14 Август, 2020
0.0426

ШТО ОТКРИЈА РЕВИЗОРИТЕ ЗА МУЗЕЈОТ НА ВМРО - немало контрола на билетите, мобилните, закупот и бензинот

Објавено во: Македонија 14 Февруари, 2020

Немале ефикасни контроли на продажбата на билетите, не донеле акт за користењето на службените телефони, склучувале договори и издавале фактури за закуп по цени различни од одобрените во Управниот одбор, а им откриле и трошења кои не биле поткрепени со документи, меѓу кои и гориво, без да се знае за кои патувања. односно ненаменско и незаконско трошење на средства.

Ова се само дел од откритијата на Државниот завод за ревизија, кој ги „чешлал“ финансиските извештаи на Музејот на македонската борба за самостојност, или популарниот Музеј на ВМРО, и тоа сметката од самофинансирачки активности. Ревизорите ја скенирале состојбата во 2018 година и за тој период се однесуваат нивните наоди во ревизорските извештаи.

ШТО ПРОНАШЛЕ РЕВИЗОРИТЕ?

„Музејот нема воспоставено ефикасни внатрешни контроли во врска со следењето на процесот на продажба и дистрибуција на билетите. Не е донесен акт со кој се уредува начинот на користење на службени телефони. Се склучуваат договори и се издаваат фактури за закуп по цени кои не се во согласност со одлуките на Управниот одбор. Не е воспоставен систем на водење на сметководствената евиденција и деловните книги одделно за сметките преку кои се извршува работењето на музејот. Проценувањето на позициите во Билансот на состојба не е во согласност со законските и подзаконските акти. Музејот е регистриран даночен обврзник, но во деловните книги не го евидентира пресметаниот ДДВ. Има слабости во благајничкото работење, а евидентирани се и расходи без комплетна и веродостојна поткрепувачка документација“, се вели во ревизорскиот извештај.

Од ДЗР навеле дека финансиските извештаи се одговорност на раководството, и тоа на Бранислав Светозаревиќ, кој беше директор на Музејот се до август 2018 година, како и на Даниела Николова, в.д. директор на Музејот, која оттогаш па наваму директорува со оваа институција. Ревизорите навеле дека одговорното лице во музејот не дало забелешка на нивниот нацрт извештај.

КАКО СЕ ТРОШЕЛЕ ПАРИТЕ - УСЛУГИ И БЕНЗИН БЕЗ ПОКРИТИЕ

Имало трошења кои не биле покриени со документација, а се „празнеле“ и картички за бензин без да се знае за кои патувања, колку километри се поминале и колку гориво е потрошено, што се смета за незаконски. 

Од позицијата разни трансфери биле евидентирани расходи од 38 илјади евра за услуги за поправки и одржување, набавка на видео и информатичка опрема, услуги од фиксна и мобилна телефонија и други, за кои ревизијата утврдила дека се без соодветна документација која би потврдила дека трансакцијата е точна, целосна и вистинита. 

„Сметководствените фактури и документи не се одобрени со потпис од одговорното лице, поголемиот дел немаат приложено поткрепувачка документација, односно работни налози и испратници и не е спроведена контрола, со што не е постапено согласно Законот за сметководство на буџетите и може да влијае на објективноста и реалноста на искажаните состојби во деловните книги и финансиските извештаи“, навеле државните ревизори. 

Исто така, во 2018 година биле набавени картички за гориво од 90 илјади денари, од кои 60 илјади денари пред да се потпише договорот за јавна набавка, иако Музејот не користи службено возило. 

„Картичките се користени за полнење на гориво во приватни возила за користење во службени цели, но истиот трошок не може да се потврди поради немање на документација (патен налог) со која се потврдува целта на патувањето, поминатата километража и потрошеното гориво. Оваа состојба не е во согласност со законот и има за ефект ненаменско и незаконско користење на средстав“, се вели во извештајот.

НЕМАЛО КОНТРОЛА НА ПРИХОДИТЕ ОД БИЛЕТИТЕ И НА СЛУЖБЕНИТЕ МОБИЛНИ

Ревизорите ги спорат приходите што се остварувале од продажба на билетите. Ова од причина што во Музејот не било назначено официјално вработено лице за задолжување, раздолжување и чување на билетите, не бил воспоставен систем на материјално и финансиско задолжување на билетите, како и за дистрибуција и нивна продажба, благајничките извештаи како и пропратните документи каса прими и каса исплати не се изготвувале на дневна основа, туку неселно, и се одобрувале само од благајник, а не и од претпоствените, и не бил извршен попис на непродадените билети заклучно со крајот на годината. Сето ова, сметаат ревизорите, можело да влијае на објективноста и реалноста на тоа што е напишано во деловните книги и финансиските извештаи.

Немало контрола ни како се троши преку службените мобилни телефони.

„Музејот нема донесено акт со кој се уредува правото на користење на службени мобилни телефони и за ограничување на износот на сметката и начинот на постапување доколку трошоците се повисоки од висината на ограничувањето. Оваа состојба не е во согласност со Одлуката за определување на правото на користење на службен мобилен телефон и за ограничување на износот на сметката, и има влијание на ефикасноста на трошењето на буџетските средства. Во текот на 2018 година по овој основ се исплатени 287 илјади денари (околу 4,7 илјади евра) на економски оператор за користење на услуги од мобилната телефонија. Во 2019 година од стрна на директорот изготвен е правилник за користење на службени телефони на директорот и вработените во Музејот, но тој не е усвоен од Управниот одбор“, се вели во извештајот.

