Сметководителите се подготвуваат за зголемен обем на работа и клиенти со новиот закон
Објавено во: Економија 18 Декември, 2018
Сметководителите на Македонија на својот последен собир им порачаа на македонските граѓани кои нема да можат да се снајдат со новите законски измени во поглед на даночната реформа да ангажираат еден од нив, бидејќи очекуваат дека во 2019-та пресметките ќе бидат многу посложени.
„Ние сме посредници помеѓу државата и даночните обврзници и тоа е една нормална работа секој граѓанин кој има посложена ситуација со пресметките да си ангажира свој личен сметководител, бидејќи тоа е светска практика“, порачаа од таму.
Даночната реформа со новите законски измени започнува за две недели, а Здружението на сметководители порача дека ги подготвуваат софтверите за новиот начин на сметање на даноците, а најавуваат зголемен обем на работа.
Од 2019-та персоналниот данок за приходите над 90.000 денари ќе изнесува 18%, но целокупниот закон има и други мерки кои ги опфаќаат и добивките од кирии, дивиденди, игри на среќа и друго што ќе се даночи со единствена стапка од 15%.