19 Април, 2024
0.0295

ШТО ЌЕ ДОБИЈАТ, А ШТО ЌЕ ИЗГУБАТ - какви се економските надежи за 2020 на тие што останаа

Објавено во: Економија 31 Декември, 2019

Добивај вести на Viber

Оние што заминаа, веќе наголемо размислуваат како да се покажат во уште подобро светло во некоја од компаниите низ белиот свет, надевајќи се дека така уште повеќе ќе го здебелат банкарското конто на кое ја примаат и онака солидната плата. Малку ги мачи носталгијата и им недостигаат распеаните македонски кафеани, но влогот во добро ситуиран и среден живот, е многу поголем.

Оние што останаа, не е познато колку се на број, ги мачат милиони прашалници, некои исти, а некои само малку изменети во однос на претходните години. 

Политичките турбуленции никако да заминат

Што ќе донесе новата година? Ако некои, до скоро реални стравувања во доменот на мирот и безбедноста, веќе со добра доза на сигурност можеме да ги потиснеме и да се чувствуваме речиси сто отсто спокојни, сите други политички драми и турбуленции остануваат во игра и во годината пред нас. Кога ќе влеземе во НАТО, ќе ни ги подотвори ли Европа конечно портите во мај, ќе се усогласи ли и како ќе функционира техничката влада, како ќе поминат изборите, кој ќе победи, и ќе има ли воопшто „јасен“ победник, кој со кого ќе формира Влада... Партиски преговори, пазарења, сопки, долги изборни ноќи, се ова, за жал, се уште не се работи кои не го допираат и може да ги игнорира обичниот македонски човек. Тој, пак, вообичаено повеќе се интересира за политика, наместо за економија, иако не е имун доколку политичарите му ги зголемат или намалат приходите или давачките. Тогаш економските мерки добиваат „на тежина“.

Какви се нашите економски надежи за 2020? Дека буџетот ќе тежи 3,9 милијарди евра и дека економскиот раст е проектиран на 3,8 отсто, ретко кому нешто посебно му значи. Исто како и фактот што за капитални инвестиции се предвидени над 380 милиони евра, бидејќи планираните износи не значат ништо се додека не се претворат во патишта, пруги и енергетика.

Но, затоа, сите си го гледаат сопственото чекмеџе. А дали предизборно или не, власта се потруди многумина да се израдуваат со по некој денар повеќе, кој ќе им „капе“ почнувајќи од наредната година.

Бизнисменски неизвесности

Не е новина дека стопанствениците не сакаат избори. Велат дека во месеците пред и после нив, до формирањето на Владата, речиси се е замрзнато. Изборниот процес е кочничар за нормално функционирање на економијата. Постојат законски ограничувања за спроведување јавни набавки, а инвестициските активности на компаниите често се злоупотребуваат за изборни цели. Практично, сé се врти околу активностите пред изборите, за време на изборите, и после изборите, велат деловните луѓе. Тие сметаат дека должината на изборната кампања мора да биде сведена на најкус можен рок, за да се скрати периодот во кој државните органи не можат да ја вршат својата функција со полн капацитет. А потајно, бизнисмените ги мачи и неизвесноста дали евентуалната блискост со „едните“, утре може да ги фрли во немилост кај „другите“, ако тие ја преземат власта. 

Правото да владее еднакво за сите

Она што тие со сигурност очекуваат, е дека влезот во НАТО ќе ги охрабри потенцијалните странски инвеститори да донесат овде млку поголемо купче од своите пари и да го вложат во нови погони и машини. Така било во сите други држави што и се приклучиле на Алијансата. Дали тоа ќе ги размрда и домашните, и дали ќе создаде проблеми со и онака оскудниот квалификуван кадар, ќе покаже статистиката кога ќе ги мери резултатите.

Стопанството бара и правна држава. Тоа не е фраза која некој без причина ја повторува, туку реална потреба правдата да важи еднакво за сите, бидејќи само така ќе има шанса за фер конкурентска бизнис битка меѓу компаниите. Невладеењето на правото, велат, му прави на бизнисот директна финансиска импликација. 

Во Владата ќе го нема Кочо Анѓушев

Она што ќе биде различно за бизнис секторот од досега, е што веќе од трети јануари од Владата си заминува Кочо Анѓушев, моќен бизнисмен кој на вицепремиерското столче дојде директно на предлог на коморите. За поддршка на извозот и инвестициите тој успеа да се донесе Законот за финансиска поддршка, за кој и идната година ќе се издвојат значајна сума на средства. На негово место ќе дојде многу полево ориентираната, сега министерка за труд и социјала, Мила Царовска, која жестоко се залага за работничките права и за ранливите категории, па интересно ќе биде да се види каде ќе се најдат со стопанствениците.

