СИНОФАРМ И СИНОВАК НА ПРОЦЕНКА: Што ќе одлучат ЕМА и СЗО
Објавено во: Свет 04 Мај, 2021
Светската здравствена организација (СЗО) ќе се состане оваа и следната недела за да ги процени кинеските вакцини развиени од Синофарм и Синовак и да евентуално да ги одобри за итна употреба.
„Имаме состанок на советничка група денеска, а ќе се состанеме и во следните денови за да се евалуира Синофарм“, рече Маријанџела Симао, помошник генерален директор на СЗО за пристап до лекови и здравствени производи, на брифинг во понеделникот.
Очекуваме дека за Синофарм ќе имаме одлука пред крајот на оваа недела, а за Синовак најверојатно до крајот на следната недела“.
Доколку бидат одобрени, кинеските вакцини ќе бидат први од незападна земја што ќе добијат одобрување од глобалната здравствена агенција, наведува Ројтерс.
Истовремено Европската агенција за лекови денеска соопшти дека започна тестирање на кинеската вакцина Синовак, врз основа на претходните тестови кои покажаа дека произведува имунолошки одговор против коронавирусот. Податоците за кинеската вакцина ќе бидат истражени во реално време за да се забрза потенцијалното одобрување, соопшти ЕМА.
Тоа е прва кинеска вакцина тестирана од ЕМА со овој метод и вкупно четврта вакцина, по КјурВак, Новавакс и Спутник В.
Таквиот метод им овозможува на истражувачите да ги потврдат податоците дури и пред да бидат објавени конечните резултати, што го забрзува процесот на одобрување.