29 Март, 2024
0.0283

Што не очекува во ерата на вештачката интелигенција со ChatGPT?

Објавено во: Македонија 24 Јануари, 2023

Добивај вести на Viber

Вештачката интелигенција ќе добива се поконкретна форма и примена за секојдневните корисници. Вистинска експлозија предизвика новиот Chat-GPTмодел кој овозможува креирање на многу видови на текстови, па дури и да програмира софтвер. ВИ ќе им помогне на многу професионалци да станат подобри во својата работа, а на почетниците полесно да научат и напредуваат, но и неминовно ќе ја трансформира целата економија.

За новите можности на ВИ и промените кои не очекуваат разговараме со Стојанчо Туџарски, софтверски инженер кој е еден од најголемите промотори на вештачката интелигенција во Македонија. Тој стои зад прилагодувањето на еден од јазичните модели на GPT кој може да генерира текстови и поезија на македонски јазик и да ги имитира стиловите на Конески, Шопов, Рацин и други.

Дали 2023 ќе биде година на експанзија на вештачката интелигенција во правец на посеопфатно прифаќање од страна на обичните корисници преку новите бесплатни алатки како Chat GPT, Midjourney, Dall-E, Lensa и многу други сервиси?

Туџарски:Тоа веќе се случи во 2022. GPT-3 стана јавно достапен, со можност за интеграција во други апликации, а и цената за негово користење значително падна. Midjourney, Dall-E, и сличните се веќе достапни, и има многу апликации кои ги нудат нивните услуги за релативно ниски цени, или бесплатно. Секако дека Chat GPT на крајот на 2022 предизвика, сосема заслужено, многу внимание. Не верувам дека било кој очекуваше толку брз развој на тој вид на јазичните модели.

Сега е на ред да научиме да ги користиме тие модели. Нивниот резултат се иницира со почетен внесен текст, наречен промпт. Но, за почетник во користење на нив, не е лесно да се научи како се структурира промптот, за да даде резултат најблиску до очекуваниот. Така, 2022 се роди нов вид на инженеринг, „prompt engineering“, и 2023 би можеле да се појават алатки за давање патокази на корисниците како да ги „прашаат“ машините за да го добијат најдобриот одговор. Колку за илустрација со колкава брзина оди целиот развој, ова во 2021 беше во доменот на научна фантастика. Инаку, корисниците, сакале или не, алатките ќе ги добијат.

Microsoft веќе некое време тивко ја нуди опцијата за избор на најсоодветен изглед на слајд во PowerPoint врз база на текстот во слајдот. Сега, со соработката со Open AI, Chat GPT и DALL-E ќе може да ги интегрира насекаде низ Office пакетот каде што ќе најдат корист за корисниците. Накратко, алатките ќе бидат овде, сакале или не. Верувам, на задоволство на многумина. И, се очекува оваа година да се појави на виделина и GPT-4, а и Google веќе работи на свои еквиваленти на Ghat GPT. Кога ќе се појават ќе знаеме што ќе понудат.

Веднаш со појавата на оваа технологија се раширија и паничните теории дека ќе дојде до уништување на работните места во ИТ и маркетингот, дека роботите, машините и компјутерите ќе ги заменат луѓето и итн. Зошто се шири овој страв токму од појавата на вештачката интелигенција?

Туџарски:Стравот е оправдан. Со развојот на маркетингот многу луѓе работеа како креатори на содржини. Истото се однесува и на Search Engine Optimization (SEO) работните позиции. Сега потребата од тој тип на кадри ќе се намали, бидејќи веќе и онака постојат многу платформи кои нудат автоматско генерирање на такви содржини, па клиентите можат и сами да дојдат до такви, поевтини отколку да ги пишува човек. Од друга страна, веќе вработените креатори на содржини, било текстуални или графички, ќе станат попродуктивни со новите технологии, и нивната улога ќе биде избор на најдобрата од, да речеме десет автоматски генерирани примероци. Но, мислам дека потребата од кадри кои креираат индустриски содржини, ќе се намали. Ова пак, ќе овозможи истите тие кадри да работат други креативни работи во кои машините сѐ уште не се толку добри.

