23 Април, 2024
0.0273

Групацијата Новоматик и Апекс Македонија ја отвораат дилемата – кој се коцка со 10.000 човечки судбини

Стоименов: Оркестрираните напади кон индустријата за игри на среќа се мотивирани политички, локалните избори се мотив плус за неодржливите законски измени

Објавено во: Економија 03 Март, 2021

Добивај вести на Viber

Аргументот дека називите на фирмите и излозите на спортските обложувалници и автомат клубовите ги привлекуваат малолетниците и наводно им создаваат навика за „коцкање“, и токму заради тоа треба да се дислоцираат на минимум 500 метри од образовните институции, се неодржливи и немаат допирна точка со реалноста, вели Горан Стоименов, претставник на Групација Новоматик Македонија (казино „Фламинго“ хотел Гевгелија и Скопје, Адмирал Астра казино) и Апекс Македонија. Во период кога повторно се актуелизираат измени во Законот за организирање игри на среќа тој е категоричен дека овој концепт е целосно промашен. Утврдувањето на било каква дистанца, „де факто“ според него, значи целосно затворање на оваа индустрија и оставање на улица на речиси 10.000 вработени. Државата, вели, ќе ризикува да изгуби околу 280 милиони евра буџетски приходи на годишна основа.

Кое е вашиот став, зошто игрите на среќа се сметаат за индустрија која е ризична за младите?

Стоименов: Живееме во општество во кое сеуште владеат разни стереотипи. Додека во западниот свет, игрите на среќа се третираат како сосем вообичаен бизнис, овде насила се прави проблем, таму каде реално не постои. За жал, веќе подолг период индустријата на игри на среќа е цел на перманентна црна кампања во која за обложувалниците и автомат клубовите се прави слика дека се дувла на криминал, во кои наводно влегуваш здрав, а излегуваш болен од зависност од коцкање. Уште пострашно е што свесно и со умисла се креира амбиент дека нашите објекти се ризични по нашата младина. Тргнувајќи дека и ние кои сме дел од индустријата игри на среќа сме исто така родители и тоа најчесто на малолетни деца, жигосувањето дека ние работиме против сопствената младина, го доживуваме навистина непријатно.


Зошто не се согласувате со најавените измени на Законот на игри на среќа?

Стоименов: Погрешен е впечатокот дека ние генерално сме против законски измени, туку се противиме на нелогични, погрешни и политички мотивирани измени. Постоечката регулатива во Северна Македонија е најстрога на Балканот, бидејќи актуелниот Закон ги опфаќа сите сегменти на контрола на игрите на среќа од сите надлежни институции. Без разлика дали станува збор за финансиска или безбедносна контрола. Секој апарат во автомат клубовите е 365 дена поврзан со УЈП, со што 24 часа се евидентираат сите уплати и исплати,во реално време. Од безбедносен аспект, кај нас не само што не смее, туку нашето обезбедување по службена должност спречува влез на малолетни лица. Важно е да се напомене дека досега не постои записник на инспекциските служби каде е евидентирано присуство на малолетник во автомат клубовите кои се во наша надлежност, што е исклучителна потврда дека ние сме врвни професионалци, општествено одговорни компании кои го штитат јавниот интерес 100% и неселективно ги спроведуваме законските норми. Еве на пример, доволно е да се направи увид колку професионално се спроведуваат безбедносните протоколи за заштита од ширењето на „Ковид-19“ во автомат клубовите. Во нашите објекти се спроведуваат сите највисоки ЕУ и светски стандарди. Дури, во автомат клубовите имаме дежурен психолог кој стои на располагање на секој играч кој евентуално ќе почуствува зависност од игрите на среќа, веднаш да го контактира за стручна помош.

Велите „политички мотивирани“ законски измени, што сакате да кажете со тоа?

