СИЛЕН ЗЕМЈОТРЕС ВО КИНА, СО ДВЕ ЖРТВИ: Жителите сѐ уште не можат да се вратат во домовите
Објавено во: Свет 16 Септември, 2021
Две лица загинаа, а десетици се повредени во земјотресот што утрово ја погоди југозападната кинеска провинција Сечуан, соопштија властите.
Земјотресот се случил во областа Луксијан, на околу 120 километри југозападно од мегалополисот Чонгкинг, во кој живеат околу 30 милиони жители.
Според американскиот геофизички институт, земјотресот бил со јачина од 5,4 степени, додека кинескиот центар за земјотреси проценува дека бил со јачина од 6,0 степени.
„Во силен земјотрес, две лица загинаа, тројца беа тешко повредени, а 50 беа полесно повредени, а 22 куќи во областа беа урнати“, соопштија локалните власти.
Многу згради беа оштетени, а комуникацијата беше прекината во некои делови од областа.
Јавната телевизија CGTN покажа сериозно оштетени куќи, остатоци од земја и искорнати дрвја во околните улици.
По слабиот дожд, спасувачите поставија шатори во дворот на училиштето кое беше претворено во привремено засолниште.
„Од безбедносни причини, жителите засега не можат да се вратат во своите домови“, објави телевизијата.
Локален претставник рече дека е малку веројатно дека ќе следи посилен земјотрес, но дека ќе има повеќе помали земјотреси за некое време.
Провинцијата Сечуан беше погодена од силен земјотрес со јачина од 7,9 степени во 2008 година, кога загинаа или исчезнаа 87.000 луѓе.