Синдикатот се мобилизира по најавите на Манчевски
Објавено во: Економија 20 Ноември, 2018
Синдикатот на УПОЗ се мобилизира по најавите на министерот за администрација и информатичко општество, Дамјан Манчевски, дека некаде ќе се крати, а некаде ќе се отвораат нови работни места.
Бараат синдикатот на управата постојано да биде вклучен во дебатите околу реформите на администрацијата и велат дека ќе се залагаат сите членови на синдикатот да ги задржат своите работни места.
„Како Синдикат во однос на натамошната постапка околу вишокот работници ќе се залагаме исклучиво членовите на Синдикатот да ги зачуваат своите рабтни места. Со сите законски решенија кои ќе се нудат се залагаме за подобри права на административните службеници, дури и за оние кои не се членови би требало да се заложиме за социјална сигурност или задржување на работното место ако не во таа институција во некоја соодветна“ – вели Пеце Грујовски, претседателот на Синдикатот на УПОЗ.
Тој додава дека дури има премалку службеници, а премногу работа.
„Секојдневно нашите членови ни укажуваат дека 4 шалтери опслужуваат 2.000 граѓани и затоа цело време се зборува дека администрацијата е неефикасна. Можеби има вишок, но тоа треба да го кажат надлежните“ – вели Пеце Грујовски од Синдикатот на УПОЗ.