Инаку, Музејот остварува приходи по основ на закуп на простор и кај нив и во Порта Македонија. УО има донесено одлука за интегриран ценовник за влезници за посета на музејската поставка, како и цени за издавање на просторот за одржување настани во салата, холот и терасата на Музејот и Порта Македонија.

А откако ги тестирале приходите по основ на закупнината, ревизорите утврдиле дека надлежните склучувале договори и издавале фактури за закуп по цени кои не се во согласност со одлуките на УО за времено изнајмување на просториите, што придонело за остварување на нереален приход од закупнини. 

Исто така, Музејот е регистриран даночен обврзник на ДДВ од 2012 година. Но на крајот на 2018 година таму имале побарување по основ на ДДВ во износ од околу 31 илјади евра, и обврска по основ на данок на добивка од околу 900 евра. Ваквата состојба не е во согласност со членови од Законот за сметководство на буџетите, како и со правилниците, и има за резултт нереално и необјективно прикажување на билансните позиции, навеле од ДЗР.

ПОДИГНАТИ ПАРИ ОД БЛАГАЈНАТА НЕ СЕ СООДВЕТНО ЕВИДЕНТИРАНИ

Ревизорите ја чешлале и благајната, па и таму откриле работење кое не е во согласност со законите. Пронашле дека подигнатите пари од сметката кои требало да се исплатат од девизната благајна за патни и дневни трошоци и денарската благајна за разни трошоци не се евидентирале соодветно, што не давало реална слика за потрошените средства, од каде би можело да се согледа хронолошки за кои потреби, на кои лица се врши исплатата, како и целосност и точност на извршените исплати.

„Сите подигнати средства и исплати се водат вон сметководствена благајна, која не е евидентирана во деловните книги на Музејот. Наведеното не е во согласнсот со законот за сметководство на буџетите и создава ризик од ненаменско трошење на паричните средства, што има за ефект неточно прикажана состојба на Благајната во Билансот на состојба“, се вели во Извештајот.

Исто така, раководниот орган немал донесено одлука за утврдување на благајнички максимум, што не е во согласност со Законот а платен промет, и може да има за ефект ненаменско користење на парите од установата.

ДЗР вршел ревизија и на сметката на основниот буџет, која покажала дека не е воспоставен систем на внатрешни контроли и не се донесени процедури за движење на докуменатцијата, и систем за следење и контрола на сметководствената документација, со јасно дефинирани и разграничени надлежности и одговорности, во однос на потврдување на комплетноста и веродостојноста на трансакциите. Се констатирало и дека проценувањето на позициите во Билансот на состојба не е во согласност со законските и подзаконските акти. Пописот на средствата и изворите на средствата, пак, со состојба на 31 декември 2018 година, не бил извршен на начин како што е предвидено во законските и подзаконските акти.

Музејот кој на стартот се викаше Музеј на македонската борба, е формиран со Одлука на Владата во јули 2008 година. Изградбата на Музејот почнала во 2008 година и траела три години. Отворен е на 20 годишнината од независноста на РМ, на 8 Септември 2011 година. Музејот е сместен во објект од 6435 квадратни метри нето површина, додека изложбените простории опаќаат 2.000 квадратни метри. Тој беше дел од проектот Скопје 2014 и за неговата изградба се потрошија голема сума средства.

Идејата на тогашната владејачка номенклатура беше со овој музеј да им одаде почест на сите оние, кои, според нив, биле жртви во времето на комунизмот. Но подоцна, оваа власт го преименуваше во Музеј на македонската борба за самостојност.

Нина Нинеска-Фиданоска

Можеби ќе ве интересира

Институтот за јавно здравје денес регистрира намален број на активни случаи

Институтот за јавно здравје денес регистрира намален број на активни случаи

КОВИД СОСТОЈБА: Нови 160 заразени, 3 починати и 368 оздравени пациенти

КОВИД СОСТОЈБА: Нови 160 заразени, 3 починати и 368 оздравени пациенти

Еве кој ќе може да влезе во Грција без тест

Еве кој ќе може да влезе во Грција без тест

Пензионерите и корисниците на социјална помош - да не бараат одјава, туку да одат во банката преку која сакаат да им стигаат парите

Пензионерите и корисниците на социјална помош - да не бараат одјава, туку да одат во банката преку која сакаат да им стигаат парите

Кога Џафери ќе ја закаже конститутивната седница?

Кога Џафери ќе ја закаже конститутивната седница?

ЌЕ НАСТРАДААТ ЛИ САМО ДИРЕКТОРИТЕ НА ФИРМИТЕ-НЕПЛАЌАЧИ - до Обвинителството стигна барањето за кривичен прогон

ЌЕ НАСТРАДААТ ЛИ САМО ДИРЕКТОРИТЕ НА ФИРМИТЕ-НЕПЛАЌАЧИ - до Обвинителството стигна барањето за кривичен прогон

Д-р. Беќаровски: Летово нема настава, а уриваме рекорди во број на новозаразени

Д-р. Беќаровски: Летово нема настава, а уриваме рекорди во број на новозаразени

Македонец се вратил на работа во Белгија без да оди во карантин

Македонец се вратил на работа во Белгија без да оди во карантин

Од утре од Македонија во Србија со ПЦР-тест

Од утре од Македонија во Србија со ПЦР-тест