28 Март, 2024
0.0241

Со свој камен по глава

Објавено во: Колумни 29 Ноември, 2017

Добивај вести на Viber

Ех Грујо, Грујо. Џабе везеш сега пријателе! И да ти кажам право, по малку жал ме фаќа. Не за тебе, секако, за народецов на кој се обидуваш да му кажеш нешто. Оти се обидувавме да ти кажеме со години, деценија цела се обидувавме да ти кажеме. Се обидувавме колку можевме - тие неколкумина што се осмелуваа да зуцнат по некоја колумна во твојата ера на авторитарност - да ти го кажеме токму ова што сега ти се обидуваш нам да ни го кажеш: дека народецов не треба да се третира како идиот! Ама тогаш ние не само што џабе везевме, ами бевме и предавници.

Се сеќаваш ли кога везевме дека ни треба еманципиран демос, а не послушен плебс? Се сеќаваш ли дека велевме дека вистински лидер бара, негува и стимулира еманципиран народ, па макар по цена и на сопствената политичка кариера, оти само таков народ може да создаде, води и контролира демократија? Се сеќавам што напишав по неколку поводи на оваа тема. Еве, на пример, што напишав по повод договорот од Пржино: „оваа криза, сите минати, а и сите идни се разрешуваат на планот на историското преку конечно ослобување на граѓанинот како демос, како некој што го твори политичкото и стои наспроти секоја моќ, независно дали е СДСМ, ДУИ, ВМРО или било кои. Ова е криза која повикува на еманципација на граѓанинот како демос, а не граѓанинот како плебс. Ова е повик за конечно разбирање дека посакуваме и можеме подобро и дека од нас зависи...“ Или што сум напишал на пример по повод твојата патолошка желба за дисциплина и контрола: „казната генерира дисциплина. Но, прашањето е што со неа? Што може да роди дисциплинирањето? Еве дури и да го исчистиме овој концепт за дисциплина од политичките и партиските примеси и да кажеме дека целта не е да се продуцираат партиски дисциплинирани послушници (што впрочем нив им е цел), ами дисциплинирани наставници, дисциплинирани доктори, дисциплинирани професори, дисциплинирани чиновници.... И? Единствено што од тоа ќе произлезе, драги мои е мравјалник. Обичен мравјалник и ништо повеќе.“ Или во колумната Што е демократија, се обидував да те поучам: „во теоријата има еден консензус – демократијата не се исцрпува само во мнозинските гласови добиени на избори. Попрецизно, демократијата не е исклучиво мнозинската одлука на избори. Сведувањето на демократијата исклучиво на мнозинската одлука на избори, често во пракса завршува анти-демократски.“ Така учев, шефе, ама ти ука не фаќаше. И сега сакаш нам таа иста ука да ни ја продеадеш, не претпоставувајќи пријателе дека „тркалото се врти“, како што милуваш ти да кажеш.

Сум ти напишал по многу поводи дека прав маж - мажиште, не го плаши, не го тортурира, не го малтретира сопствениот народ. Особено, не го анестезира, не му го убива усетот за заедништво, усетот за демократија, а особено усетот за правда и правичност! Ти бараше чипирани идиоти, ти бараше плебс, ти бараше толпа Николче, која на копче ќе ти се појавеше на протести, на котра-протести, ќе „врзеше два-три шамари“, јаки, се разбира...ти влечкаше учителки по автобуси, ти ги малтретираше по штабови, ти ги уценуваше со работни места...И тие ти доаѓаа, нели? И убаво беше и кога ти ги полнеа автобусите и кога ти ги полнеа плоштадите, нели? Да, ама не го правеа тоа драг Николче од што имаа еманципирана свест и усет за демократија и правда, ами оти ти се плашеа! А сега, сега не ти се плашат повеќе на тебе, и затоа можеш едвај стотина да извадиш на улица! Ама сега сепак остануваат уплашени човечиња, оти ти ги креираше такви, тебе ти одговараа такви; ама сега не ти одговараат такви, зарем не!?

