Скопјанки се уапсени на Прешево поради лажирање на вакцинација во Врање
Објавено во: Македонија 27 Септември, 2021
Македонки се уапсени на граничниот премин Прешево поради лажирање на вакцинација во Врање.
Две државјанки на Република Северна Македонија ги доведоа во заблуда здравствените работници во Србија, успевајќи да добијат потврда за вакцинација, иако не ја примиле вакцината, јави дописникот на МИА од Белград. Инцидентот се случил во саботата околу 12 часот во Спортската сала во Врање на главниот пункт за вакцинација во тој град, потврдија од Основното јавно обвинителство во тој град.
Двете жени од Скопје, на возраст од 54 и 40 години, по лекарскиот преглед и добивањето потврда за вакцинација ја напуштија Спортската сала, иако не беа вакцинирани.
Според Миодраг Стојановиќ, портпарол на Основното јавно обвинителство во Врање, државјанките на Северна Македонија биле запрени на граничниот премин Прешево, кога се уапсени за кривично дело наведување на заверка на лажна содржина и сослушани и казнети со уплата за хуманитарни потреби од по 60.000 динари (510 евра) секоја.