското национално радио, за Фактор вели дека цената на индивидуалните ПЦР тестовите во Бугарија се движи помеѓу 100 лева и 120 лева, односно меѓу 50 и 60 евра. Тие цени важат за ПЦР тестовите што се прават во приватни лаборатории. Станува збор за тестови направени во лаборатории што се наоѓаат во големите болници во Софија, како и во другите градови. Валев вели дека ова се таканаречените лиценцирани лаборатории.

Но, покрај овие тестови кои се прават на едно лице, како што објаснува Валев, во Бугарија има таканаречени пул тестови, со кои се тестираат цели семејства или групи на пријатели, кои имаат меѓу три и пет членови, и чија цена изнесува 60 евра или 120 лева.

Всушност, тоа ја намалува цената на тестовите кога едно семејство или група пријатели сакаат да отпатуваат во странство, па за сите заедно тестирањето чини 60 евра. Односно, ако ПЦР тестовите поединечно се меѓу 50 и 60 евра, за една група до пет лица или семејство, вкупната цена изнесува 60 евра. 

Сепак, како што за Фактор објаснува Велев, резултатите од овие тестови не се издаваат лично, туку и се даваат на целата група што се тестирала.

„Со овие таканаречени пул тестови се појави еден проблем, па затоа многу приватни лаборатории престанаа да прават ваков вид тестови. Проблемот е во тоа што доколку тестовите покажат дека некој од таа група, односно од семејството, е позитивен на вирусот КОВИД-19, од лабораторијата не можат да го обврзат да направи индивидуален тест. Па поради тоа не може да се утврди точно кој од таа група е заразен со коронавирусот“, објаснува Валев.

Според него, добро е кога членовите на целата група или семејство, во случај кога од нив има некој позитивен, ќе прифатат да се тестираат секој поединечно. Од тие индивидуални тестови се дознава кој конкретно од групата е позитивен и лабораторијата ги испраќа информациите до Регионалниот здравствен инспекторат. Тогаш тој инспекторат за пациентите кои се позитивни на вирусот одредува карантин. Но, проблемот е кога пациентите одбиваат индивидуално да се тестираат.

„И сега луѓето, оние што сакаат да патуваат, се несреќни што повеќе не се прават такви пул тестови, затоа што тие се поевтини. Сега треба да платите многу повеќе за поединечниот индивидуален тест на АКП“, објаснува овој новинар.

Фактор разговараше и со Игор Божиќ,  извршен продуцент во N1 телевизија. Тој вели дека во Србија, од почетокот на епидемијата, па се досега, цената на ПЦР тестовите, е иста.

„ПЦР тестовите се работат само во државните институции ширум Србија, но не и во приватни лаборатории. Граѓаните кои сакаат да патуваат надвор од земјата и за онаму каде што е потребно да се приложи негативен ПЦР тест, тоа го прават на свое барање, и во тој случај мораат да го платат ПЦР тестот, кој ги чини 50 евра или 6.000 српски динари“, објаснува Божиќ.

Нина Нинеска-Фиданоска

Можеби ќе ве интересира

ЕВЕ КАКО „ЛИДЛ“ ВО МАКЕДОНИЈА ГИ ПРЕЧЕКУВА НОВОВРАБОТЕНИТЕ: Пред еден месец вработени 37 лица во логистика, финансии, продажба дистрибуција...

ЕВЕ КАКО „ЛИДЛ“ ВО МАКЕДОНИЈА ГИ ПРЕЧЕКУВА НОВОВРАБОТЕНИТЕ: Пред еден месец вработени 37 лица во логистика, финансии, продажба дистрибуција...

ОБРАЗОВАНИЕТО ЗАДОЛЖИТЕЛНО, АМА ДЕЦАТА НА РАБОТА – наместо во училишните клупи дел од тинејџерите работат, еве каде ги има најмногу

ОБРАЗОВАНИЕТО ЗАДОЛЖИТЕЛНО, АМА ДЕЦАТА НА РАБОТА – наместо во училишните клупи дел од тинејџерите работат, еве каде ги има најмногу

ДАЛИ ДОКТОР БЕЌАРОВСКИ ЗАМИНУВА ОД ТОКСИКОЛОГИЈА? „Дон Кихот го напушта оклопот, 35 години бев најголем борец“

ДАЛИ ДОКТОР БЕЌАРОВСКИ ЗАМИНУВА ОД ТОКСИКОЛОГИЈА? „Дон Кихот го напушта оклопот, 35 години бев најголем борец“

КАКВО ВРЕМЕ ДА ОЧЕКУВАМЕ ЗА ВРЕМЕ НА ПРАЗНИЦИТЕ: Еве што вели првичната прогноза

КАКВО ВРЕМЕ ДА ОЧЕКУВАМЕ ЗА ВРЕМЕ НА ПРАЗНИЦИТЕ: Еве што вели првичната прогноза

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Од полноќ почнува изборниот молк

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Од полноќ почнува изборниот молк

ДАЛИ Е МОЖЕН БОЈКОТ ВО ВТОРИОТ КРУГ: Силјановска Давкова даде одговор

ДАЛИ Е МОЖЕН БОЈКОТ ВО ВТОРИОТ КРУГ: Силјановска Давкова даде одговор

ИНЦИДЕНТ ВО СКОПЈЕ: Ученик претепал наставничка и нападнал соученици

ИНЦИДЕНТ ВО СКОПЈЕ: Ученик претепал наставничка и нападнал соученици

СОФИЈА НЕ САКА ДА ГО РЕГИСТРИРА КЛУБОТ: Maкедонците бараат Судот на правдата да ѝ ги прекине на Бугарија сите исплати на финансии

СОФИЈА НЕ САКА ДА ГО РЕГИСТРИРА КЛУБОТ: Maкедонците бараат Судот на правдата да ѝ ги прекине на Бугарија сите исплати на финансии

ВАЖНО ЗА ГРАЃАНИТЕ: Ќе можат да подигнат документи и на денот на гласањето

ВАЖНО ЗА ГРАЃАНИТЕ: Ќе можат да подигнат документи и на денот на гласањето