Струмичани уценувани со експлицитни видеа и фотографии
Објавено во: Македонија 21 Јули, 2021
Мажи од Струмица се уценувани со експлицитни видеа и фотографии.
Лажни профили на Фејсбук, претставувајќи се како млади девојки на возраст од 25 до 30 години ги контактирале мажите и започнале онлајн конверзација со нив, а од видео комуникацијата без нивно знаење и согласност изготвиле експлицитен фото и видео материјал.
Во Секторот за внатрешни работи Струмица, Отсек за компјутерски криминал во последниот период евидентирани се пријави на кривични дела „Уцена“ или „Злоупотреба на лични податоци“.
„Уцената ја вршеле на начин што од страна на лажните профили се барала уплата на пари со цел предметните фотографии и видеосодржини да не завршат кај фамилијата на оштетените или нивните најблиски“, информира портпаролот на СВР Струмица, Александра Трајанова.
Отсекот за компјутерски криминал при СВР Струмица веќе постапувал по сите поднесени пријави.
„Сметките на кои требало да се уплатат паричните средства, стекнати со уцената, најчесто се од Брегот на Слоновата Коска. Секторот за компјутерски криминал при МВР веќе достави барање до социјалната мрежа Фејсбук да ги утврди електронските адреси од кои се регистрирани лажните профили, а побарана е и меѓународна правна помош“, додаде Трајанова.
Секторот за внатрешни работи Струмица апелира до граѓаните да не наседнуваат на уцени од ваков тип и да не споделуваат нивни фотографии или видео содржини со трети лица.