Може ли попрецизно да ни објасните каква ќе биде примената на Chat GPT кој за разлика од генераторите на слики има многу поширока намена, а веќе некои корисници почнаа и да заработуваат користејќи ја оваа алатка?

Туџарски:Алатки текои ги користат услугите на GPT-3 веќе постоеја на крајот од 2021, во 2022 година веќе имаше многу такви кои нудат платени услуги. Со Chat GPT и новите технички можности, ќе се олесни имплементацијата на чат ботови, до некаде. Не смееме да заборавиме дека со него може да се манипулира, и начините на кои тоа може да се прави штотуку почнаа да се документираат и објавуваат. Во него има веќе вградени сигурносни механизми кои оневозможуваат да биде генериран неподобен текст, но и начини на нивно заобиколување. Исто така, никој не може да гарантира за точноста на текстот што излегува од него, нити за контекстот во кој поедини зборови се употребени.

Од една страна, тоа е извонредно моќна алатка, од друга страна, таму каде што не смее да се дозволи грешка, мора човек да одобри понатамошно процесирање на било што генерирано од него. Chat GPT ќе продолжи да доминира во областа на автоматско генерирање на текст, барем до појавата на GPT-4 или сличен модел на ВИ од конкуренцијата, и технологијата од тој тип ќе биде користена се повеќе и повеќе. Но, пак да напоменам: само како генератор на предлози на текстови кои мораат да бидат прегледани и одобрени од луѓе.

Како ќе се одвива развојот на овие сервиси или слични на нив во блиска иднина, колку постои погрешна концепција за тоа што значи автоматизација на процесите и автономно одлучување на вештачката интелигенција за управување со постапки и команди?

Туџарски:Автономно одлучување на ВИ веќе се применува наголемо. На пример, trading bots на големо тргуваат со многу чести купувања и продавања, обидувајќи се да заработат. Според некои анализи, 95% од сите трансакции на поедини берзи, поготово кај криптовалутите се направени од тргувачки ботови. Но, кога станува збор за ситуации во кои е во прашање сигурноста, здравјето и животот на луѓето, од вистинска автономност на ВИ сме сѐ уште многу далеку. Можеби грешам, но на потполно автономни возила ќе треба да чекаме уште неколку децении.

Проблемот со ВИ е во таканаречениот „alienization“. Некој модел на ВИ може да биде во просек подобар од некој професионалец кој ја работи истата работа. Но, има случаи кога тој модел ќе згреши во ситуација толку многу очигледна за обичен човек, што се раѓа недоверба во тој вид на софтвер. Едноставно, луѓето стануваат несигурни кога машината ќе згреши, и нормално е да се створи недоверба. Токму ова се има веќе случено во минатото, со инаку успешни модели на ВИ, кои иако се поточни од луѓето, не се употребуваат, а уште помалку да зборуваме за автономност.

Каква е состојбата со македонските стартапи и програмери кои развиваат вештачка интелигенција и како конкретен производ но, и како целосно нови технологии кои може да имаат глобална примена и комерцијални успеси?

Туџарски:Од техничка гледна точка, не сме многу поразлични од остатокот на светот. Имаме пристап до информации, тие се глобални, и секој кој сака да научи нешто на таа тема, не постои нешто што ќе го спречи. И кај нас, како и насекаде, постои елементот на „ова е сега модерно“, „сите го имаат“, „нас ќе не направи посебни“. А вистината е дека ВИ е убава алатка, но алатка која треба да се употреби на вистински начин на вистинско место, и само доколку постои реална потреба од неа. Како и со секоја друга алатка/технологија. Форсирање на користење на ВИ само поради користење на ВИ носи само неисполнети очекувања, неоправдани и необмислени од старт.

Можеби е сѐ уште рано да се говори за сериозен исчекор на вештачката интелигенција во секојдневните животи, но на ниво на ЕУ веќе се дебатира за посеопфатна законска регулатива. Дали треба и ние да ги следиме тие процеси или пак, зошто да не бидеме и пионери во една сосема нова област на креирање политики и поттик на развој во овој сегмент?