Даночниот товар се намалува

Иако изборите ги вознемируваат, една друга работа им се погоди на бизнисмените. Истата влада што им го воведе, по една година „пробно“, сега им го тргна прогресивниот данок, кој најмногу ги погаѓаше оние со повисоки плати. За некого богатите, за некого средната класа која месечно успеваше да заработи над 1.500 евра, повторно ќе плаќаат само стапка од 10 отсто на своите приходи. Новата прва финансиерка Нина Ангеловска, секако поддржана од целата Влада, реши да го замрзне прогресиовниот, или како што претходно власта го нарекуваше праведен данок. Во трите наредни години допрва ќе се прават анализи како тој да се дизајнира оптимално во интерес на сите. Во мирување ќе биде ставена и стапката од 15 проценти, што значи дека со 10 отсто ќе се даночат и кириите и капиталните добивки и слично. Од идната година нема да се плаќа данок на заштедите во банка, иако и тоа беше претходно предвидено.

Уште една даночна измена - од први јануари се зголемува прагот за ДДВ обврзник од еден, на два милиони денари. Сите кои годинава биле ДДВ обврзници заради понискиот праг, а не надминуваат два милиони денари и сега сакаат да се спасат од тоа, ќе може доброволно да се дерегистрираат од системот. 

Ќе поскапи увозот на нееколошките возила, ќе поевтинат „чистите“

Владата ја укина досегашната акциза кај автомобилите и одлучи да воведе данок на моторни возила. Целта е да се даночат повеќе оние коли кои повеќе ја загадуваат животната средина, а помлку оние што важат за еколошки. Владата ја усвои и Уредбата, со која следната година ќе следува двојно повисок данок за увоз на дизелашите отколку за бензинците. Односно, возилата со вредност до 10.000 евра и емисија на ЦО2 од 130 грама на километар, ако возат на бензин, ќе подлежат на данок од 6.500 денари, додека за дизелашите данокот ќе биде двојно поголем, или 13 илјади денари.

Повисока минималната плата и субвенционирани придонеси

Работниците ја дочекаа со радост, бизнисмените не баш со раширени раце, но на крајот сите, заедно со Владата, си подадоа рака од декември годинава да нема вработен во земјава што ќе биде платен помалку од 14.500 денари месечно. А за да им помогне и на газдите што мораа да го зголемат минималецот, но и на оние кои доброволно им ја покачија платата на своите вработени за сума од 600 до 6.000 денари, власта реши да им ги покрие придонесите за делот на зголемувањето. Оваа мерка, по само еден месец примена, веќе дала добри резултати, се пофали власта. Близу 45 илјади вработени во реалниот сектор веќе добиле зголемена плата, и тоа во просек повисока за 4.100 денари. Плодовите и од двете мерки воведени на крајот на годинава, Владата очекува да ги жнее во 2020, и тие значајно да ја зголемат просечната плата, која во октомври била на ниво од 25.726 денари, или, и недостигаат уште 4.274 денари за да ја достигне ветената од оваа власт - 30 илјади денари.

Пензионерски „радости“

Пензионерите, таа издашна група од 320 илјади луѓе, идната година немаат причини за незадоволство. Ако власта годинава велеше дека мора да биде внимателна и да го стабилизира Пензискиот фонд, па дури презеде и серија мерки за тоа, сега тој одеднаш е стабилизиран, и од идната година може да се дозволат повисоки пензии за по 700 денари и тоа за секој пензионер, плус усогласување со трошоци на живот, со што некои ќе дотераат и до 900 денари плус. Се очекува со ова зголемување, просечната пензија во земјава да се зголеми на 15.500 денари. Дали и каква „благодарност“ ќе покажат овие повозрасни лица, ќе се знае на 12 април.  

Лекарите и просветарите избоксуваа повисоки плати

Од февруари лекарите специјалисти добиваат повисоки плати за 25 отсто. Примањата ќе им бидат потешки и на општите лекари, за 15 проценти, а 10 отсто покачување добиваат медицинските сестри. Или, со оваа новогодишна честитка, специјалистите на повисоки нивоа ќе достигнат 100 илјади денари плата, а на пониски нивоа до 90 илјади денари. Затоа здравствената администрација и техничкиот персонал, кои не влегоа во тоа зголемување, излегоа на протести, револтирани од нивното заобиколување за повисоки плати.  

И просветарите ќе се опарат, уште со јануарската плата, Се заканија со генерален штрајк, и по долги преговори и разговори, ја убедија власта - веќе од јануари ќе имаат повисоки месечни заработувачки за 10 проценти. Можеби не е толку колку што бараа, но решија најавата за штрајк да ја стават во мирување.

Младински додаток

Од стартот на идната година, како што ќе гласат новите законски решенија, секој млад човек до 23 години, доколку се вработи во производствениот сектор или во земјоделството, ќе добива младински додаток од 3.000 денари. Парите ќе одат директно на сметката на младото лице, при распределбата нема да има посредници.

