Се враќа ли Халкидики во нормала?
Објавено во: Балкан 12 Јули, 2019
Грчкиот полуостров Халкидики доби струја по невремето.
Снабдувањето со енергија беше нормализирано денеска околу пладне, откако најголемиот дел од регионот беше без струја повеќе од 24 часа како последица на силното невреме што се случи во средата попладне.
Во текот на денот ќе продолжат поправките на електричната мрежа, откако во невремето целосно беа уништени пет носачи на далноводот. Властите соопштија дека и патиштата во регионот се расчистени и проодни.
Ова беше најголемото невреме на Халкидики во последните 35 години, при што загинаа седум луѓе, од кои шест туристи од Русија, Романија и Чешка, вклучувајќи и две мали деца.
Меѓу повредените има и седум лица од Србија, меѓу кои е и едно 13-годишно девојче кое е задржано во болница и е во добра состојба, а шест српски државјани по укажаната медицинска помош во четвртокот се пуштени од болница.