19 Април, 2024
0.0256

Што виде Трамп во очите на Путин?

Објавено во: Колумни 20 Јули, 2018

Добивај вести на Viber

Американскиот новинар Питер Бејкер во 2013 година ја издаде книгата „Жешки денови: Буш и Чејни во Белата куќа“. Книга полна со неизвесни детали од 28 средби и телефонски разговори на американскиот претседател Џорџ Буш - помладиот со рускиот претседател Владимир Путин. Буш прв пат се сретна официјално со Путин во Словенија во средината на јуни во 2001 година. Оттогаш е и неговото познато искажување дека кога погледнал во очите на Путин ја видел неговата душа.

А Путин во замокот на Брдо кај Крањ го трогнал побожниот Буш со раскажувањето за тоа  како го спасил од оган својот православен крст добиен при крстењето. Тогаш меѓу нив се воспоставија и лични односи, па Путин беше гостин на Буш на неговиот ранч во Тексас или резиденцијата во Кемп Дејвид. Само пет години подоцна американскиот претседател на тогашниот словенечки премиер Јанез Јанша му рекол: „Тој не е веќе демократ. Тој е цар. Мислам дека го изгубивме“, мислејќи на Путин.

Е токму со тој цар денес си има работа американскиот претседател Доналд Трамп. Не знаеме што виде тој во очите на Путин, но по средбата во Хелсинки јасно е едно – Трамп и Путин не застануваат на она што го кажаа јавно во Хелсинки и се решени да ги конкретизираат работите. По средбата и во САД, а и надвор од таму се крена бран на критики. Тој удри силно врз американскиот претседател. Пред се од домашните критичари, политичари, аналитичари, новинари... Те, ги предал американските интереси, те бил во подредена улога, те го навредил американското разузнавачко општество, те не прашал ништо за двојниот руски агент Скрипаљ, за малезискиот авион урнат над Донбас итн...Некои американски законодатели дури побараа пред нив да сведочи преведувачот на Трамп. Да каже што се’ е разговарано на средбата. До таму оди паранојата во американското општество кога ќе се спомене Русија. Не се верува на својот претседател, па се бара исказ од преведувачот!

Други пак побрзаа да подготват нови закони со кои би се вовеле нови санкции против Русија, па и против изградбата на гасоводот „Северен поток – 2“, со што би се отворил и фронт против некои европски држави, пред се Германија и Франција. Ударот од овој бран не го зашемети Трамп, туку, напротив, како да го осоколи. И, оп! Вчера од Вашингтон дојде веста дека Трамп му порачал на својот советник за национална безбедност, Џон Болтон, да го покани Владимир Путин во Вашингтон. Тоа на својата страничка во Твитер го соопшти официјалниот претставник на белата куќа Сара Сандерс. Посетата би требало да се одржи есенва. Таа веќе се разгледува, а исто така во Хелсинки е договорен „постојан дијалог на работно ниво меѓу соработниците на советите за безбедност на двете земји“. А есента ќе дојде за два три месеци.

Од каде потребата за вакво брзање? Државниот секретар Мајк Помпео во изјави за американски медиуми изјави дека има места каде што двата претседатела нашле точки во кои се пресекуваат интересите. На пример со Русија ќе работат заедно против тероризмот. Исто така постои надеж дека ќе има напредок и во прашањата за контролата на вооружувањето. Според Помпео нема сомневање дека Трамп го разбрал отсуството на согласност кај Русија за мислењата на САД за други прашања. И за тоа бил многу јасен со Путин во тој поглед. Ова значи дека може да се очекува на наредната средба да се отворат и нови прашања, а некои да се конкретизираат и решат.

Враќајќи се на средбата во Хелсинки моше индикативен беше почетокот на средбата еден на еден. А Трамп за разлика од скржавоста на Путин во изјавата, кој рече дека сака да ги разгледа „ обостраните односи и болните точки“, беше глаголив. Па, покрај честитките за успешното одржување на Светското првенство во фудбал,  изјави: „Имаме огромно количество теми, кои треба да ги разгледаме. Многу интересни теми, почнувајќи од прашањата за трговија, комерција, воени прашања, а исто така прашања поврзани со Кина, нуклеарната политика, ќе позборуваме за нашиот заеднички другар Си Џинпинг“. Ништо од она што се навестуваше во деновите пред средбата. А Трамп во Брисел на самитот на НАТО и при посетата на Лондон зборуваше дека највашни теми ќе бидат Сирија, Украина, прашања од стратешка важност. Веројатно на затворената подолго од двочаснова средба , а потоа и средбата во поширок состав се разгледани сите споменати теми. Иако на прес конференција доминираа, Сирија, Украина, и наводното руско мешање во изборите во САД во 2016 година.