Инвертори

Граѓаните, веќе во првиот месец од идната година треба да добијат и ваучери за инвертори, за што Електрани на Северна Македонија издвојува 10 милиони евра. Апликациите ќе одат преку општините. Во јануари власта ќе ја почне и кампањата со која подетално ќе ги информира граѓаните како ќе тече пистапката. Владината мерка предвидува 10 илјади семејства да добијат по илјада евра за да купат инвертор.

Субвенции државата ќе продолжи да дава и за за купување на ПВЦ или алуминиумски прозорци. Министерството за економија, на купувачите на ПВЦ или алуминиумски прозорци и потребната инсталација, кои ќе ги купат и вградат во своите домови, ќе им обезбеди поврат на дел од средствата до 50 отсто, но не повеќе од 25.000 денари, се до искористување на предвидените средства во буџетот.

Ќе има и субвенции за набавка на печки за греење на пелети, на жителите кои ќе купат печки на пелети со кои ќе се заменат старите печки на јаглен, дрва, нафта или мазут. 

Се на се, не очекува уште една, не толку економска година. Но доколку изборите добро поминат и потоа се формира стабилна Влада, а Европа го додели посакуваниот датум, изгледите можеби и нема да бидат толку лоши. 

Нина Нинеска-Фиданоска

Можеби ќе ве интересира

СТРИМИНГ ГИГАНТОТ ГИ ИЗНЕНАДИ АНАЛИТИЧАРИТЕ: наспроти забраната за делење лозинка - голем раст на профитот и претплатниците

СТРИМИНГ ГИГАНТОТ ГИ ИЗНЕНАДИ АНАЛИТИЧАРИТЕ: наспроти забраната за делење лозинка - голем раст на профитот и претплатниците

Марко Бислимовски останува вонреден претседавач на Бордот на регулатори на Енергетската Заедница

Марко Бислимовски останува вонреден претседавач на Бордот на регулатори на Енергетската Заедница

ЕСКАЛАЦИЈАТА И ТЕНЗИИТЕ НА БЛИСКИОТ ИСТОК ЈА КАЧИЈА ЦЕНАТА НА НАФТАТА: Еве како да тргувате со црно злато

ЕСКАЛАЦИЈАТА И ТЕНЗИИТЕ НА БЛИСКИОТ ИСТОК ЈА КАЧИЈА ЦЕНАТА НА НАФТАТА: Еве како да тргувате со црно злато

„АЛКАЛОИД“ СЀ ПОБЛИСКУ ДО ЕВРОПА: Компанијата регистрираше ново друштво во Хрватска, осми по ред правен субјект основан во земја членка на ЕУ

„АЛКАЛОИД“ СЀ ПОБЛИСКУ ДО ЕВРОПА: Компанијата регистрираше ново друштво во Хрватска, осми по ред правен субјект основан во земја членка на ЕУ

„НАЈСРЕЌЕН СУМ КОГА ГО СОБИРАМ СЕМЕЈСТВОТО И ОДИМЕ ДА ПАКУВАМЕ МЛЕЧНИ ПРОИЗВОДИ“ - познатиот бизнисмен Дабевски ексклузивно за „Бизнис муабети“ на Фактор

„НАЈСРЕЌЕН СУМ КОГА ГО СОБИРАМ СЕМЕЈСТВОТО И ОДИМЕ ДА ПАКУВАМЕ МЛЕЧНИ ПРОИЗВОДИ“ - познатиот бизнисмен Дабевски ексклузивно за „Бизнис муабети“ на Фактор

ЗА ПОМАЛКУ ОД 2 МЕСЕЦИ: Кој директор на државна фирма успеа да потроши 35 милиони евра?

ЗА ПОМАЛКУ ОД 2 МЕСЕЦИ: Кој директор на државна фирма успеа да потроши 35 милиони евра?

ЗА ПЛОЧКАР, МОЛЕР, ФАСАДЕР МОЖЕ ДА СЕ СЛУЧИ ДА ЧЕКАТЕ СО МЕСЕЦИ: Дали се ова „златни времиња“ за занаетчиите?

ЗА ПЛОЧКАР, МОЛЕР, ФАСАДЕР МОЖЕ ДА СЕ СЛУЧИ ДА ЧЕКАТЕ СО МЕСЕЦИ: Дали се ова „златни времиња“ за занаетчиите?

„ДЕБАРСКИ БАЊИ-ЦАПА“ НАЈАВУВА ИНВЕСТИЦИИ ЗА ГОДИНАВА ОД 163 ИЛЈАДИ ЕВРА - и дивиденда за акционерите, сепак, ќе има

„ДЕБАРСКИ БАЊИ-ЦАПА“ НАЈАВУВА ИНВЕСТИЦИИ ЗА ГОДИНАВА ОД 163 ИЛЈАДИ ЕВРА - и дивиденда за акционерите, сепак, ќе има

Финансиските инспектори лани биле страв и трепет за функционерите

Финансиските инспектори лани биле страв и трепет за функционерите