Стоименов: Ние сме длабоко уверени дека зад интервенциите во постоечкиот закон се крие вистинската намера, целосно да се затвори индустријата игри на среќа. Нападите дека Северна Македонија се претворила во Лас Вегас, дека обложувалници и автомат клубови има на секој чекор, дека токму заради тоа се загрозуваат малолетниците и се труе младината, треба нас и нашата индустрија да ја направи „црн ѓавол“. Едноставно, се манипулира со јавноста преку ширење паника за некакво измислено зло, кое после се злоупотребува во дневната политика. Носител на оваа негативна кампања е неформалното здружение „Антикоцкање“ од Тетово, кое бара целосна забрана на оваа дејност и во континуитет врши притисок врз политичките партии да ги подржат нивните ставови. Очигледно е дека наближувањето на локалните избори влијае врз динамиката за измените во законот за организирање игри на среќа.


Зошто мислите дека со дислокација на објектите на 500 метри од образовните институции, ќе се затвори индустријата?

Стоименов: Прво, утврдување на дистанца од 100, 300, 500 метри или 3 километри од образовни институции не е решение за заштита на малолетниците. Бидејќи, тие пешачејќи или возејќи се во автомобил или автобус до училиштето каде посетуваат настава, повторно ќе поминуваат покрај објектите каде се организираат игри на среќа. Аргументот дека називите на фирмите и излозите на спортските обложувалници и автомат клубовите ги привлекуваат малолетниците и наводно им создаваат навика за „коцкање“, и токму заради тоа треба да се дислоцираат на минимум 500 метри од образовните институции, се неодржливи и немаат допирна точка со реалноста. Второ, предлогот за дислокација е многу тешко изводлив на терен. Бидејќи согласно постоечката инфраструктурна поставеност, одредено дистанцирање од едно училиште, ќе го приближи објектот до друго училиште. Така гледајќи, овој концепт е целосно промашен. Утврдувањето на било каква дистанца, „де факто“ значи целосно затворање на оваа индустрија и оставање на улица речиси 10.000 вработени. Државата ќе ризикува да изгуби околу 280 милиони евра буџетски приходи на годишна основа.

Сепак, во регионот има примери каде има целосна забрана на игрите на среќа?

Стоименов: Точно, но ајде да ги видиме ефектите. Албанија во 2019 ги забрани и затвори спортските обложувалници и казина, дозволувајќи само „on-line“ игри на среќа. Во септември 2020 година, нивната Влада се пишмани и дозволи повторно да се организираат игри на среќа, дури и да се отвораат објекти во најстрогиот центар на Тирана. Косово со 10 годишен мораториум забрани игри на среќа. Циркулираат неофицијални информации дека одредени косовски бизнисмени се сега заинтересирани да се префлат во Македонија и да се занимаваат со организирање игри на среќа. Во Грција децении наназад беа забранети објектите за игри на среќа. Бројот на казина на целата нивна територија не надминува повеќе од 10, кои претежно беа насочени кон туристите. Но, тоа сепак не ги спречува Грците да играат. Податоците укажуваат дека, пред пандемијата со „Ковид-19“ меѓу 3.000 и 5.000 Грци само во еден ден ги посетуваат казината во Гевгелија. Локалните власти тврдат дека економскиот развој на општината веќе 15 години се темели на работењето на казината и хотелскиот бизнис. Тука треба да земе предвид дека и домашните нафтени компании, стоматолозите, трговците имаат полза. Овие податоци веројатно ги принудија Грчките власти да ја менуваат ригидната политика и со нов закон во 2018 дозволија нивната државна лотарија да отвора објекти со VLT апарати. Во Грција ќе бидат инсталирани 36.000 апарати за игри на среќа. Со други зборови, ниту една држава не сака нејзините граѓани да ги трошат своите пари во соседството.


Велите, генерално не сте против измени на Законот за игри на среќа, но кои се вашите предлози?

