Од Владата се бара противпожарен авион
Објавено во: Економија 23 Октомври, 2018
Владата ќе набави противпожарен авион АТ-802А Fire Boss двосед со вклучена обука на инструктори и прием на пилоти, ако информацијата која вчера беше точка на дневен ред помине и како владина одлука.
Во последниот извештај за оваа година Управата за заштита и спасување, предводена од директорот Аднан Џаферовски, објави дека за прв пат навреме е извршено сервисирање и редовен технички преглед на трите воздухоплови за гасење пожари на отворен простор, тип Air Tractor Fire Boss, со што истите веќе во јануари 2018 година биле подготвени за оперативно дејствување.
Дирекцијата за заштита и спасување ги купи овие авиони во 2009 по потпишан договор со шпанската фирма Air Tractor Europe S.L. за набавка на три авиони (амфибии) за гаснење пожари. Потрошувачката на гориво при гасење на пожари е околу 800 долари за еден час, а авионот може да лета во услови на голема надморска височина и високи температури на водухот до 49 степени. Пилотот е посебно заштитен и сместен во херметички затворена кабина. Воздухопловите чинеа околу 10 милиони и 300 илјади долари. Во цената е вклучена и обуката за шест пилоти, три инженери и двајца одржувачи на авионите.Во моментов тројца пилоти се вратени од проверка на стручност во овластена тренинг организација сопственост на Авиалса Т-35 во Шпанија. Тоа е единствената овластена организација за обука на тип на авион АТ-802 Fire Boss во Европа. Станува збор за редовна проверка која се врши на секои две години.
„Проверката беше успешно извршена, а пилотите се вратија со високи оценки и продолжен рејтинг“, велат од Управата.
Согласно програмата за одржување на авионите за гаснење на пожари, од пред 20-тина дена започна постапката за нивен редовен годишен сервис кој ќе се изврши во Шпанија.
„Со редовни тренинзи на авио одделението во целост ќе бидеме подготвени доколку се укаже потреба за тоа.ДЗС во континуитет врши подготовки за справување со природни и технички несреќи и справување со сите предизвици“, велат од таму.
Александар Кузмановски