Колку ли само наставници, професори, доктори, полицајци, граничари, војници, административци ги натера во твоите десет години да се чувствуваат мизерно, се сеќаваш!? Да се погазат и себе си и сопствената професија. Тоа е просто жално. До таму ги дотера луѓето притискајќи ги до ѕид што целосно ги расчовечи. Правејќи ги мизерни, направи сенки од нив. Кога човек еднаш ќе го направите сенка, тогаш таа постојано ќе го следи и од него тогаш можете сè да побарате – тој еднаш веќе се убил себе си, сега како мртовец ќе стори сè, оти веќе ништо важно не му е. Затоа таков човек и ти доаѓаше на твоите повици – од страв и заради немање достоинство, но не од почит или од демократски капацитет или пак од усет за правда! Па сети се колку ли само „контра-протестирачи“ извади на улица! Како ли само им беше на тие луѓе, кои не излегуваа на протести и по телевизии затоа што во тоа веруваа, затоа што тоа го сакаа, туку затоа што беа „влечени за уши“ или ги „вадеа од кревет“ „по пиџами“!? Верувајте, јас донекаде имам разбирање за тие луѓе. Човекот е кревко суштество и прво бара да биде најаден, напиен, облечен и со кров на глава, па дури потоа да ги сонува своите идеали. Затоа осудата секогаш е врз оној што таа мизерија ја предизвикал, не врз оној што ја прифатил. Осудата, историска би рекол е врз твојот грб Никола!

Ете, драг мој Никола, тоа е „народот“ на кој што ти сега се повикуваш, тој и таков народ ти направи – мизерен. Ги тераше да носат срамни одлуки, да даваат срамни изјави, да се борат за бесмислици, да ти ги поддржуваат глупите одлуки, да ти го штитат извалканиот образ, да те заштитуваат, оправдуваат, бранат... додека не се претворат во мизерии, во луѓе без достоинство, во луѓе - карикатури. Таков народ, таков плебс ти создаде. И сега ќе ти се удри од глава не само тебе, ами за жал на сите нам, на сета држава. Таков народ повеќе нема капацитет да реагира, таков народ повеќе нема желба, таков народ е исплашен народ, таков народ е безгласен народ, таков народ е немотивиран народ. Оф, колку исплашен народец создаде Николче. Па просто е жално да се гледаат сега како сите се ЕСДЕС! Мислат дека уште е твојата ера – нова или стара, сеедно - во која да се биде ВМРО, мора! Е сега сите се ЕСДЕС, Николче, оти им е страв! Страв да те фати колку страв има во овој народ. Им наби менталитет во овие десет години дека ако не се ВМРО ќе треба да исчезнат, епа сега драг Никола, извини, ама – сега сите се СДСМ. И повторно од страв. Маме му е..а на овој напатен народ и затоа драг Николче, од таков уплашен народ, без демократски капацитет не можеш сега да очекуваш да реагира на неправдите, на затворањата, на Договори со добрососедство, на договори со Цркви, на промена на имиња...на разнебитувања и неоправди. Овој народ нема капацитет за тоа, и секако во најголем дел благодарение токму на тебе. Штета. А можеше да бидеш херој. Да го еманципираше, да го храбреше, да го направеше достоинствен овој народ. Можеби немаше да владееш цела деценија, можеби немаше да бидеш апсолутен господар, можеби немаше да имаш милијарди на контото....но ќе имаше сега народ. И сега самиот тој и таков народ: достоинствен, умен, храбар, еманципиран демос... ќе креваше глас и ќе креираше или запираше политики. Оти – уште еднаш и  уште еднаш - само еманципиран демос може да биде носител на политичкото. Вака, постојано кружиме во вителот на партиската бесмисленост и апсурдни „политики“. Демосот мора да го конституира или ако сакате да го грабне политичкото назад! Но, се плашам дека во оваа фаза, тоа е веќе доцна. Ако не и предоцна...за Македонија! 

Трајче Стојанов

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?