Што откри огромниот кратер во Нов Зеланд?
Објавено во: Свет 16 Мај, 2018
Огромна дупка во Нов Зеланд го поделила земјиштето на два дела на фарма за млеко, притоа овозможувајќи им на геолозите шанса да „ѕирнат“ во срцето на еден антички вулкан.
Дупката се појавила на околу 15 км југоисточно од градот Роторуа и била откриена кога вработен на фармата за малку паднал во неа со мотор. Таа е долга скоро 200 метри, а на некои места е длабока и широка и до 20 метри.
Причината за нејзиното појавување најверојатно е огромната количина на дождови кои во тој регион паѓале неколкуте претходни недели.
Се верува дека дупката се формирала во текот на изминатиот век, од дождови кои со декади го еродирале седиментот.
На самото нејзино дно е забележана вулканска карпа од кратер стар 60 000 години, врз кој имало најмалку 10 метри седимент од времето кога кратерот бил исполнет со вода и формирал езеро.
Научниците очекуваат дека дупката ќе продолжи да се проширува, особено доколку продолжат обилните дождови.