Србија има порака за ЕУ
Објавено во: Балкан 30 Мај, 2019
Српските власти имаат порака за Европската Унија.
Премиерката Ана Брнабиќ, оцени дека извештајот на Европската комисија за напредокот на Србија главно гледано е позитивен, но, сепак, има неколку работи што се нејасни. Брнабиќ особено ја критикува ЕУ дека применува двојни аршини кога станува збор за Косово.
„Загрижена сум од недостигот од конкретна реакција на ЕУ за сето она што се случува. Пред сѐ, денеска е 2.226. ден од потпишувањето на бриселскиот договор и обврската за формирање на заедницата на српските општини (ЗСО). Брисел е гарант на договорот и ЕУ гарантира негова примена“, нагласи Брнабиќ, пренесе „В92“.
Таа изрази загриженост и за недостигот од реакција на инцидентите, меѓу кои и за вчерашниот, и нагласи дека Приштина ги крши ЦЕФТА-спогодбата и Спогодбата за стабилизација и асоцијација со ЕУ.
„Ако ЕУ се залага за владеењето на правото и ако толку инсистира на тоа, нека инсистира на владеењето на правото и кога се тие во прашање. Нека гарантира примена на бриселскиот договор и на ЗСО“, истакна Брнабиќ.
Брнабиќ е категорична дека ова не е ЕУ во која таа верува.