СВЕДОШТВА ЗА ПОЖАРИТЕ ВО СИБИР: Изминативе недели беше невозможно да се дише
Објавено во: Свет 06 Август, 2019
Јакутск е едно од најстудените населени места на Земјата и еден од неколкуте руски градови задушени од пожарите што летово го опустошуваат Арктикот, пишува Си-ен-ен.
„Изминативе недели беше невозможно да се дише, чадот кој доаѓа од шумата е насекаде околу нас и поради тоа сите бевме предупредени да останеме во нашите домови. Но, бубашвабите се најголем проблем. Тие бегаат од огнот и ги преплавуваат нашите домови“ – рече Муртаз, локален таксист, додека возеше низ градот исполнет со смог.
Алјаска и Канада исто така беа зафатени од пожари. Но, во Русија, чадот од опожарената шума се рашири на речиси половина територија од земјата, па дури стигна и до западниот брег на САД.
„Поради загревањето на Сибир можно е да се забрза глобалното затоплување. Но рускиот одговор беше бавен. Властите овде најпрво одлучија да не ги гаснат пожарите, освен ако не претставуваат директна закана за населбите, бидејќи тоа би било „економски неисплатливо“. Со други зборови, локалните буџети беа премногу ограничени“ – се наведува во репортажата на Си-ен-ен.
Пожарите ги погодија огромните неразвиени простори на источна Русија, па затоа, со цел да се стигне до овие места потребни се многу луѓе, авиони и гориво.