25 Април, 2024
0.0273

Сашко Илов: Книгата „Џоломарите“ е сведоштво за паганскиот ритуал кој е наше живо културно наследство

Објавено во: Мои пари 27 Јануари, 2022

Добивај вести на Viber

Традиционалниот пагански ритуал џоломари, што секоја Василица се одржува во селото Бегниште, Кавадаречко, е во фокусот на новата книга со фотографии „Џоломарите“ од Сашко Илов, Цветанка Темкова Илова и Гоце Давидов. Монографијата, која е двојазична, на македонски и на англиски јазик, е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Книгата беше претставена со онлајн-промоција, вчеравечер (26 јануари), на која зборуваше Сашко Илов, еден од авторите на фотографиите во делото. Разговорот го водеше уредникот на изданието Филип Видиновски.

Книгата е фотораскажување за паганскиот ритуал џоломари. Прекрасните фотографии ги покажуваат бегнишките џоломари, нè носат во средиштето на настанот, се чувствува џоломарската атмосфера, но најмногу од сè, ги канат посетителите да го доживеат поредокот на светскиот хаос, кој настапува заради крајот на годината, помрачувањето на светот и на умот, времето на смртта на Старата година и воспоставувањето на космосот, на поредокот и раѓањето на Новата година, создавањето на новата светлина од искрите на коледарскиот оган и победата над смртта.

Во онлајн-разговорот Илов истакна дека ова е прва ваква книга посветена на џоломарите.
– Со другите автори одлучивме да објавиме книга со фотографии од џоломарите, пред сè поради заедничката љубов кон културното наследство и поради личната конекција со настанот. Сите тројца сме од Кавадарци, во чијашто близина се наоѓа селото Бегниште, каде што се одржува овој традиционален настан. Всушност, џоломарите ни се најблизок голем културен настан. Кај нас има недостаток од пишани материјали и книги за овој настан. Решивме да го претставиме ритуалот на начинот на кој најдобро се изразуваме, а тоа е фотографијата. Со нашата книга сакавме да го надополниме тој недостаток од публикации поврзани со џоломарите. Свесни сме дека со една книга не може да се надополни таа празнина, но од некаде треба да се почне. Кога го подготвуваме текстуалниот дел од книгата, увидовме дека има многу малку пишани објави за овој настан. Всушност, ова е прва книга посветена на џоломарите, во кој може да се погледне целокупниот настан. Постојат само три видеоматеријали, една реклама и два кратки филма снимени за овој настан, но нема книги. Се надевам дека во иднина ќе бидат објавени уште дела и истражувања за настанот – рече Илов.

Тој објасни дека традицијата на џоломарите се важен дел за македонското, но и за светското културно наследство.
– Потеклото на името џоломари сè уште е загатка, не се знае точно што значи зборот. Се претпоставува дека маската на џоломарите потекнува од праисториско време. Оттогаш останала автентична и непроменета и сè уште е „жива“. Има две маски за кои се знае дека потекнуваат од паганството, од кои едната е на џоломарите. Првите пишани траги за маската на џоломарите се од пред 400 години, но се смета дека е многу, многу постара од тоа. Се смета дека потекнуваат од времето кога луѓето верувале во многубоштво. Значењето на ова маска е во тоа што трае толку векови и што останала непроменета. Таа е една од живите културни наследства. Во споредба со традиционалниот Вевчански карневал, каде што маските се прават на почетокот на годината, се носат на Василица и се палат по настанот и така секоја година, кај џоломарите, пак, не се уништува маската по ритуалот и се одржува и се чува каква што е – вели авторот и фотограф.

Фотографиите ги снимале за време на ритуалот, пет години по ред. Пред објавувањето на книгата ги селектирале најдобрите фотографии снимени за тие пет години. А во процесот им помогнал и еден од кинематографите на документарецот „Медена земја“, Самир Љума.
– Сакавме преку фотографиите да ја прикажеме силината на ритуалот, односно движењето. Тоа најдобро го знаат луѓето кои се занимаваа со подвижни слики, со снимање филмови, па затоа се консултиравме при изборот на фотографии со камерманот Самир Љума. Големо е задоволството да се работи документарна фотографија, но и дека тоа е долг процес. Го фотографиравме настанот секоја година, но на пример, секој 13-14 јануари немаше снег во селото Бегниште, па на крајот ги одбиравме фотографиите само од годините со снег, што значи имаше т.н. промашени години. Инаку, би сакал да им се заблагодарам на жителите на селото Бегниште за нивната грижа околу нас, за гостопримството и за соработката за време на нашиот престој – рече на крај Илов.

