СЕ ПРЕБРОЈУВААТ КОНТАКТИТЕ НА ЗАРАЗЕНИТЕ ОД ЖУРКИТЕ: Очекувани 200 позитивни на ковид
Објавено во: Македонија 10 Август, 2020
Бројот на
новозаразените со корона вирусот, 200 во саботата, е сосема очекуван за
епидемиолозите, зошто најголем дел од нив се млади луѓе кои присуствуваа на
журките на плажите во Охрид.
Во тек се епидемиолошките анкети, односно сите позитивни на ковид овие денови треба да ги соопштат контактите за да може некои од нив да се изолираат со цел да се спречи понатамошно ширење на корона вирусот.
Инаку, младите се речиси сите на домашно лекување со благи симптоми на болеста, но лекарите велат дека не е исклучена можноста и кај некои од нив да настапат сериозни компликации. Кластерот „Журки на плажи“ може да донесе уште поголем број заразени, тврдат епидемиолозите со кои разговараше Фактор, но според нив многу повеќе загрижува фактот што ваквата состојба и понатаму продолжува.
-Плажите си функционираат, онака како што гледавме од фотографии, од видеа. Журки има колку сакате, а мерките се целосно заборавени, не постојат во однесувањето на младите. Нормално е да имаме вакви бројки, а тие и ќе се зголемуваат, велат соговорниците на Фактор.
Во очекување на препораката на Комисијата за заразни болести за стартот на учебната година, бројот на заразени средношколци со Ковид-19 се зголемува, а епидемиолозите коментираат дека тинејџерите како да намерно да го прават сето ова, на журките им се оди, а во школо не.
А.Б.