Шилегов: Нема настава во средното хемиско училиште поради откорнат кров
Објавено во: Македонија 27 Февруари, 2020
Петре Шилегов, градоначалникот на Град Скопје, денеска информираше дека има само едно повредено лице од синоќешното невреме што го зафати главниот град предизвикано од ветер со брзина од над 100 километри на час при што голем број на кровови од зградите паднаа на површините каде што се движат пешаци и возила.
- Најмногу штета со паднати кровови имаше во Карпош на потегот од мостот Обединети Нации до Скопје Сити Мол, но и тоа беше расчистено до 3.00 ласот изутрина. Колку што знам до сега е евидентирано само едно повредено лице, рече Шилегов.
Додаде и дека паднат е кровот на средното хемиско училиште кое инаку е во фаза на реконструкција.
- Таму денеска настава нема да има, бидејќи училиштето во моментов е без кровната конструкција. Во моментов службите работат на расчистување на теренот, вклучувајќи го тука јавното претпријатие Улици и патишта. Реконструкцијата на кровот е направена во 2009 од Министерството за образование под тогашно водство на Никола Тодоров. Фасадата која ние ја правиме, го издржа ветерот и нема оштетувања, вели Шилегов.
Откорнати биле 50 дрва на различни локации, а предизвикана е и штета во смисла на паднати фасади на објекти од проектот „Скопје 2014“.