СРПСКИ ЛЕКАР: Разликата е во тоа што сега тешката клиничка слика се појавува многу побргу по првите симптоми
Објавено во: Балкан 09 Март, 2021
Претходната ноќ била исклучително тешка и за едно деноноќие дури 24 пациенти со ковид 19 биле примени во болницата КБЦ „Драгиша Мишовиќ“, изјавил заменик директорот на таа болница, Предраг Савиќ.
Според него, новите пациенти имаат потешка клиничка слика.
Савиќ истакна дека структурата на возраста на пациентите не се променила, но дека се променил фактот што тешката клиничка слика се развива многу брзо по појавата на првите симптоми.
„При самиот прием, доаѓа до прогресивни двострани пневмонии, така што процесот за време на третманот тука исто така се влошува кај некои пациенти, но за среќа, пациентите сè уште добро реагираат на терапијата што ја користиме во оваа болница“, изјавил Савиќ за РТС, а пренесува Блиц.рс.
Во болницата се сместени и 14 деца и 11 бремени жени кои се разболеле од ковид. Кога станува збор за другите пациенти, Савиќ изјавил дека најмладиот има 35 години, а најстариот има 95 години.
Савиќ рече дека, иако вреди да се апелира до граѓаните, тие апели не вродиле со плод и дека болниците сега се полни.
„Можам да кажам само една работа, дека болницата „Батајница“ го исполни својот капацитет од 1.000 кревети. Земунската болница исто така ги исполни своите капацитети, над 350 легла. Болницата „Драгиша Мисовиќ“ во моментов работи на максималниот капацитет“, рече Савиќ.
Тој спомена дека никој не смее да биде изненаден ако пациентите од Белград се префрлени во ковид болницата во Крушевац.