Некои руски експерти по средбата во Хелсинки забележуваат дека на неа дошло до „опасно зближување со создавање на неочекувана алијанса“.И дека Путин се нашол во иста политичка врска со Доналд Трамп. Оттука на тој пат Москва можат да ја очекуваат непријатни изненадувања, па затоа таа мора да дејствува крајно внимателно. Впечатокот што се наметнува по јавниот настап на двајцата претседатели е дека Путин решил да се клади на Доналд Трамп во неговата битка со поголемиот дел од американскиот естаблишмент.

На турнејата во Европа Доналд Трамп тргна со увереност дека средбата со Путин ќе му биде најлесна. Така барем изјави денови пред тргнувањето на пат. Ако се суди според она што се случуваше на самитот на НАТО американскиот претседател одржа лекција по бизнис во полза на одбрана. Членките на Алијансата треба да ги зголемат своите воени буџети до два, иако Трамп побара дури и четири проценти од БДП. Како членките да ги потрошат дополнителните пари за одбрана објасни чешкиот премиер Андреј Бабиш. „Ќе купуваме американско оружје“, рече тој, шеговито, но вистинито. Значи ќе се работи на благо на американскиот буџет и воена индустрија. На истата средба си го „доби“ и Германија заради „Северен поток – 2“. Тој проект според Трамп бил антинатовски. За волја на вистината во Хелсинки американскиот претседател за тој проект зборуваше сосема друго, па му најави американска конкуренција. Во Лондон Трамп го критикуваше моделот на британската влада според кој Велика Британија ќе замине од ЕУ. Ако се има сето ова предвид се чини дека тој бил во право дека средбата со Путин ќе му биде најлесна.  Така изгледаше барем според надворешните манифестации по средбата.

Никој не може да каже како ќе се развиваат работите во САД во наредните месеци. Бранот од критики сигурно беше неочекуван за тимот на Трамп, кој важи за антируски. Сега по најавата за посета на Путин на Вашингтон неговите противници можат да станат се погласни. Внатрешно политичките превирања во САД нема да застанат. Специјалниот обвинител Милер, главните медиуми, демократите, а и по некој републиканец веројатно ќе прават се’ Трамп што побрзо да се соочи со нивната вистина – дека Русија не е партнер од доверба. И дека врз неа треба да се притиска уште повеќе. А Трамп, пак, преку својот твитер порачува: „Лажните медиуми посакуваат војна со Русија“! Ова како да е и порака до политичарите и разузнавачкото општество.

Во САД се уште не е закопана и е свежа лагата на разузнавачите за Ирак и неговото оружје за масовно уништување. Лага која остави длабоки последици врз надворешната политика на САД од која тие не можат да се оправат еве десетици години. А Русија тоа го искористи и се врати на голема сцена, особено во арапскиот свет. Американците,  претседателот Барак Обама, како да се плашеше да не се повтори грешката од Ирак, па ја остави Сирија на Русите. Се разбира откако претходно видоа што се случи со „демократизацијата“ на Либија и Египет.

Можат ли сега во САД да надвладеат оние кои „посакуваат војна со Русија“? Можат ли да го тргнат Трамп од власта? Лани кога беше формирана комисијата на специјалниот обвинител Милер за утврдување на руското мешање во изборите во САД, некои аналитичари зборуваа и прогнозираа дека ќе дојде до импичмент на Трамп до крајот на годинава. Остануваат уште неполни шест месеци. А Трамп веќе подготвува пари за нова претседателска кампања за изборите во 2020 година. Веројатно е убеден во исправноста на својата политика.

По Хелсинки останува впечаток дека и Трамп, како и Џорџ Буш – помладиот сака да има лични односи си Путин. На американскиве претседатели како да им импонира да имаат руски претседател за пријател. За разлика од Буш, Трамп за свој другар го смета и кинескиот претседател Си Џинпинг. Веројатно неговото бизнис искуство го тера така да се однесува. Пријателството од интерес, како и бракот од интерес се поцврсти отколку оние од љубов. Особено во политиката. Еден од примерите е НАТО, па ЕУ или разноразните сојузи во регионите ширум светот. Се ќе биде многу појасно кога ќе дознаеме што видел Трамп во очите на Путин. Само и тој по некоја година да не се разочара како Буш.

А и влогот на Путин во целата оваа приказна не е воопшто мал. Прашање е само цената која ќе треба да се плати дома, па и надвор за да му се помогне на Трамп да го истера своето. Ако тргнат работите според очекувањата на двата лидера, тогаш Путин ќе мора да почне да се бави и со голф, ако веќе не почнал да зема часови за таа игра.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок