Се прави притисок Русија да ја плати штетата во Украина
Објавено во: Свет 01 Декември, 2022
Европската Унија(ЕУ) прави притисок Русија да ја плати штетата во Украина. Сите правни опции ќе бидат разгледани.
Шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел денеска изјави дека планира да разговара со своите колеги за сите расположливи правни средства за да се осигури дека Русија ќе плати за обновата на Украина која е разурната од војната, јавува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа. ЕУ ги замрзнала руските средства во вредност од речиси 20 милијарди евра, откако Москва ја нападна Украина. Западните санкции доведоа и до замрзнување на 300 милијарди евра од девизните резерви на Централната банка на Русија ширум светот.
Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, ги обвини западните земји дека се директно инволвирани во конфликтот во Украина преку доставувањето на оружје и обука на воените сили на оваа земја. Тој рече дека Западот ја приватизирал ОБСЕ. Русија се противи и на формирање на суд кој би ги гонел руските сили за извршени воени злосторства во Украина.