Што ќе се случува со седницата за одземање на мандатот на Груевски, по оставката на Богоевски?
Објавено во: Македонија 24 Мај, 2019
Седницата на пратеничката комисија за мандатно-имунитетни прашања засега не е познато кога ќе продолжи откако претседателот на истата, Павле Богоевски, на самиот нејзин почеток ја објави оставката како пратеник по што беше веднаш прекината и не продолжи понатаму иако допрва требаше да се утврдува дневниот ред. ВМРО-ДПМНЕ сакаше како една точките да се внесат и мерки за кршење на етичкиот кодекс од страна на Богоевски, но тој ја пресретна опозицијата со оставката, по што пратениците од најголемата опозициска партија останаа затечени од ситуацијата. Најверојатно седницата за одземање на мандатот на поранешниот премиер Никола Груевски, кој во моментов е во бегство во Унгарија како азилант, ќе продолжи следната недела.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, најави дека за време на викендот ќе има координација за да се разгледа новонастанатата ситуација. Останува да се види дали позицијата на ВМРО-ДПМНЕ и понатаму ќе се темели на оставката на Богоевски, или ќе го поддржи одземањето на мандатот на Груевски чиј услов за тоа е исполнет со полугодишното неоправдано отсуство на Груевски.
ВМРО-ДПМНЕ вчера излезе со предлог за додавање нова точка за утврдување одговорност за прекршување на етичкиот кодекс на парламентот со аферата за наводна набавка на канабис за медицинска употреба, но Богоевски ги повика опозициските пратеници да го повлечат затоа што поднесува оставка од морални причини.