28 Март, 2024
0.1807

Скопје ја доби најголемата книжарница во Македонија, отворена е Literatura.mk Superstore во „Скопје сити мол“

Објавено во: Мои пари 21 Мај, 2020

Добивај вести на Viber

Со концерт на ВЛАТКО СТЕФАНОВСКИ ТРИО, кој можеше да се проследи онлајн преку социјалните мрежи, вчеравечер (20.05.2020) свечено беше отворена новата суперпродавница на „Литература.мк“ – Literatura.mk Superstore, во соработка со „Скопје сити мол“.

Станува збор за најголемата книжарница во Македонија, со површина од 500 м², која има богата понуда на книги за сите генерации на неколку јазици, програма за подароци, канцелариска и училишна опрема, играчки и кафе-бар. Суперпродавницата е сместена на вториот кат на „Скопје сити мол“, на местото на некогашната игротека, на неколку метри од досегашниот продажен простор на „Литература.мк“. Ова е седма книжарница на „Литература.мк“, по веќе препознатливите продажни места на улицата „Македонија“, во ТЦ „Рамстор“, „Веро центар“, Градски трговски центар (ГТЦ) и ТЦ „Буњаковец“ во Скопје и на „Широк сокак“ во Битола.

– Многу сме горди и среќни што конечно сме во можност да ја отвориме нашата суперкнижарница. Во новиот продажен простор „Литература.мк“ ги носи светските книжарски трендови, задоволувајќи го вкусот и на најпребирливите вљубеници во книгата. Во соработка со „Скопје сити мол“ развивме прекрасно дизајниран простор, по терк на најубавите книжарници во светот. Овој простор го нарековме суперстор (суперпродавница), а се надеваме дека еден ден ќе имаме и мегастор во Скопје. Во продавницата се застапени најбараните светски и домашни наслови од „Арс Ламина“ и од другите издавачки куќи кај нас. На едно место е собрана најквалитетната модерна книжевна продукција, голем избор од белетристиката, книжевноста за деца и стручната литература, на повеќе јазици. Во неа, покрај книгите, застапени се многу други содржини: канцелариски материјал, училиштен прибор, дидактички и едукативни и изданија, но и помагала за уметност и дизајн, како и рачни изработки и играчки за деца. Посебен акцент е ставен на гифт-програмата, во која, покрај производите од брендот „Скрипти“, можат да се најдат и луксузни подароци, дизајнерски производи за во домот и за во канцеларија. Еден од најзначајните новитети е кафе-барот, каде што ќе може да се испие добро кафе и да се прочита убава книга. Тука ексклузивно ќе биде застапено едно од најдобрите кафиња – „Кафе Италија“ (Café Italia). Кафе-корнерот ќе биде во функција кога ќе има дозвола за работа на локали од ваков вид во затворени трговски центри. Се надевам дека ќе заживее овој простор, па ве поканувам, кога ќе можете, во рамките на препораките за посета на простории од ваков вид, да ја посетите суперкнижарницата и заедно да бидеме дел од оваа успешна приказна – истакна Дарко Фиданоски, кој заедно со Слободан Голубовски се основачи на „Литература.мк“.

Свеченото отворање на Literatura.mk Superstore го одбележа ексклузивниот настап на македонскиот гитарски виртуоз Влатко Стефановски, придружуван од неговиот син Јан Стефановски на тапани и младиот басист Иван Кукиќ. Концертот можеше да се проследи онлајн, преку профилите на „Литература.мк“ на „Фејсбук“ и на „Јутјуб“.

– Честитки за овој прекрасен простор. Како музичар морам да потенцирам дека има одлична акустика, како да се наоѓаме во музичко студио. Голема чест и задоволство ни е што со мојот состав учествуваме во отворањето на суперпродавницата. Им честитам на основачите и на вработените за одлично сработеното и за храброста да отворат ваква книжарница. Изгледа светски и изгледа импозантно – истакна Стефановски.

