Шахпаска: 120 илјади работници со зголемени плати во 2021 со субвенционирањето на придонесите
Објавено во: Економија 24 Ноември, 2020
Јагода Шахпаска, министерката за труд и социјална политика, на денешната прес-конференција рече дека овој ресор ќе има најголем буџет во однос на сите други во Владата и ќе изнесува 53,18 милијарди денари.
Од оваа сума, 2,4 милијарди денари ќе бидат искористени за субвенционирање на придонесите на оние работници во приватниот сектор на кои работодавачите ќе им ги зголемат платите.
- Дополнително за субвенционирање на придонеси за зголемување на платите се издвојуваат две милијарди и 401 милион денари. Тоа се средства кои ќе бидат распределни до Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, до Агенцијата за вработување и Фондот за здравствено осигурување по основ на средства за социјални придонеси. Со овие средства 120.000 работници во приватниот сектор ќе добиваат повисока плата, рече Шахпаска.
Од буџетот на министерството, 93 милиони денари ќе бидат издвоени за градежни објекти, од кои 67,650.000 за градинки, а другите за објекти за социјална заштита и домови за лица со попреченост. Ќе има и посебни програми за невработените кои го загубиле работното место поради епидемијата предизвикана од Ковид-19.
- Заради намалување на стапката на невработеност и оваа година се обезбедуваат средства за оперативниот план за активни програми и мерки за вработување во износ од 538 милиони денари. Со новиот оперативен план се зголемува опфатот на невработени лица за оние кои ги загубија своите работни места поради пандемијата Ковид-19. Овој износ е скоро четири пати поголем во однос на оној од 2020 година со што преку Агенцијата за вработување ќе се реализираат програми и мерки за субвенционирање на придонеси во случај на невработеност, наведе министерката.
Шахпаска најави дека во 2021 уште 5000 домаќинства ќе добијат минимална загарантирана социјална помош, што вкупната бројка ќе изнесува 36.500.