Стоименов: Прво, ние сметаме дека како индустрија која вработува вкупно меѓу 7.500 и 10.000 луѓе, како економски сектор кој индиректно помага меѓу 54.000 и 100.000 работни места, кои имаат бенефит по разни основи и обезбедува годишен прилив во Буџетот од околу 280 милиони евра, најмалку што треба да ни биде овозможено е да бидеме консултирани и вклучени во законските измени. Второ, ние автомат клубовите и казината сме организирани во АПИС – Асоцијација на приредувачи на игри на среќа и бараме да ги спротивставиме нашите аргументи. Групацијата Новоматик Македонија и Апекс Македонија сме претставници на реномирани компании од земји членки на ЕУ и бараме нашите инвестиции да бидат третирани соодветно како и сите останати странски инвестиции во земјата. Трето, подготвени сме со свои правни експерти активно да се вклучиме во изготвување на законските измени. Постојат повеќе опции за државата да ги заштити постоечките буџетски приливи, а заштитата на малолетниците да биде уште повеќе зајакната.

Што ако властите опстојат на своите намери да се дислоцираат објектите за игри на среќа?

Стоименов: Евентуалното прифаќање на концепт за дислокација на објектите од образовните институции, ќе предизвика сериозни правни импликации за Владата на Република Северна Македонија. Повеќето фирми имаат постоечки лиценци, кои се издадени врз основа на важечкиот Закон, а чиј рок истекува во наредните 3-5 години. Во секој автомат клуб има сериозни инвестиции, направени по највисоки светски и ЕУ стандарди, фирмите имаат постоечки повеќе годишни договори за закуп на објектите, кои се правени врз основа на одредена правна и финансиска извесност, согласно постоечката регулатива. Доколку државата инсистира дислокацијата на објектите да се направи во пократок рок од рокот до кога им траат лиценците издадени по сега важечкиот Закон, неминовно ќе се соочи со тужби за надомест на штети, кои ќе предизвикаат тешки финансиски импликации по Буџетот на РСМ. Во спротивно, доколку пак Владата за да се заштити правно, во преодни и завршни одредби предвиди дислокацијата на објектите на игри на среќа да се направи откако ќе истечат постоечките лиценци, тогаш законот ќе има одложена примена и нема да ги задоволи дежурните критичари на игрите на среќа.


Зошто тврдите дека законските измени нема да ги одвратат луѓето од игрите на среќа, туку ќе предизвикаат затворање на легалните за сметка на нелегални играчници?

Стоименов: Игри на среќа, постоеле и ќе постојат. Прашањето е дали државата ќе ги контролира или ќе се игра на црно. Според последното истражување, спроведено пред пандемијата со „Ковид-19“, во нашите објекти влегуваат најмногу 3 отсто од полнолетната популација, кои се традиционални играчи. Некој од нив игра од забава, некој игра за да заработи плус, некој за да си ја задоволи играчката страст. Во автомат клубовите и казината многу ретко некој влегува од љубопитство. Се работи за луѓе кои претходно веќе играле, најчесто на запад и тука си ја пробуваат среќата. Дека затворањето на регуларниот економски пазар на игри на среќа ќе предизвика отворање на диви, нелегални играчници, постојат факти. Земјава веќе еднаш, во 2011, ја тресеше аферата „Детонатор“ во која полицијата тогаш во неколку градови на истокот заплени околу 1.000 покер апарати кои беа доказ дека се одвивале игри на среќа на црно, во кој големи профити завршувале во џебовите на тогашни локални моќници. Затоа клучното прашање е ако во цела ЕУ и западна цивилизација има организирани, легални игри на среќа, зошто Северна Македонија, која тежнее да стане членка на европското семејство, би била исклучок?

Како пандемијата со „Ковид-19“ се одразува врз индустријата игри на среќа?

Стоименов: Како и сите други дејности, и ние не сме имуни на штетните економски последици од светската пандемија. Сепак, без разлика на кризата, ние не отстапивме од нашето деловно мото - секогаш да бидеме општествено одговорни компании. Во период на пандемијата на „Ковид-19“ автомат клубовите и казината иако не работеа 100 дена, ние ги задржваме сите вработени. Хотелот „Фламинго“ во Гевгелија го отстапивме на државата за карантин, дониравме медицинска опрема и болнички кревети во износ од 200 илјади евра, нашите вработени учествуваа во масовна крводарителска акција во соработка со Институтот за трансфузиона медицина.

