Шилегов: Граѓаните мора да учествуваат во буџетските политики
Објавено во: Македонија 07 Октомври, 2017
Кандидатот за градоначалник на град Скопје од редовите на СДСМ, Петре Шилегов, денешниот ден го искористи со цел заедно со останатите кандидати од СДСМ, да оствари разговори со различни групации на граѓани и здруженија на граѓани и да ги слушне нивните мислења.
Петре Шилегов, кандидатот за граодначалник на град Скопје од редовите на СДСМ, денешниот ден го искористи за средба со граѓански здруженија како и со припадници на немнозинските заедници кои не се споменати во Уставот. Тој порача дека треба да се земат во предвид сите граѓански инцијатива. Потоа имаше и средба со здруженијата на граѓани предводени од фондацијата „Фридрих Еберт“.
„Јас сум навистина среќен што ќе водам град или ќе водиме општини во коишто граѓаните ги даваат своите иницијативи, ги даваат своите размислувања, за тоа како може да се подобри животот во градот или општината каде припаѓаат“, истакна Шилегов по средбите.
Според него, граѓаните на Скопје мора да учествуваат во креирањето на буџетските политики. Најави дека буџетот ќе биде транспарентен, на начин што во секој момент ќе биде позната информацијата како се собираат и како се трошат средствата, особено во делот којшто се однесува на невладиниот и граѓански сектор.
„Градот Скопје и општините во градот Скопје, мора да создадат систем на локална самоуправа во кој ќе ја вратиме концентрацијата кон месните заедници, кон локалното население. Нив ги опремуваме со современа опрема, со цел граѓаните, во нив да имаат свртилиште и да имаат како да ги формализираат своите барања. Нудиме брза и транспарентна услуга, граѓаните да можат и во тие канцеларии на едно место да ги завршат своите потреби и за локалната власт и за централната власт“, рече Шилегов.