СДСМ: Мицкоски да го праша Орбан зошто унгарскиот амбасадор гласал за одвојување на Македонија и Албанија
Објавено во: Македонија 27 Септември, 2024
Oд СДСМ велат дека денешната средба меѓу македонскиот премиер Христијан Мицкоски и унгарскиот Виктор Орбан не носи ништо ново, ниту надежно за македонските граѓани.
Додаваат дека оваа посета Мицкоски требаше да ја искористи и јавно да го праша Орбан, зошто амбасадорот на Унгарија, инаку земја претседавач на ЕУ, гласал за одвојување на Македонија и Албанија.
„Ова требаше да го прашања Мицкоски. Зошто македонските граѓани, во неговото претседавање се доведени во ситуација да бидат последни во редот за приклучување во ЕУ? Ако тоа воопшто некогаш се случи. Мицкоски требаше да го праша Орбан зошто не помогна, како стратешки партнер, во периодот кога договарале кредити од сомнително, кинеско потекло, да се промени преговарачката рамка, како што ветуваше Мицкоски. Мицкоски и Орбан не понудија ништо за граѓаните, освен што одлучија да ги задолжат за нови 500 милиони евра и да ја закопаат европската перспектива на државата“, велат од СДСМ.
Македонија доби кредит од Унгарија од 500 милиони евра, а Орбан беше во посета на Македонија. Албанија сама продолжува по европскиот пат, одвоена од Македонија.