20 Април, 2024
0.0278

Што треба да знаете за колатералот при барање кредит од банка?

Објавено во: Мои пари 24 Април, 2019

Добивај вести на Viber

Наједноставно кажано, колатералот е некој вид имот приложен од страна на клиентот, како гаранција или обезбедување во однос на идната отплата на кредитот којшто банката би му го одобрила на клиентот. Различни видови недвижен и подвижен имот можат да послужат како колатерал, како што се: станови, куќи, деловни простории, автомобили, опрема, хартии од вредност, депозити, побарувања. Во случај клиентот да не може да го врати кредитот, банката има право да го преземе имотот и преку негова продажба да ја надомести загубата врз основа на ненаплатениот кредит. 

Приложувањето колатерал е вообичаен критериум при одобрување на долгорочните станбени кредити, каде што периодот на отплата е подолг и следствено и преземениот ризик на банката е поголем. Приложувањето недвижен имот како гаранција или обезбедување за кредит во практиката е познато и како хипотека, па оттаму и називот хипотекарни (станбени) кредити. Но, колатерал може да се бара и за други видови кредити, зависно од политиките на банките, коишто самостојно ги пропишуваат условите за кредитирање. На овој начин, банките се штитат од ризикот за ненаплата на кредитот.


Покрај редовните фактори според кои банките ја оценуваат способноста на клиентите за позајмување (работен однос, редовни примања, тековна задолженост, отплатата на кредити во минатото), посебно внимание се посветува на имотот што може да биде приложен како колатерал. Вообичаено, вредноста на колатералот е еден од факторите според кој банките го одредуваат износот на кредитот. Вредноста на колатералот зависи од повеќе фактори. На пример, вредноста на еден стан даден како колатерал зависи од неговата локација, годините на користење, околината, опременоста. Показателот преку кој се следи соодносот помеѓу вредноста на кредитот и вредноста на обезбедувањето (англ. Loan to value ratio (LTV) – коефициент на покриеност на кредитот со обезбедување) може да биде различен кај одделни банки, но и различен кај иста банка за различни клиенти, во зависност од карактеристиките на клиентот и видот на обезбедувањето. Вообичаено, банките бараат вредноста на обезбедувањето да биде повисока од износот на кредитот, а колку повисока зависи од видот на обезбедувањето (помалку ако обезбедувањето е деловен простор, станбен простор или приватна куќа, а повеќе ако обезбедувањето е земјоделско земјиште, производствен капацитет во градба, автомобил). Во нашата практика најчесто покриеноста на кредитот со обезбедувањето е најмалку 120% па нагоре, различно од банка до банка. Тоа значи приложувате колатерал во вредност 1.200.000 денари, за да добиете кредит од 1.000.000 денари. Гледано од другата страна, при ваков коефициент на покриеност на кредитот со обезбедување од 120%, вредноста на кредитот претставува 83% од вредноста на обезбедувањето. 

Вредноста на обезбедувањето, односно колатералот, се утврдува од страна на овластен проценител и во процесот на одобрување на кредитот тоа е трошок којшто најчесто е на товар на клиентот (во мал број  случаи, најчесто кај станбените кредити кога банките имаат определена промоција/кампања, трошокот за проценка може да биде и на товар на банката). Процедурата за преземање на имотот којшто служи како обезбедување и евентуалната продажба на имотот од страна на банката е регулирана со соодветни законски акти. Во периодот во кој клиентот редовно го отплаќа кредитот, имотот даден како обезбедување е во целосно владение на клиентот и тој слободно го користи. Доколку клиентот не ги сервисира обврските врз основа на кредитот согласно со договорот за кредит и банката, според постојните законски можности, започне постапка на присилна наплата, таа може да го преземе владението врз имотот даден како колатерал, а во постапката на извршување може да се јави и како купувач на имотот, односно да го преземе во своја сопственост.

Како што е наведено и претходно, при одобрување на кредитот банките прават детална кредитна анализа на клиентот, при што треба да се нагласи дека најважен фактор за одобрување кредит е кредитната способност на клиентот за отплата на кредитот преку приходите остварени од неговото редовно работење (плата или други редовни приходи). Колатералот, како обезбедување на кредитот, претставува секундарен извор на наплата на кредитот и банките пристапуваат кон преземање на колатералот само во случаите кога наплатата по редовен пат не е возможна. Ваквите случаи за банките значат ангажирање дополнително време и соочување со неизвесност околу условите за продажба на преземениот имот.  

