СЕ ГЛЕДА ЛИ СПАСОТ - повеќе вакцини против Ковид веќе се тестираат врз луѓе
Објавено во: Свет 09 Август, 2020
Се тестираат поголем број вакцини.
Со дел од нив веќе се експериментира кај луѓето.
Има ли шанси во доглено време човештвото да се спаси од КОВИД-19.
Последната вест е дека првите дози на вакцината произведени во Италија пристигнале во институтот „Спаланзани“ и од 24 август се подготвени за експерименти врз луѓето, најави здравствениот советник од регионот на Лацио.
Институтот ја комплетира потрагата по волонтери за експериментот. Вакцината веќе помина претклинички тестови извршени и ин витро и ин виво кај животни, и поттикнува силен имунолошки одговор со добар безбедносен профил. Според информациите, има одобрување од Националната комисија за етика во институтот „Спаланзани“ во Рим и сега може да започне првата фаза со експеримент кај луѓето.
Уште една друга вакцина, се чини, е во понапредна фаза.
Професорот Гери Страдиото е еден од 30.000 доброволци кои добиле од оваа експериментална вакцина против коронавирус. Тој ја прими вакцината од компанијата „ Модерна“, а пред неколку дена ја прими првата доза на вакцината, додека на 26 август треба да ја добие втората и последната доза.
Тој вели дека бил нервозен кога ја примил првата доза на вакцината и дека подоцна пријавил краткотрајна болка во раката како нуспојава, токму на местото каде е вбризгана вакцината. Сепак, тој е среќен што, барем засега, нема други несакани ефекти.
Исто така, од доброволците ќе биде побарано да водат седмичен дневник преку апликација за здравствено следење и да одговорат на низа прашања во врска со подрачјето на инјектирање на вакцината.
По добивањето на втората доза, научниците ќе ги следат сите учесници или доброволци за да проверат дали се навистина заштитени од коронавирусот.
А шефот на Националниот истражувачки центар „Гамалеја“ Александар Гинцбург, за руската вакцина против Ковид изјави дека честичките во неа не можат да му наштетат на организмот.Според него, честичките со чија помош се вакцинира организмот се направени врз база на аденовирус и не се живи.
„Живи се оние честички, оние објекти кои можат да произведуваат слични на себе. Овие честички не можат да се размножуваат. Затоа нема никаква основа стравувањето дека тие можат да му направат нешто лошо на нашиот организам“, објасни рускиот стручњак.
Единствено што овие честички се во состојба да направат, додаде тој, тоа е да предизвикаат непријатно чувство, затоа што при уфрлувањето на туѓ антиген почнува да работи имуниот систем и некои луѓе добиваат покачена температура.
Освен тоа, тој истакна дека за 1,5 до 2 години ќе стане јасно дали ќе биде потребно секоја година да се менува антигениот состав на вакцината или една вакцина ќе биде доволна.
„Би сакале еволуцијата да тргне по тој пат. Но, за жал, таа ќе делува според своите закони кои сé уште не ни се познати нам, и ние допрва ќе ги видиме резултатите“, рече тој.
Центарот „Гамалејаˮ на 1 август соопшти дека клиничките испитувања на вакцината се завршени. Министерството за здравство на Русија објави дека вакцината ќе биде официјално регистрирана на 12 август.
Вакцината најпрво ќе ја добијат медицинските работници и старите луѓе.