СЕГА Е ВРЕМЕ ДА УЖИВАМЕ ВО ТЕНИСОТ: Порача австралискиот премиер Морисон, Новак уште попладнево ќе биде на авион кон Дубаи
Објавено во: Свет 16 Јануари, 2022
Австралискиот
премиер Скот Морисон денеска ја поздрави одлуката на федералниот суд кој го
поддржа укинувањето на визата за Новак Ѓоковиќ, наведувајќи дека таа одлука ќе
помогне „австралиските граници да бидат силни и безбедни“.
„Сега е време да продолжиме со Австралија опен и да се вратиме на уживањето во тенисот“, изјави Морисон, пренесува Ројтерс.
Најдобриот светски тенисер изгуби судски спор пред Федералниот суд на Австралија, му беше одбиена визата и уште денеска ќе биде депортиран од Мелбурн.
Како што пренесуваат австралиските медиуми, Ѓоковиќ ќе се качи во 22.30 часот по локално време, односно уште попладнево според средноевропско време.
Прописите велат дека депортацијата ја врши „истиот превозник што го донел депортираниот на австралиско тло, доколку има можности за тоа“, а авион на Емиратите, компанијата со која допатувал полетува од Мелбурн за неколку часа. Во тој авион ќе биде најдобриот тенисер на светот. Новак Ѓоковиќ ќе биде депортиран во градот каде што се качи на лет за Австралија, Дубаи, а оттаму ќе може да избира каде и кога да оди.
Во неговото обраќање до јавноста по споменатата одлука на Федералниот суд, Ѓоковиќ рече дека ќе соработува со припадниците на австралиската гранична полиција по прашањето на депортацијата.