Шефиц: Целиот регион има миграциски потенцијал од околу 50.000 луѓе
Објавено во: Балкан 25 Април, 2018
Боштјан Шефиц, државен секретар во словенечкото Министерство за внатрешни работи вели дека на Балканот чекаат околу 50.000 мигранти, поради што потребни се акции за координирање на работи за сузбивање илегални миграции во државите во кои сега се наоѓаат или низ кои минуваат.
„Проценките се дека во целиот регион, вклучително и Грција, има миграциски потенцијал од околу 50.000 луѓе“- изјави тој.
Шефиц предупредува дека на одлуките на потенцијалните мигранти може да делуваат подобрените временски услови за транзит, но и на некои одлуки на државите каде се наоѓаат.
„За разлика од ситуацијата во време на големата миграциска криза пред три години, сега 85 отсто бегалци бараат азил во Словенија, што е големо оптоварување, а промени се забележани и во структирата на мигранти, бидејќи најголем дел веќе не доаѓаат од Блискиот исток туку од северна Африка“ – рече Шефиц.
Шефиц изјавата ја даде за Словенечката телвизија, по посетите на Загреб, Белград и Тирана каде со свои колеги во изминатите два дена зборувал за состојбата и можен развој на ситуацијата. Тој потврди дека со колегите разговарал за координирани активности и за тоа како да се контролира сегашната состојба и онаа што може да настане во иднина.