26 Април, 2024
0.0146

Апсурди во здравството: Со продолжни кабли се напојува новата Магнетна резонанца во тетовската болница?!

Објавено во: 18 Септември, 2013

Добивај вести на Viber

Цели две години апаратот за магнетна резонанца во Клиничката болница во Тетово стои вклучен без да биде искористен за преглед на пациенти, дознава Фактор од извори од болницата. Скапиот апарат кој е дел од владиниот тендер за набавка на медицинска опрема и апарати бил вклучен веднаш по донесувањето, бидејќи доколку апаратот остане без напојување може да дојде до хаварија со оглед на фактот дека Магнетната резонанца работи на принцип на течен хелиум и не смее да остане без ладење повеќе од 8 часа. Апаратот сеуште не се употребува бидејќи градењето на Ургентниот дијагностички центар во тетовската болница трае веќе10 - тина години. Вработен од Клиничката болница во Тетово сведочи како на непрофесионален начин е вклучена Магнетната резонанца.
„Кога го донесовме апаратот моравме да го вклучиме во струја бидејќи поради опасност од хаварија мора да биде вклучен во напојување. Но со оглед на тоа дека новиот дел од болницата немаше технички прием ниту приклучок за струја во делот каде е Магнетната резонанца моравме апаратот да го вклучиме со продолжни кабли, што е тешка импровизација за апарат вреден стотици илјади евра, но немавме друг избор“ вели за Фактор вработен од болницата, кој плашејќи се за работното место инсистира на анонимност.
Од Министерството за здравство за Фактор уверуваат дека магнетната резонанца наскоро ќе биде во употреба.
„Градежните работи во тетовската болница се веќе завршени и во тек се активностите за монтирање на апаратите за компјутерска томографија и за магнетна резонанца. Монтажата и пуштањето во употреба ќе бидат во најбрз можен рок, а од производителот сме информирани дека е добиена начелна согласнот дека гарантниот рок за сервисирање на апаратурата ќе биде продолжен за една година“, велат од Министерството.
Ова доаѓа откако во меѓувреме, иако не е ниту еднаш употребена, на Магнетната резонанца ѝ истече и гарантниот рок од производителот. За сите години додека трае градењето на новиот дел на тетовската болница пациентите од Тетово и околината за Магнетна резонанца се праќаат во други медицински центри, најчесто во Скопје или се принудени да ги плаќаат скапите услуги на приватните болници каде слика на Магнетна резонанца чини меѓу 18 и 50 илјади денари во зависност од сликата која е потребна да се сними. Кога ќе се пушти во употреба новата болница? При посета на Тетовската болница во Март годинава министерот за здравство Никола Тодоров изјави дека новиот Ургентно дијагностички центар во тетовската болница ќе биде пуштен во употреба во текот на мај. Изминува септември, а објектот сеуште не е пуштен во употреба. Фактор од извори од компаниите кои биле инволвирани во работите околу новиот блок на тетовската болница, дознава дека повторно има проблем со изведувачот на проектот бидејќи последно избраната фирма „Маврово инжинеринг“ банкротираше и сега повторно се чека потпишување на анекс договор со Министерството за здравство за завршување на објектот. Проблеми и со другите апарати Инаку освен Магнетната резонанца, поради застојот на работите околу новото крило на Тетовската болница и други скапи апарати со години стоеле и сеуште стојат неупотребувани. Фактор дознава дека апаратот за дијагностика Ангеограф кој зависно од моделот може да чини и до милион евра (колку на пример е објавено дека ќе чини набавката во Струмичката болница) долго време стоел во ходник и монтиран е пред некој месец. Во новиот објект сеуште не се завршени трите хируршки сали, а скапата опрема за стерилизација неколку години стои во подрумот на болницата. Лекари од тетовската болница велат дека доколку и почне со работа новиот Ургентно дијагностички центар ќе постои проблем со стручниот кадар, особено со Ангеографот бидејќи само неколку врвни кардиолози можат да работат на него, а отворено прашање е дали тетовската болница има таков кадар и дали има време да се обучи. Фактор не успеа да стапи во контакт со директорот на Клиничката болница во Тетово Флорин Бесими на неговиот службен телефон, ниту господинот Бесими возврати на СМС пораките во кои се обидовме да стапиме во контакт со него. С.Р.