25 Април, 2024
0.0286

СКАПА ЕНЕРГИЈА: Ветер, сонце, биогас од што најдобро се заработува?

Објавено во: Економија 25 Мај, 2018

Добивај вести на Viber

За производство на зелена струја, Македонија лани плати 35,7 милиони евра или еден мегават струја произведена од ветар, вода, сонце и од биомаса во просек чини 109 евра. За споредба, регулираната цена за произведен мегаватчас електрична енергија што му ја одобрува Регулаторната комисија за енергетика на ЕЛЕМ изнесува 41 евро.

Драстичната разлика во цената покажува дека струјата добиена од обновливи извори се уште е многу скапа бидејќи бара големи почетни инвестиции. Токму затоа, производството на оваа енергија во сите европски земји, па и кај нас, е поддржано со државни субвенции се додека не стане доволно исплатливо, но и со ограничување на нејзиното учество во вкупната цена на струјата која ја плаќаат потрошувачите. Според нашата регулатива, трошокот за купување на електрична енергија од повластени производители влијае со 6,76 отсто врз крајната цена за домаќинствата.

Во 2017 година, во земјава биле регистрирани 179 повластени производители на струја, од кои огромно мнозинство се приватни фирми, кои испорачале 326.969 мегават часа на операторот на пазарот на електрична енергија АД МЕПСО. Лани сите македонски големи производствени капацитети заедно испорачале околу 7.000.000 мегават часови електрична енергија, што значи дека производството на обновливите е околу 5 отсто од целото домашно производство. Најзастапени се малите хидроелектрани кои учествуваат со 43 отсто во вкупното производство на електрична енергија од повластени производители, ветерните електроцентрали учествуваат со 34 отсто, трето рангирани се термоелектроцентралите на биогас со 16 отсто, а најмало е учеството на фотонапонските електроцентрали кое изнесува 7 отсто.

Но, токму струјата произведена од сонце е најскапа. Според податоците од РКЕ, за неа плаќаме просечно по 202 евра за мегаватчас. Во 2017 година имало 102 повластени производители на струја од сонце. Тие предале најмалку енергија од сите други производители, вкупно 23.752 мегават часови за што наплатие 4,8 милиони евра. Привилегирани цени имаат 73 мали хидроцетрали и тие произвеле 141.186 мегаватчасови струја за што инкасирале 11,7 милиони евра. Просечната цена за повластената хидроенергија е 83 евра за предаден мегаватчас.

Најголемо учество во приходите од зелена енергија има државата компанија ЕЛЕМ која има еден ветерен парк за производство на електрична енергија близу до Богданци. Во 2017 година ЕЛЕМ произвел 110.480 мегават часови за кои наплатил 9,8 милиони евра. Тоа значи дека мегаватчас струја произведен од ветер чини 89 евра.

Биогасот се произведува од ѓубре односно шталски отпад или измет. Во земјава има три такви централи и тие лани испорачале 51.551 мегаватчасови зелена струја. За тоа наплатиле 9,2 милиони евра. Просечната цена по произведен мегаватчас е 178 евра.

Иако, зелената енергија е скапа, Европа врз неа ја гради енергетската иднина. Во енергетските стратегии се предвидува зголемување на учеството на обновливата енергија во следните децении, со тенденција до 2050 година таа да стане главен извор за снабдување. Како земја- кандидат за членство во ЕУ, и Македонија е должна да ја спроведува оваа стратегија.

Причината за користење на овој тип енергија е јасна, иако е кај нас таа е најочигледа во текот на зимските месеци кога е највидлива, а тоа е зачувување на животната средина преку намалување на загаденоста на воздухот поради користење на фосилни горива, како јаглен, мазут, нафта и дрва или нечисти и несигурни технологии како нуклеарни централи. Не помалку важен е моментот што обновливите извори на енергија ја намалуваат енергетската зависност на секој земја од увоз на нафта и други цврсти горива со што се намалува трговскиот дефицит и се добра основа за поконкурентно стопанство.

Дека, зелената енергија е и тоа како исплатлива на долг рок, покажуваат примерите во Германија, Португалија и Велика Британија, кои се лидери во нејзино користење. Во овие земји, лани неколку денови во годината побарувачката за струја во целост беше задоволена од обновливи извори, а поради зголеменото производство имаше денови кога цената на струјата отиде во минус, односно енергетските компании им  плаќаа на потрошувачите да трошат енергија!

Инаку, фармите за ветерна енергија во Данска обезбедуваат 140 отсто од побарувачката, Норвешка е целосно префрлена на обновливи извори, а во голем број европски земји некогаш големите енергетски капацитети стојат затворени или се вклучуваат само кога треба да помогнат да се направи балансирање на струјата добиена од обновливи извори.

(М.Б.)

Можеби ќе ве интересира

ДАЛИ Е ОВА НАЈВИСОКАТА НЕТО ДИВИДЕНДА? Изнесува 35 евра за акција, а приносот е 7 отсто

ДАЛИ Е ОВА НАЈВИСОКАТА НЕТО ДИВИДЕНДА? Изнесува 35 евра за акција, а приносот е 7 отсто

Економската зона Ченгду-Чонгкинг е еден од главните мотори на идниот економски раст на Кина

Економската зона Ченгду-Чонгкинг е еден од главните мотори на идниот економски раст на Кина

САКАТЕ УСПЕХ ВО КАРИЕРАТА: Вмрежувајте се и ширете ги контактите

САКАТЕ УСПЕХ ВО КАРИЕРАТА: Вмрежувајте се и ширете ги контактите

ПРОФИТОТ НА ТЕСЛА ПРЕПОЛОВЕН: компанијата ја губи трката од кинеските конкуренти

ПРОФИТОТ НА ТЕСЛА ПРЕПОЛОВЕН: компанијата ја губи трката од кинеските конкуренти

СВЕТСКИ ПОЗНАТА КОМПАНИЈА ТУЖИ АМЕРИКАНСКИ „ЏИН“: Им го украдоа заштитниот знак на моделите на спортска облека

СВЕТСКИ ПОЗНАТА КОМПАНИЈА ТУЖИ АМЕРИКАНСКИ „ЏИН“: Им го украдоа заштитниот знак на моделите на спортска облека

„ПРИЛЕПСКА ПИВАРНИЦА“ ЌЕ ДЕЛИ ДИВИДЕНДА ОД ВКУПНО 714 ИЛЈАДИ ЕВРА - од пиво добро се живее во Македонија

„ПРИЛЕПСКА ПИВАРНИЦА“ ЌЕ ДЕЛИ ДИВИДЕНДА ОД ВКУПНО 714 ИЛЈАДИ ЕВРА - од пиво добро се живее во Македонија

ДОПРВА ЌЕ ГО БАРААТ И ЌЕ ПОСКАПУВА: Бакарот урива рекорди

ДОПРВА ЌЕ ГО БАРААТ И ЌЕ ПОСКАПУВА: Бакарот урива рекорди

ЕВЕ КАКОВ РАБОТОДАВАЧ Е „ЛИДЛ“: Искуствата на вработените кажуваат сѐ

ЕВЕ КАКОВ РАБОТОДАВАЧ Е „ЛИДЛ“: Искуствата на вработените кажуваат сѐ

КОИ ЕВРОПСКИ ЗЕМЈИ ОБЕЗБЕДИЈА НАЈМНОГУ ИКТ УСЛУГИ? – еве каде е забележан најголем раст

КОИ ЕВРОПСКИ ЗЕМЈИ ОБЕЗБЕДИЈА НАЈМНОГУ ИКТ УСЛУГИ? – еве каде е забележан најголем раст