Со два дрона ќе се регулира отпадот
Објавено во: Економија 12 Јули, 2018
Инспекторатот на Скопје денеска, меѓудругото, рече дека ќе бидат активирани два дрома за полесно активирање на престапници кои фрлаат непрописно отпад.
Комуналните инспектори на Град Скопје и на скопските општини почнуваат акција за контрола, лоцирање и казнување на оние кои фрлаат отпад низ градот. Престапниците ќе се ловат и со дронови.
-Активно соработуваме со екопатролата на ЈП „Комунална хигиена“ и веќе ги воочивме црните точки и дивите депонии во градот. На нашите инспектори и на комуналните редари од голема помош ќе им бидат и два дрона што ќе им овозможат подобар увид на теренот. На граѓаните им овозможуваме места за одлагање на својот отпад и апелираме сите воочени нерегуларности да ги пријават во Инспекторатот. Инспекторатот на Град Скопје е алатка на граѓаните преку која можат да си ги остварат своите права, изјави денеска раководителот на инспекторатот на Град Скопје Мирослав Богдановски.
Казните се предвидени со Законот за јавна чистота и се од 50 евра, па нагоре, во зависност од отпадот што се фрла.
Од ЈП „Комунална хигиена“ најавија дека граѓаните секој ден од 7 до 19 часот кабастиот отпад бесплатно ќе може да го депонираат во пунктовите на претпријатието.
Доколку граѓаните немаат начин со сопствен превоз да го депонираат кабастиот отпад во центрите, можат да се јават во ЈП „Комунална хигиена“ каде може да побараат возила од нивниот дом да го подигне за што се наплатува 830 денари.