Спасовски за писмото од ИВЗ: Сметаме дека заканите се неприфатливи
Објавено во: Македонија 23 Март, 2019
Mинистерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, вели дека Македонија е секуларна држава и не прифаќаат никакви уцени, говорејќи за ултиматумот од Исламската верска заедница.
Спасовски вели дека апсолутно е непримерно во услови кога станува збор за судската власт и постапки пред судовите да имаме комуникација на уцени и закани. Тој повика на дијалог и потенцира дека недозволиви се уцени од било кого.
„Сметаме дека заканите се неприфатливи од било кого доаѓаат, во случајов се работи за едно писимо на ИВЗ кое е сериозна уцена. Повикувам на сериозен пристап, на одговорни луѓе личи добра комуникација. Оваа Влада на чело со Зоран Заев покажа дека има сериозен капацитет за дијалог и разговор, во тој дух да разговараме со секого, но никако нема да дозволиме уцени од било кого“, изјави Спасовски.
Вицепремиерот Бујар Османи исто така на денешната заедничка прес-конференција со министерот за внатрешни работи Спасовски од граничниот премин „Богородица“ повика на дијалог за случајот со ИВЗ.ИВЗ вчера ја обвини Владата за бавната постапка за денационализација, како и за секојдневните проблеми кои ИВЗ ги имала од органите на власта кои ја попречувале во нејзината работа и секојдневната активност на одржување на верските објекти. Од ИВЗ посочија и дека се особено засегнати од нерешавањето на статусот на повеќе верски објекти. Тие обвинија и дека Владата ја фаворизира МПЦ.