СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ НУДАТ МОЖНОСТ ЗА ПРОМОЦИЈА: Како хобито да се претвори во бизнис?

Објавено во: Економија 10 Јуни, 2025 07:59
Фотографирање, рачни изработки, шиење, сликање, се само дел од хоби активностите кои можат да прераснат во бизнис. Дел од луѓето веќе се осмелиле и успеале хобито да го трансформираат во бизнис. Голем бенефит е тоа што социјалните мрежи денес нудат можности за промоција.
„Може со филиграни да се работи и да се отвори фирма. Има луѓе што го работат тоа. Слики, срма, мала резба, дрво, декорации, тоа работиме. Со тоа се занимавам над 30 години. Храброст, упорност се потребни и 90 отсто е работа. Човекот треба да е вреден и тоа е најважно“, вели Горанчо Тошевски, сликар.
Катерина Златановска-Попова, советничка за развој на кариера вели дека првиот и веројатно најтежок чекор е хобито да го гледаат повеќе од само хоби, и да почнат да ја истражуваат опцијата да се трансформира во бизнис.
„Тоа мислам дека е најтешкото кај повеќето луѓе. Хобито станува бизнис кога од тоа што го правиш со љубов, почнуваш да добиваш пари, односно да заработуваш. И многумина се плашат дека ако почнат да наплаќаат за своите производи или услуги креирани со огромна љубов и посветеност, дека магијата ќе исчезне или уште полошо се плашат дека никој нема да сака да ги купи производите / услугите. Затоа би препорачала да си направиш мал тест: понуди го на пријатели, на социјални мрежи или на локални базари. Ако добиеш позитивен одговор, размислувај како да го унапредиш и прошириш“, објаснува таа.
Многу луѓе почнуваат со домашни колачи, рачно изработени чоколади, графички дизајн или едукација од дома, а потоа, откако ќе ги почувствуваат интересот и побарувачката, тогаш размислуваат и за официјализирање во форма на бизнис.
„Интернетот и социјалните мрежи го прават ова полесно и подостапно од било кога и во моментов на социјалните мрежи како Инстаграм и Фејсбук има многу интересни понуди. Ако треба некако да сумирам, би рекла дека се потребни три работи: љубов и истрајност – да не се откажеш кога ќе биде тешко, познавање на пазарот – да знаеш кому му треба твојот производ/услуга, основни вештини за водење бизнис – како да го цениш својот труд и да креираш цена, да водиш буџет и како да комуницираш со клиенти. Мојата најтопла препорака е задолжително прво да посетите некаков курс или работилница за тоа што значи отпочнување и водење на бизнис за да се стекнете со основните информации, па потоа да подготвите мал бизнис план со помош на кој ќе може да направите реална проценка колку хобито може да биде исплатливо и дали воопшто има побарување на пазарот за да го претворите во бизнис“, додава Златановска-Попова.
Но, овој процес си бара постојано учење и следење што сакаат клиентите. Златановска-Попова објаснува дека купувачите сакаат квалитет и доверба.
„Професионалноста значи: да бидеш точен, да имаш извонреден производ, добра комуникација и доследна услуга. Со време и искуство – ќе станеш сè подобар, но важно е да започнеш. Има многу примери: жени што почнале да прават домашна козметика и денес имаат свој бренд (една од нив е моја блиска пријателка која го има брендот Био Девојка), лица што фотографирале од љубов, па сега прават професионални фотосесии, луѓе што шијат облека или прават накит и продаваат на Фејсбук или Инстаграм, шминка или маникир, и можеби најактуелни и најбарани се оние кои прават домашни колачи, чоколади и домашен леб и пецива“, вели таа.
Анкета на „Гардијан“ покажа дека 28 отсто од возрасните Британци размислувале за ова, но само мал процент всушност продолжиле и го претвориле своето хоби во бизнис.
Студија спроведена пред неколку години во САД со 2.000 возрасни лица со полно работно време покажа дека повеќе од една четвртина (27 отсто) веќе го претвориле хобито во спореден бизнис покрај својата кариера. И 55 проценти признале дека би сакале да го претворат хобито во спореден бизнис, но сè уште не го направиле тој чекор.
Сања Атанасовска
foto freepik.com
Можеби ќе ве интересира
ИНВЕСТИЦИЈА ВО ВРЕДНОСТ ОД 5 МИЛИОНИ ЕВРА: „ја враќаме надежта за развој на јужниот крај на Македонија“- изграден регионалниот пат кој ги поврзува Гевгелија и Богданци

ИРАНСКИОТ ПАРЛАМЕНТ ГЛАСА ЗА ЗАТВОРАЊЕ НА ХОРМУТСКИОТ ТЕСНЕЦ: А тој е апсолутно неопходен за светската трговија со нафта

ГЛОБАЛНИТЕ АКЦИИ ПАЃААТ ПОРАДИ ЕСКАЛАЦИЈАТА НА БЛИСКИОТ ИСТОК: Инвеститорите стравуваат од поширока криза

ЗБОГУМ НА ЛЕГЕНДАТА: Последните 55 единици пристигнаа во Европа – го нарекуваат „модел за збогум“

ТРИПУНОВСКИ ЌЕ ГИ ВРАЌА МЛАДИТЕ ДА СЕ ВРАТАТ ВО ЗЕМЈОДЕЛСТВОТО: Вели дека имаат сет мерки за тоа
ПОЧИНА ЕДЕН ОД НАЈГОЛЕМИТЕ АМЕРИКАНСКИ БАНКАРСКИ БИЗНИСМЕНИ: Тој го создаде FedEx и заработи милијарди

ДО СРЕДИНА НА ЈУЛИ ПРИСТИГНУВААТ 120 АВТОБУСИ: Ќе стигнат со станици за полнење

ДОМИНАНТНИОТ ГЛОБАЛЕН СОПСТВЕНИК ПОСЕДУВА ПОВЕЌЕ ОД 8.000 ТОНИ ЗЛАТО: Вреди неверојатни 985,6 милијарди долари

АВТОМОБИЛИ ЈА ВОДАТ ГЕРМАНИЈА ОД КРИЗА? Нарачките растат, производството на возила ја извлекува економијата од рецесија
