Сугарески: Пругата е готова, македонската и грчката железница нека утврдат нова линија
Објавено во: Економија 16 Декември, 2018
Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески во интервју за „Независен“ објави дека пругата Битола-Кременица за поврзување со Лерин е готова и ги повика македонската и грчката железница да утврдат воспоставувње на нова линија.
- Изградбата на пругата е веќе завршена, единствено останува да се изведат електрични поврзувања. Направен е и спојот меѓу македонската и грчката пруга и сега останува нашата и железницата на соседна Грција да утврдат воспоставување на нова линија или возни редови. Она што е најважно е дека пругата е готова, а тоа ќе придонесе за развој не само на Пелагонискиот Регион, туку и на цела држава. Таа пруга прв пат е изградена во 1894 година, а прекината е со сообраќај во 1986 година. Имаме обврска таа релација да ја воспоставивме повторно поради развојот на земјата - истакна Сугарески.
Министерот најави и дека конечно ќе биде пуштен во употреба автопатот Миладиновци - Штип.
-Изградбата на автопатот е веќе во финална фаза и очекуваме да биде комплетно завршен до крајот на годинава. Градежните работи се завршени, во моментов се работи на завршно асфалтирање на уште 500 метри и останува да се постави уште еластичната заштитна ограда. Како што ветивме, за многу скоро време ќе биде пуштен во употреба и конечно граѓаните од истокот ќе се возат по нов, модерен и безбеден автопат - изјави тој.