Туџарски:Регулирањето на некој пазар доаѓа откако тој нерегулиранои непречено ќе функционира некое време. Тука не можеме да очекуваме да бидеме пред ЕУ, ВИ секако повеќе и од поодамна се користи таму. Но, факт е дека новите алатки и нивната способност се повеќе и повеќе успешно да ги имитираат интелектуалните творечки способности на човекот, ќе мора да бидат регулирани некако. Ако со помош на Chat GPT може да се добијат 70% од поените на испит по медицина, и да се изгенерира текст на било која тема, зададена за домашно, регулирањето е неизбежно.

Првата мерка веќе ја преземаа некои школи во Австралија, инсистирајќи на своерачно пишување во ракопис на домашните задачи. Секако, содржината може да биде автоматски изгенерирана на домашниот компјутер и препишана, но ... А веќе постојат и ВИ-базирани алатки на Интернет кои препознаваат автоматски генерирани текстови со голема точност. Но, како тие ќе се снајдат со новата верзија на GPT? Ако не бидат доволно успешни, ќе помине време додека станат успешни и со неа, се до следната. И тоа така неколку пати J.

Од друга страна, во Кина веќе се зборува за закон со кој било која дигитална автогенерирана содржина мора да биде некаде во некоја форма означена дека е таква. Колку и како таквите регулирања ќе се покажат успешни, и како ќе се препознаваат прекршувањата на регулативите, останува да видиме.

Х. С.

Можеби ќе ве интересира

ДОМАШНОТО ПРОИЗВОДСТВО НА МЛЕКО СЕ НАМАЛИЛО ЗА НАД 25 ПРОЦЕНТИ: статистика изброја и помалку говеда

ДОМАШНОТО ПРОИЗВОДСТВО НА МЛЕКО СЕ НАМАЛИЛО ЗА НАД 25 ПРОЦЕНТИ: статистика изброја и помалку говеда

СЕ ОГЛАСИ ЛИДИЈА ДИМОВА: Во присуство на Исмајлоска, Заев побара од мене да ја повлечам пријавата за злоупотреба на 2,2 милиони евра

СЕ ОГЛАСИ ЛИДИЈА ДИМОВА: Во присуство на Исмајлоска, Заев побара од мене да ја повлечам пријавата за злоупотреба на 2,2 милиони евра

(ВИДЕО) Љубе Бошковски и Стојанче Ангелов рамо до рамо со Христијан Мицкоски

(ВИДЕО) Љубе Бошковски и Стојанче Ангелов рамо до рамо со Христијан Мицкоски

„ДУИ мисли на договор со кој цела територија на Македонија ќе се покрие со казина“: Хајредини со остра критика

„ДУИ мисли на договор со кој цела територија на Македонија ќе се покрие со казина“: Хајредини со остра критика

Тројца починати и тројца тешко повредени во сообраќајка во Кичево

Тројца починати и тројца тешко повредени во сообраќајка во Кичево

„ОВА Е САМО ЕДЕН ПРИМЕР НА НЕОДГОВОРНО, НЕЧЕСНО И ВАЛКАНО ОДНЕСУВАЊЕ“: Петровска ја доби тужбата против Ковачки

„ОВА Е САМО ЕДЕН ПРИМЕР НА НЕОДГОВОРНО, НЕЧЕСНО И ВАЛКАНО ОДНЕСУВАЊЕ“: Петровска ја доби тужбата против Ковачки

Курто Дудуш: СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ни нудеа само директорски места, затоа отидовме со ДУИ

Курто Дудуш: СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ни нудеа само директорски места, затоа отидовме со ДУИ

КУЌЕН ПРИТВОР ЗА ДВАЈЦА ОД УАПСЕНИТЕ ЗА УБИСТВОТО НА ДОКТОРОТ - прифатено барањето на обвинителите

КУЌЕН ПРИТВОР ЗА ДВАЈЦА ОД УАПСЕНИТЕ ЗА УБИСТВОТО НА ДОКТОРОТ - прифатено барањето на обвинителите

„ДАЛИ Е ВИСТИНА ДЕКА СЕ ШТЕДИ НА ИНФУЗИЈА ЗА ДЕЦА И СЕ БАРА МИТО“ - лидерот на Левица со прашање за велешката болница

„ДАЛИ Е ВИСТИНА ДЕКА СЕ ШТЕДИ НА ИНФУЗИЈА ЗА ДЕЦА И СЕ БАРА МИТО“ - лидерот на Левица со прашање за велешката болница