Тој додаде дека изминатиот период работи на својот нов албум „Тафталиџе шафл“, на кое ќе гостуваат звучни музички имиња од регионот, како Васил Хаџиманов и Тихомир Поп Асановиќ. Откри и дека во моментов ги пишува своите мемоари.
– Го пишувам она на што се сеќавам, проверувам по архиви и се консултирам околу некои факти и податоци... Претпоставувам дека читателите најмногу ќе ги интересира мојот приватен живот. Ќе биде интригантно за публиката да прочита што сум доживеал. Засега, мемоарите се фајлови и не знам дали тоа ќе прерасне во книга. Би сакал да ги поздравам сите што ќе го проследат концертот во живо преку директниот пренос на социјалните мрежи, но и тие што ќе го погледнат подоцна, на снимка. Морам да признам дека со моето трио многу сме расположени за свирење, бидејќи два месеца сме немале настап. Се надеваме дека наскоро ќе има услови да свириме пред публика, а дотогаш ќе се потпреме на новите технологии – рече гитарскиот виртуоз.

Концертот почна со инструментална изведба на „Македонско девојче“ и „Си заљубив едно моме“, а ги свиреа и „Сеир“, „Вера надеж љубов“, „Калајџиско оро“, „Gipsy song“, „Јовано, Јованке“ и „Скопје“. Свирката заврши со антологиската нумера „Бистра вода“, која ја посветија на сите здравствени работници. Концертот може да се погледне на следниот линк: https://youtu.be/RVEPKTlpsX8.

Новата суперпродавница на „Литература.мк“ е дел од големиот двегодишен проект на „Скопје сити мол“, кој почна во октомври 2019 година, сè со цел збогатување на содржините и подобрување на понудата што им ја нуди на своите посетители.

По повод официјалното отворање на книжарницата, во тек е промотивна акција со 30 % попуст на сите изданија на „Арс Ламина“ и подарок-книга за секоја сметка до први јуни (до исцрпување на резервите). Продажниот простор на „Литература.мк“ работи согласно работното време на „Скопје сити мол“, од 10 до 18 часот (понеделник-сабота).


Можеби ќе ве интересира

Дарко Лукиќ од 1 јули е новиот извршен директор на Групацијата Нелт

Дарко Лукиќ од 1 јули е новиот извршен директор на Групацијата Нелт

Континуирана едукација и почитување на етичките и професионалните меѓународни стандарди се клучни за статусот и развојот на сметководството

Континуирана едукација и почитување на етичките и професионалните меѓународни стандарди се клучни за статусот и развојот на сметководството

Склучен Меморандум за соработка со Кроација осигурување АД, Друштво за неживотно осигурување Скопје

Склучен Меморандум за соработка со Кроација осигурување АД, Друштво за неживотно осигурување Скопје

Општина Центар е лидер во промени, Иницијативата за конфискација на дивоградби се преточи во закон

Општина Центар е лидер во промени, Иницијативата за конфискација на дивоградби се преточи во закон

Прилепска Пиварница одбележува 100 години постоење

Прилепска Пиварница одбележува 100 години постоење

Откријте го врвното искуство на гледање со FUEGO Electronics и новата серија 720GTV на Google TV

Откријте го врвното искуство на гледање со FUEGO Electronics и новата серија 720GTV на Google TV

Сликовницата „Рокчето“ од Никола Маџиров ќе биде промовирана во Струмица на Светскиот ден на книгите за деца

Сликовницата „Рокчето“ од Никола Маџиров ќе биде промовирана во Струмица на Светскиот ден на книгите за деца

САМО СО DINERS CLUB КУПЕТЕ МЕБЕЛ И ПРОИЗВОДИ ЗА ДОМАЌИНСТВО СЕГА, А ОДЛОЖЕТЕ ГО ПЛАЌАЊЕТО ЗА ЈУНИ

САМО СО DINERS CLUB КУПЕТЕ МЕБЕЛ И ПРОИЗВОДИ ЗА ДОМАЌИНСТВО СЕГА, А ОДЛОЖЕТЕ ГО ПЛАЌАЊЕТО ЗА ЈУНИ

Македонски Телеком ја гаси старата 3G технологија

Македонски Телеком ја гаси старата 3G технологија