СИРИЗА започна да се мајтапи со Нова Демократија: Нели не чинеше Преспанскиот договор!?
Објавено во: Балкан 18 Јули, 2019
СИРИЗА по губењето на власта во Грција започна со испраќање на реакции на адреса на владеачката Нова Демократијапо позитивните сигнали изразени кон Преспанскиот договор и ставовите на алтернативниот шеф на грчката дипломатија, Милтиадис Варвициотис и на министерот за одбрана, Никос Панајотопулос.
„Седум месеци Нова демократија и господинот Мицотакис се препуштија на неверојатен квази-патриотизам, поттикнувајќи ги национализмот и радикално десничарските теории на заговор за да уловат гласови од радикалната десница. Отидоа толку далеку дури и да говорат за размена за некратењето на пензиите со потпишување на Договорот од Преспа. Само десет дена по изборите, политиката на владата на СИРИЗА во врска со Договорот од Преспа е сосема оправдана. Сега, министрите од НД говорат за „корисни начини на соработка за двете страни“ (Варвициотис) и за „една подобра иднина за двете земји“ (Панајотопулос)“, гласи реакцијата на Сириза.
Преку својот Твитер профил реагираше и поранешниот министер за надворешни работи на Грција, Никос Коѕиас, потписник на Преспанскиот договор.
„Драго ми е што Договорот од Преспа започна да и се допаѓа на Нова демократија. Но, бидејќи ме нарекоа предавник, добив 1100 писма+ стотици заканувачки телефонски повици, куршуми и секаков вид на муниција, дури и противвоздушна, кеси полни со крв, прашувам, можеби ви преостанува и едно извини?, напиша Коѕијас на Твитер.