A.T.

Можеби ќе ве интересира

ДВЕ ДАМИ ДА ВЛЕЗАТ ВО ОДБОРОТ НА ДИРЕКТОРИ НА „ЕВРОПА“ - предлог на акционер од фабриката за чоколади

ДВЕ ДАМИ ДА ВЛЕЗАТ ВО ОДБОРОТ НА ДИРЕКТОРИ НА „ЕВРОПА“ - предлог на акционер од фабриката за чоколади

КОЈ ЗАРАБОТИ 1,5 МИЛИОНИ ЕВРА ОД ИЗВОЗ НА ЈАГНЕШКО ЗА КАТОЛИЧКИ ВЕЛИГДЕН? Целиот извоз бил пласиран во Хрватска

КОЈ ЗАРАБОТИ 1,5 МИЛИОНИ ЕВРА ОД ИЗВОЗ НА ЈАГНЕШКО ЗА КАТОЛИЧКИ ВЕЛИГДЕН? Целиот извоз бил пласиран во Хрватска

ЧИСТЕЊЕ, ГОТВЕЊЕ, ПЕГЛАЊЕ: Жените кои се презафатени или имаат стари родители бараат куќни помошнички

ЧИСТЕЊЕ, ГОТВЕЊЕ, ПЕГЛАЊЕ: Жените кои се презафатени или имаат стари родители бараат куќни помошнички

ЕВЕ КАКО „ЛИДЛ“ ВО МАКЕДОНИЈА ГИ ПРЕЧЕКУВА НОВОВРАБОТЕНИТЕ: Пред еден месец вработени 37 лица во логистика, финансии, продажба дистрибуција...

ЕВЕ КАКО „ЛИДЛ“ ВО МАКЕДОНИЈА ГИ ПРЕЧЕКУВА НОВОВРАБОТЕНИТЕ: Пред еден месец вработени 37 лица во логистика, финансии, продажба дистрибуција...

СО „ПОЗАЈМИЦИ“ СЕ ГАСАТ ШТРАЈКОВИ И ПРОТЕСТИ ВО ДРЖАВАТА: Заеми се земаат од подоховни акционерски друштва

СО „ПОЗАЈМИЦИ“ СЕ ГАСАТ ШТРАЈКОВИ И ПРОТЕСТИ ВО ДРЖАВАТА: Заеми се земаат од подоховни акционерски друштва

ВО РЕГИОНОТ: Сакаат да ја вратат платата во плик

ВО РЕГИОНОТ: Сакаат да ја вратат платата во плик

ЦЕНАТА УРИВА РЕКОРДИ: Тон какао чини 11.000 долари

ЦЕНАТА УРИВА РЕКОРДИ: Тон какао чини 11.000 долари

ЕВЕ КОЈ ТРЕБА ДА ЧЕКА ЗА УТРЕ ДА „НАТОЧИ“ ГОРИВО, А КОЈ ДА ПОБРЗА - возачи, РКЕ ги објави цените

ЕВЕ КОЈ ТРЕБА ДА ЧЕКА ЗА УТРЕ ДА „НАТОЧИ“ ГОРИВО, А КОЈ ДА ПОБРЗА - возачи, РКЕ ги објави цените

ГРЦИЈА, ИТАЛИЈА И ФРАНЦИЈА СЕ НАЈЗАДОЛЖЕНИ ЗЕМЈИ: Бугарија и Естонија најмалку, еве што покажуваат податоците

ГРЦИЈА, ИТАЛИЈА И ФРАНЦИЈА СЕ НАЈЗАДОЛЖЕНИ ЗЕМЈИ: Бугарија и Естонија најмалку, еве што покажуваат податоците