19 Април, 2024
0.0259

Состанок на Конституенцата во Скопје: истакнати меѓународни експерти ќе дискутираат за клучни економски теми

Објавено во: Мои пари 18 Јуни, 2019

Добивај вести на Viber

Годинава ја имаме честа да бидеме домаќини на Состанокот на Конституенцата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Групацијата на Светската банка (СБ) во којашто членува нашата земја, за првпат по 2003 година, кога нашата централна банка и нашето министерство за финансии ја имаа улогата на организатори на овој значаен настан. Овој состанок претставува значајна можност да ја потврдиме подготвеноста да бидеме носители на настани коишто се на високо експертско ниво. Средбите на Конституенцата претставуваат своевиден форум на кој високите претставници на носителите на фискалната и монетарната политика во земјите членки на Конституенцата разменуваат мислења за економските политики и програмите на ММФ и СБ, како и за други клучни прашања за европската и светската економија.Ова беше истакнато денес на средбата со новинарите во Народната банка, организирана по повод одржувањето на Состанокот на Холандско-белгиската конституенца на ММФ и СБ од 21 до 23 јуни во Скопје.

„На Состанокот, во сабота, во рамки на основната тема „Како до поправеден систем за сите“, ќе се разговара за сѐ поголемата нееднаквост во доходот, факторите коишто го предизвикуваат овој тренд,  долгорочните и краткорочните последици од тоа врз економскиот раст, но и во повеќе други сегменти од општеството и инструментите и политиките коишто им стојат на располагање на носителите на политиките. Притоа, посебен акцент ќе биде ставен на политиките за промовирање поголема конкуренцијата, ефективно користење на фискалната политика за редистрибутивни цели, подобрувањето на управувањето во сферата на финансискиот сектор и на инвестициите во човечки  капитал.“ – соопшти гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, нагласувајќи дека овие важни теми се поврзани и со низа натамошни активности во меѓународни рамки, како и со конкретни планови и програми на ММФ и Групацијата на СБ. 

„Во петок, на Економскиот факултет во Скопје ќе се одржат и предавања пред студентите од страна на извршните директори во ММФ и СБ задолжени за Конституенцата, Антони де Ланој и Кун Дависе. Истиот ден, во Министерство за финансии ќе се одржи и конференција за печатот на која потпретседателот на Групацијата на СБ за Европа и Централа Азија, Сирил Милер, ќе ја презентира Стратегијата за соработка меѓу Светската банка и Република Северна Македонија.“ – извести министерот за финансии, Драган Тевдовски. На настанот во Министерството ќе биде потпишан и Меморандум за соработка со Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ) за поврзување на домашните компании со странски. Потписници на Меморандумот ќе бидат потпретседателката на ИФЦ за Латинска Америка, Карибите, Европа и Централна Азија, Георгина Бејкер, министерот за финансии, Тевдовски и амбасадорката на Швајцарија во нашата земја, Сибил Сутер Тејада. Како што беше посочено денес, овој проект е финансиран од Државниот секретаријат за економски прашања на Швајцарија (СЕКО). „За нас проектот на ИФЦ за поврзување на странските и домашните компании е од големо значење, бидејќи тоа ќе го засили ефектот од влезот на странски фирми во земјава. За странските фирми тој ќе значи поврзување со квалитетни добавувачи, додека за домашните компании ќе значи дополнителна работа, можност за пласман на нови пазари и пренос на практично знаење“, истакна министерот за финансии.

На Состанокот на Конституенцата ќе учествуваат високи претставници на ММФ и СБ. Директорот на Одделот за фискални работи во ММФ, Виктор Гашпар, директорот на Одделот на ММФ за Европа, Пол Томсен, потпретседателите на Групацијата на СБ за Европа и Централна Азија, Сирил Милер и за човечки капитал, Анет Диксон и потпретседателката на ИФЦ за Латинска Америка, Карибите, Европа и Централна Азија Георгина Бејкер, како и директорите во ММФ и СБ задолжени за Холандско-белгиската конститенца, Антони де Ланој и Кун Дависе се само дел од претставниците на двете меѓународни институции коишто доаѓаат во Скопје.

Веќе е потврдено учеството и на високи претставници на носителите на монетарната и на фискалната политика од сите земји членки на Конституенцата, меѓу кои десет гувернери на централни банки и четворица министри за финансии. Како главен говорник и учесник на една од панел-дискусиите на конференцискиот дел од Состанокот во Скопје доаѓа и истакнатиот професор Луиџи Зингалез од Чикашкиотуниверзитет, којшто во меѓународни рамки важи за еден од најеминентните стручни проследувачи, анализатори и оценувачи на капитализмот.

Во периодот на одржување на Состанокот на Конституенцата, нашата земја ќе биде центар на експертски дискусии за клучни економски теми. Меѓу говорниците на панел-дискусиите ќе бидат и гувернерката Ангеловска-Бежоска и министерот Тевдовски. Покрај дискусиите коишто ќе се водат заеднички меѓу сите учесници на настанот, во рамки на состанокот во Скопје ќе се одржат и повеќе билатерални средби и разговори меѓу претставниците на ММФ и СБ и на земјите членки на Холандско-белгиската конституенца.

Во Холандско-белгиската конституенца, покрај Холандија, Белгија и нашата земја, членуваат и Босна и Херцеговина, Бугарија, Грузија, Ерменија, Израел, Кипар, Луксембург, Молдавија, Романија, Украина, Хрватска и Црна Гора.


Можеби ќе ве интересира

Општина Сопиште како Финска: Гризли Иглос е новата уникатна атракција

Општина Сопиште како Финска: Гризли Иглос е новата уникатна атракција

Светот на Биби на 36. издание на Саем на книга

Светот на Биби на 36. издание на Саем на книга

ВТОРА ГОДИНА ПО РЕД „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ ПРОГЛАСЕНА ЗА НАЈПОСАКУВАН РАБОТОДАВЕЦ

ВТОРА ГОДИНА ПО РЕД „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ ПРОГЛАСЕНА ЗА НАЈПОСАКУВАН РАБОТОДАВЕЦ

Бидете во чекор со светските модни трендови за вашата матурска вечер

Бидете во чекор со светските модни трендови за вашата матурска вечер

Вработување.ком: ТАВ Македонија е најпосакуван македонски работодавач за 2023

Вработување.ком: ТАВ Македонија е најпосакуван македонски работодавач за 2023

Ново екстра модерно казино „Luxor“ сопственост на APEX на граничниот премин Блаце!

Ново екстра модерно казино „Luxor“ сопственост на APEX на граничниот премин Блаце!

Промоција и дегустација на уникатна колекција вина на Alchemist

Промоција и дегустација на уникатна колекција вина на Alchemist

Паком ги претстави последните возбудливи иновации на Vivax Cool Day 2024

Паком ги претстави последните возбудливи иновации на Vivax Cool Day 2024

„Макпетрол“ најпосакуван работодавач помеѓу нафтените компании за 2023 година

„Макпетрол“ најпосакуван работодавач помеѓу нафтените компании за 2023 година