Постојат и кредити за кои банките не бараат обезбедување во недвижен или подвижен имот, иако тоа е најчесто за потрошувачки кредити на помал износ (најчесто до 300.000 денари), или за кредити одобрени на кредитни картички и трансакциски сметки со дозволено пречекорување. Кај некои кредити наместо класичен колатерал банките може да побараат жирант или меница, при што квалитетот на обезбедувањето со жирант зависи од кредитната способност на лицето жирант. Кај кредитите одобрени на кредитна картичка, каде што нема колатерал во класична смисла, сепак пречекорувањата на лимитот на картичката се поврзани со казнени камати, коишто вообичаено се високи. На тој начин, банките се штитат од кредитниот ризик кај овие видови кредити. За споредба, финансиските друштва даваат кредити на помали износи,  споредено со банките и затоа обично не бараат колатерал, иако преку каматната стапка или другите трошоци за кредитот исто така се обидуваат за да се заштитат од кредитниот ризик, односно ризикот од ненаплата.  

Што треба да знаете кога разговарате за колатерал при одобрување кредит од банка?

Имајте предвид дека имотот даден како колатерал е гаранција којашто ѝ ја давате на банката дека навремено и во полн износ ќе го вратите кредитот. Обично, колку поквалитетен колатерал, толку пониска каматна стапка за вашиот кредит. Доколку сте навремени со отплатите, имотот даден како колатерал останува ваш. Но, во спротивно, водите сметка дека можете да го изгубите. Вашите права и обврски во однос на сите аспекти од кредитниот однос со банката се дефинирани во договорот, вклучително и вашите односи во врска со колатералот. Побарајте од банката објаснување за сите аспекти поврзани со колатералот и бидете редовни во однос на отплатите – само така ќе добиете пари на кредит за финансирање на своите потреби, ќе отплатите навреме и ќе си го задржите својот имот даден како колатерал. 

Можеби ќе ве интересира

ФОТО-ВЕСТ: Караванот на ДИК ги посети Штип, Конче, Струмица, Куманово и Старо Нагоричане

ФОТО-ВЕСТ: Караванот на ДИК ги посети Штип, Конче, Струмица, Куманово и Старо Нагоричане

Еуромакс Ресоурцес со последно предупредување пред арбитража за рудникот за бакар „Иловица-Штука“

Еуромакс Ресоурцес со последно предупредување пред арбитража за рудникот за бакар „Иловица-Штука“

Д-р Неле Карајлиќ: Третиот дел на „Солунска 28“ е роман за сексот, дрогата и рокенролот, со носталгија за 80-тите години

Д-р Неле Карајлиќ: Третиот дел на „Солунска 28“ е роман за сексот, дрогата и рокенролот, со носталгија за 80-тите години

Подготовката за пат не е целосна без Visa Travel на Халкбанк

Подготовката за пат не е целосна без Visa Travel на Халкбанк

Работете за најголемите светски брендови од Македонија: Секој нов вработен добива бонус за добредојде – се бара само 1 услов!

Работете за најголемите светски брендови од Македонија: Секој нов вработен добива бонус за добредојде – се бара само 1 услов!

ТЕ ЧЕКА ВЕЛИГДЕНСКА СРЕЌА ВО СКОПЈЕ СИТИ МОЛ!

ТЕ ЧЕКА ВЕЛИГДЕНСКА СРЕЌА ВО СКОПЈЕ СИТИ МОЛ!

Втора конференција „Чувари на мудроста“ BACK 2 BACK: Спојуваме генерации раскажувајќи успешни приказни

Втора конференција „Чувари на мудроста“ BACK 2 BACK: Спојуваме генерации раскажувајќи успешни приказни

Општина Сопиште како Финска: Гризли Иглос е новата уникатна атракција

Општина Сопиште како Финска: Гризли Иглос е новата уникатна атракција

Светот на Биби на 36. издание на Саем на книга

Светот на Биби на 36. издание на Саем на книга