Џоломари е традиционална маскирана група од селото Бегниште, Република Македонија. Овој настан има повеќевековна традиција, се практикува најмалку од почетокот на доаѓањето на турската војски на македонските простори (ХIV-XV век). Почнувајќи од 7 јануари, па сè до 19 јануари во најдлабоката зима, луѓето од овие краишта веруваат дека низ селото се движат зли духови, болести, вештерки и демони. Секоја година, на 14 јануари, организирана, исклучиво машка група, под тешки маски, со агресивен танц и предизвикувајќи голема врева ги бркаат злите духови од селото за да биде годината понатаму исчистена од нив. Мажите кои учествуваат во ритуалот прво во своите домови ги бојат лицата во црна боја со саѓе (остаток од изгорените дрва во оџакот), облеката им е од козјо сукно и е црна или кафеава, а брадата и мустаците им се изработени од волна и околу половината врзуваат десетина тешки ѕвонци. Џоломарите се собираат навечер сретсело. Кога ќе се соберат, почнуваат да скокаат, да удираат со стапалата и со стапови по земјата, да тропаат со тешките ѕвонците врзани околу нивната половина и со ова се верува дека ги бркаат злите духови од селото. Ова гласно тропање со ѕвонците и удирање со стаповите и стапалата на земјата се објаснува и како обид на луѓето да ја разбудат заспаната природа.

Сашко Илов-Дете е дипломиран професор по филозофија, долгогодишен ликовен уметник и фотограф. Живее и работи во Флорида, САД, каде што е редовен учесник на тамошните фотоизложби. Член е на повеќе меѓународни здруженија на уметнички фотографии.

Цветанка Темкова Илова-Цеци е дипломирана ликовна уметница и реставратор со долгогодишно искуство како уметник, фотограф, но и реставратор на повеќе археолошки локалитети. Живее и работи во Флорида, САД, каде што е наставничка по ликовно, а во слободното време твори во своето студио.

Гоце Давидов е академски вајар, кој предава вајарство во Рига, Летонија.

Книгата веќе е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk.


Целата промоција на книгата можете да ја погледнете ОВДЕ.

ПР објава


Можеби ќе ве интересира

Напред во дигиталната иднина со Македонски Телеком

Напред во дигиталната иднина со Македонски Телеком

WTCA заговара „мир по пат на трговија“ на Балканот и во светот на IX Delfi економски форум

WTCA заговара „мир по пат на трговија“ на Балканот и во светот на IX Delfi економски форум

Караванот на Државна изборна комисија во посета и на руралните средини и маргинализираните групи

Караванот на Државна изборна комисија во посета и на руралните средини и маргинализираните групи

Во понеделник ќе се одржи второто издание на “Freelance Conference”

Во понеделник ќе се одржи второто издание на “Freelance Conference”

Претставена најновата линија телевизори и soundbar-звучници на Samsung: Доаѓа новата ера на Samsung AI TV

Претставена најновата линија телевизори и soundbar-звучници на Samsung: Доаѓа новата ера на Samsung AI TV

Истражување: Зошто политиката на ЕУ по прашањето на намалување на бројот на пушачи не е доволно ефикасна

Истражување: Зошто политиката на ЕУ по прашањето на намалување на бројот на пушачи не е доволно ефикасна

Atlantic Grupa со силен раст на приходот од продажба и на профитабилноста

Atlantic Grupa со силен раст на приходот од продажба и на профитабилноста

Кентаур Импекс инвестира во нова опрема со поддршка на ЕБОР и ЕУ

Кентаур Импекс инвестира во нова опрема со поддршка на ЕБОР и ЕУ

„Тренинг за сајбер безбедност за едукатори“ - почеток на низа активности за зголемување на безбедноста на интернет

„Тренинг за сајбер безбедност за едукатори“ - почеток на низа активности за зголемување на безбедноста на интернет