Седумнаесетгодишник изваден од под урнатините на својот дом, се огласи и Рама
Објавено во: Балкан 26 Ноември, 2019
Во соседна Албанија, спасено е 17-годишно момче кое од под урнатините на телефон комуницираше со спасувачите.
Од урнатините на својот дом во Драч, извлечен е 17-годишниот Рам Лала.
Засега не е позната судбината на неговите родители.
Албанската министерка за здравство, Огерта Манастирлиу, изјави дека 600 луѓе побарале помош, додека 15 загинале.
Пред еден час имаше нов земјотрес со јачина од 4,7 степени по Рихтеровата скала, а во серијата на потреси најсилен беше тој во 3.55 минути, од 6,4 степени.
Премиерот Еди Рама, потврди дека се спасени 48 лица од под урнатините. Преку објава во Фејсбук, Рама вели дека наскоро на спасувачките екипи ќе им се придружат и екипи од Косово, Италија, Грција, Франција, Турција, Србија, Црна Гора.
„Судбината сакаше да бидам присутен во моментот кога ги вадеа првите жртви. Бев присутен со семејствата кои ги загубија своите блиски во Драч. Никогаш нема да заборавам болката која ја имаше еден брат за својата сестра. Им испраќам сочувство на сите семејства“, порача Рама.
Министерката за одбрана на Албанија, Олта Џачка, вели дека многу е важно да се верифицираат штетите и да се направи точна прогноза.
Во септември годинава имаше силен земјотрес во Драч.
Земјотрес денеска ја стресе и БиХ, при што епицентарот бил близу Невесиње.
фото Топ Чанел