Шешељ го газел хрватското знаме - стигнаа реакции
Објавено во: Балкан 18 Април, 2018
По инцидентот во Белград кога српскиот радикал Воислав Шешељ упатил пцовки кон хрватската делегација, која престојува во дводневна посета на Србија, а потоа го газел и хрватското државно знаме во Собранието на Србија, претставниците на Хрватска ја откажаа средбата со српската министерка за евроинтеграции и се повлекоа во зградата на хрватската амбасада во Белград.
Тие донеле одлука да ја прекинат посетата на Србија, пишуваат хрватските медиуми.
Претседателот на хрватскиот Сабор Горан Јандроковиќ денеска ја започна дводневната официјална посета на Србија. Во текот на денот претседателот на Српската радикална партија Воислав Шешељ ја пцуел хрватската делегација и го газел хрватското знаме во Собранието.
Инцидентот го осуди претседателката на српското Собрание Маја Гојковиќ.
„Искажаното непочитување кон државните симболи на Република Хрватска, чија делегација на чело со претседателот на Саборот Горан Јандроковиќ се наоѓа во прва историска посета на Србија, е недозволливо и претставува навреда и за српскиот народ кој се одликува со традиција на гостопримство“- наведе Гојковиќ.
Посетата на Јандроковиќ е прва официјална посета на претседателот на хрватскиот Сабор на Република Србија.