СТРАВ ВО КИНА: Се шири нова зараза
Објавено во: Свет 18 Септември, 2020
Нова зараза се шири во Кина.
Повеќе илјади жители од северозападниот дел на земјата се позитивни на бактериското заболување.
Епидемијата се јави по истекувањето на опасен гас во биофармацевтската компанија за производство на вакцини. Инцидентот се случи помеѓу крајот на јули и крајот на август мината година. Фабриката користела средства за дезинфекција со истечен рок на траење.
Здравствена комисија во Ланжу, главниот град на провинцијата Гансу, потврди дека 3.245 лица се заболени од бруцелоза, што се пренесува преку контакт со говеда.
Други 1.401 лице се прелиминарно позитивни на оваа бактерија и досега не е забележана смртност, објави Си-Ен-Ен.
Бруцелозата, позната и како малтешка или медитеранска треска, може да предизвика симптоми како што се главоболки, болки во мускулите, треска и замор.
Дел од симптомите може да станат хронични или никогаш да не исчезнат, како што се артритис или оток во одредени органи.
По истрагата, во фабриката се одземени седум одобренија за ветеринарни лекови, а во февруари претставниците на фабриката се извинија и соопштија дека „строго казнија“ осум лица за кои е утврдено дека се одговорни за инцидентот.
11 јавни болници ќе обезбедат бесплатни и редовни прегледи за заразените пациенти.
И епидемијата на коронавирусот лани се појави во Кина, односно во градот Вухан.